Don't Miss
Home / Култура / “Браќа Манаки“ останува да се одржува само во Битола

“Браќа Манаки“ останува да се одржува само во Битола

По разрешувањето на директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“, Димитар Николов – Таки, кој во неговата реакција до јавноста, посочи дека Друштвото на филмски работници на Македонија усвои Правилник во кој постои можност за дислокација на Фестивалот “Браќа Манаки“ надвор од Битола.

-Новиот правилник, ниту јас, ниту кој и да е нормален човек, не може да го прифати, ниту делумно, ниту во целост, затоа што се донесува во време кога ИФФК “Браќа Манаки“ веќе има добиено средства од Агенцијата за филм на Македонија за програма со која е веќе аплицирано и кога градот Битола повторно не поддржал за активностите кои ќе се одржат годинава. Со новиот правилник таа програма е оневозможена.

ДФРМ со оваа одлука се става над институциите кои го финансираат фестивалот. Според овој нов правилник, дури е оставена можноста фестивалот да не се организира во градот Битола-посочи Николов во реакцијата по неговото разрешување.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески уверува дека додека е тој на челот на град Битола, филмскиот фестивал “Браќа Манаки“ останува единствено да се одржува само во Битола и никаде на друго место.

-Додека сум јас градоначалник во Општина Битола, нема шанси фестивалот да биде на др-уго место, освен во Општина Битола. Тој може да се дисперзира, доколку центарот е тука и доколку ние така одлучиме. Ние сме одлучиле ИФФК “Браќа Манаки“ да биде во Битола и тој и понатаму останува во Битола- дециден е  градоначалникот  Владимир Талески.

И првиот човек на Битола, градоначалникот  Талески  изрази  изненадување  од одлуката на Друштвото на филмски работници за смена на директорот на “Браќа Манаки”, особено што Николов доставил комплетен и прецизен извештај за работата во изминатата година.

-Јас официјална информација немам, тоа го разбрав од новинарите и медиумите, се надевам дека во наредниот период ќе имаме некаква прецизна информација. Во секој случај, јас сум градоначалник на Битола, фестивалот е многу значаен и не сакам ова да го сфатам како рушење на фестивалот, но очигледно немаме доволно информации за причините зошто е тоа така- истакна градоначалникот  Талески.

Последните случувања со  филмскиот фестивал “Браќа Манаки“ ја разбрануваа јавноста и ги потсетија битолчани на настаните пред неколку години  кога се заговараше преселба на фестивалот, но тогаш битолчани и градот остро се спротивставија.

“Браќа Манаки“ е исклучително  важен фестивал не само за Битола туку и за Република Македонија и ја афирмира државата и Битола  во најпозитивно светло.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*