Don't Miss
Home / Спорт / Чиј е фудбалскиот клуб Пелистер?

Чиј е фудбалскиот клуб Пелистер?

Кога станува збор за фудбалскиот клуб Пелистер, кој во минатото првенство ја напушти Првата фудбалска лига, по се изгледа дека има и трето полувреме.

Во последно време, а особено по испаѓањето на Пелистер се почесто и погласно се поставува прашањето чиј е фудбалскиот клуб Пелистер и кој е вистински  сопственик на клубот.

Иако на почетокот на пролетниот дел од првенството, доминантните сопственици на клубот, кои имаат над 75 отсто од акциите, најавија заминување од Пелистер и  ги вратија клучевите на Општината Битола, како што стојат работите тие и натаму се сопственици на клубот.

Изгледа навистина чудно но вистината е таа. Сопственици на доминантниот пакет акции на ФК Пелистер се претходните сопственици, кои незадоволни од тоа што не најдоа заеднички јазик со општината најавија заминување од клубот и враќање на акциите во корист на Општината Битола.

По таквата одлука да го вратат клубот, екипата на Пелистер во зимскиот преоден рок ја напуштија дури 17 фудбалери и тренерот Срѓан Захариевски, па новиот тренер Марјан Секуловски, кој беше ангажиран заедно со “новата управа”  мораше набрзина да скрпи тим кој играше во пролетниот дел од првенството.

Во тој период кога судбината на Пелистер беше сосема неизвесна од сопстевниците на Пелистер  велат упатените во (не)приликите в Пелистер, немаше ни трага ни глас, па клубот мораше да се справува со решавање на сите наталожени проблеми.

Иако се сметаше дека и покрај тоа што сопствениците се откажаа од Пелистер, сепак екипата ќе се избори за опстанок во Лигата, за жал тоа не се случи. Пелистер по неуспехот на неколку клучни натпревари во Битола мораше да се збогува од Првата фудбалска лига и да се пресели во Втората лига.

Во текот на целата полусезона според изјавите на стручниот штаб и дел од фудбалерите  од газдите на Пелистер немалое ни трага ни глас, а за   егзистенцијата на клубот се грижела само локалната самоуправа која редовно ги сервисирала  своите обврски, но кои за жал секогаш не завршувале за потребите на  играчите и тренерите.

Во фудбалските кругови во Битола во тоа време се шпекулираше дека иако сопствениците се откажале од водењето грижа за Пелистер, сепак тие  воопшто не го предале клубот на Општината и дека тие и натаму  се сопственици на  клубот.

За тоа зборуваат информаците  кои допираа до нас дека иако Пелистер имаше свој нов  директор ( Менде Степановски ) сепак вистински директор со право на потпис бил  претходниот директор  Благоја Кочевски-Блашко, кој има единствено овластување да подигнува пари од жиро сметката на Пелистер.

Со цел да ги провериме таквите наоди, деновиве се обративме во Централниот регистер од каде добивме информација дека состојбата во фудбалскиот клуб Пелистер воопшто не е променета откако ЗК Пелагонија и Орце Камчев го презедоа клубот.

Имено според тековната состојба овластено лице  и генерален извршен директор на фудбалскиот клуб Пелистер е Благоја Кочевски Блашко од Скопје, кој во внатрешниот и надворешниот промет има неограничени овластувања .

Покрај Благоја Кочевски, Одборот на директори на ФК Пелистер го сочинуваат Сашо Босилков од Скопје, кој е извршен  директор, а неизвршни членови на Одборот на директори се  екс секретарот на Општината Слободан Бончановски, кој во меѓувреме е суспендиран од работа, потоа  Гордана Цветковска Бошевска  Цветан Панделевски, Јорда Камчев и Леонардо Фуна, Драган Китановски како и Бруно Пресилски.

Акционерското друштво Пелистер има 250  обични акции, а номиналната вредност на една акција е 100 евра.

Главнината на клубот “ тежи” 25.000 евра во непаричен влог.

Инаку старото раководство на Пелистер наводно не се повлекува од кормилото на клубот додека не ги исплатило сите обврски кои ги има според некои доверители, играчи на клубот и тренерот Наџи Шенсои, кои наводно имале договори со Пелистер и кон кои Пелистер имал долгови, како по основ на договори, така и по основ на неисплатени плати.

Таквиот вкупен долг на Пелистер  кон нив изнесувал уште околу 200.000 евра, кои доминантните акционери бараат Општината да им ги исплати за да го остапат клубот.

Кога станува збр за Пелистер во игра се многу чудни игри.

Ако е точно дека Општината му должи на акционерите 200.000 евра тогаш се поставува прашањето зошто сопствениците и го остапуваа  клубот на Општината доколку таа му испалти 100.000 евра пари, кои наводно  тие ги побарувале.

Воедно се поставува прашањето како е можно една цела полусезона Пелистер да го водат лица  кои апсолутно не се воопшто запишани во тековната состојба на Централниот регистер и со тоа тие немаа никакви овластувања.

Воедно многумина се прашуваат кога локалната самоуправа се согласила  да го прифати долгот од 200.000 евра и тие долгови да се исплатат на некои играчи и тренерот Шенсои да ги сервисра?

Јавноста треба да знае и тоа колку се вистинските долгови на Пелистер и кои играчи колку побаруваат, зашто има шпекулации дека претходното раководство со некои фудбалери имале склучено  фиктивни договори по енормно високи плати.

Воедно се поставува прашањето како е можно една цела полусезона да нема разрешница околу сопственоста на Пелистер, а клубот од вистиските сопственици да биде оставен на милост и немилост.

По испаѓањето на Пелистер од Првата лига Битола остана без прволигашки фудбал. Вистинските љубители на фудбалот во Битола се загрижени за состојбата во која се наоѓа Пелистер. Во изминатиот период во два- три наврати, а и последните денови преку графити, популарните “чкембари “ го искажаа своето незадоволство од состојбата во која се наоѓа Пелистер.

Токму затоа за да не ескалираат состојбите неопходно е потребно сопстевниците на клубот и општината  Битола да седнат и да ги расчистат состојбите.

Во спротивно на Пелистер не му се пишува добро, а нема да биде чудно доколку Пелистер испадни и од Втората фудбалска лига.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*