СВР-Битола до надлежното Основното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.М.(19) и уште три малолетници, сите од Битола, поради постоење на основи на сомнение дека во периодот септември минатата година до март годинава во повеќе наврати сториле кривични дела „тешка кражба“.
На 8 март годинава пријавените влегле преку затворена метална порта во дворот на куќа во Битола и со делување врз патент брава на вратата од влезот влегле во истата и одзеле два паричници со 20.000 евра, злато со тежина околу 400 грама во вредност од околу 10.000 евра и четири пара обетки “Сваровски“.
Тројца од пријавените во периодот од 01-06.03. годинава, преку балкон од куќа во Битола, со кршење на прозорецот влегле во дневната соба од куќата и одзеле два златни прстени. Истите наредниот ден (07.03.) влегле преку ограда во двор од куќа во Битола, со употреба на алат насилно ја отвориле вратата од визбените простории, но го активирале сигурносниот алармен систем со што биле спречени во намерата и го напуштиле местото. Ноќта пак на 07. спроти 08.03. со употреба на физичка сила ја отвориле влезната врата од црквите “Св.Ана“ и “Св.Петка“ на МПЦ и од метална кутија за доброволен прилог одзеле парични средства во вредност од 220 денари. На 08.03. со насилно кршење на прозорец влегле во куќа, извршиле пребарување во просториите оштетиле една блиндор врата и одзеле бакарни садови.
Во феруари годинава пак, соопшти денеска МВР, поточно на 27.02., еден од пријавените, во програмерска фирма, на дрзок и безобзирен начин, од лице од Битола одзел кожна јакна, во која имало паричник со лични документи. Првопријавениот А.М., во текот на септември 2014 година, со употреба на физичка сила и алат делувал на катанецот од куќа, меѓутоа бил спречен во намерата од лице кое живеело во истата, по што истиот избегал во непознат правец.
Со сите досега евидентирани извршени дела пријавените направиле материјална штета од околу 1.916.200 денари.