Don't Miss
Home / Колумни / Политичка деменција

Политичка деменција

                              

          Деновиве, откако во Собранието на Република Македонија помина Законот за прифаќање на уставните амандмани во “ ексклузивно интервју “  на јавноста и се обрати  вечно “талентираниот старо- млад политичар”  на ВМРО ДПМНЕ, Александар  Николовски, кој во самобендисан  негов препознатлив стил, побара предвремени парламентарни избори.

          Ветувајќи сигурна и убедлива победа Николовски  дословно изјави дека доколку ВМРО ДПМНЕ се врати на власт, а во што тој не се сомнева,  новата власт не само што ќе си го врати уставното име Република Македонија, туку во новите преговори со Грција ќе се избори за друго решение  околу името со Грција  и дека подоцна, под уставното име ќе се избори за влез на Македонија  во НАТО и ЕУ.

-Македонија, за жал, и со променето име и целосно обезличена е далеку од датум за преговори во јуни оваа година и ако треба денес да се обложам би се обложил дека Македонија нема да почне преговори со ЕУ за членство оваа година. Но тоа е така затоа што Владата не работи и не испорачува реформи. Во таа насока евентуални предвремени парламентарни избори ќе помогнат Македонија да почне преговори со ЕУ, затоа што откако ќе се промени власта, ќе дојде нова и способна влада на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе испорача реформи и ќе го заслужи своето место во ЕУ, изјави потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски и остана жив.

Истиот тој Никловски во една поретходна негова колумна напиша:

-Текстов го пишувам од Брисел и за жал морам да констатирам дека како никогаш порано сум песимист околу можноста во јуни 2019 година Македонија да почне преговори за членство со ЕУ. Од овде можам да кажам дека веројатноста Македонија да почне преговори за членство во ЕУ во 2019 е сведена на теорија. Со многу едноставно образложение – владата на Заев не испорачува ништо во делот на реформите кои треба да значат подобар живот на граѓаните. Сите со кои разговарам во Брисел го велат истото. Да, го потпишаа договорот од Преспа, но тоа не е доволно. Значи да сме на јасно што вели Брисел – промената на името не е доволна не само за членство во ЕУ, туку и воопшто за почеток на преговори со ЕУ. За да се случи тоа Македонија мора радикално да се менува, пред се во делот на владеење на правото, во работата на јавната администрација, борбата со корупција, како и силно економски да напредува преку нови инвестиции и нови работни места.

Заев и Димитров треба да знаат дека до изгласувањето на уставните амандмани им  замижуваа  за се. Но потоа следи реалната критика. Што мислат Заев и неговите соработници дека во Брисел не знаат, или можеби ќе им простат што се краде од државниот буджет на големо, што се местат тендери и што немилосрдно се цица од народната каса.Мислат ли дека ќе им простат само затоа што решиле да го променат името на Македонија. Или мислат ли дека Брисел не гледа дека администрацијата е уште погломазна, понеефикасна и попартизирана.

ВМРО-ДПМНЕ, а и јас лично сакаме Македонија да напредува и да добие датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019. Сакаме и што побрзо Македонија да стане членка на ЕУ. Но  тоа ќе мора да почекаме  да се случи по  следните  предвремени избори и победата на ВМРО-ДПМНЕ. со силна и посветена работа да го надминеме ова што сега Македонија ќе го загуби заради неспособноста на Заев. Неспособноста мора да биде заменета со компетентност, стручност и посветеност.

          Читајќи ја колумната и интервјуто на Алексанадар Николовски неколку пати се прекрстив. Но среќа што моето крстење моите блиски го сфатија како  мое празнично крстење  по повод  Божикните празници.

          Никако не  можев да се изначуадм колку “талентираниот” старо млад политичар на ВМРО ДПМНЕ Николовски  станал толку многу голем демагог и говори со јазикот на своите претходни сопартијци, кои кога ја спроведуваа политиката на нивиот пастир, Никола Груевски се однесуваа како свешетниците, проповедаа вода, а пиеја вино и неотрезнети од своето политичко пијанство на народот му ветуваа европски вредности, по кои Република Македонија според нив беше во самиот врв на Европа, а и светот.

          Како човек кој многу не им верува на политичарите мене воопшто не ме изненадија ставовите на Николовски околу (не)решавањето на проблемите на Македонија со кои се соочува државата не само сега туку  од своето осамостојување.

          За себе и заполитиките на ВМРО ДПМНЕ, Николовски може да мисли што сака, но буквално не ми е јасно и не можам да се изначудам  како може човек кој беше еден од најлојалните поддржувачи на Груевски и неговите политики  сега да ни глаголи дека кога ВМРО ДПМНЕ би се вратила на власт би го решиле многу подобро спорот со Грција  за  името.

           Зачудува што  Николовски не одговори што го спречуваше него и неговата партија во изминатите 11 години под режимот на Груевски и 4 години за време на владеењето на Георгиевски да се изборат за подобро решение  со Грција за името,туку со орлови нокти се бореа да ја задржат привремената референца ФИРОМ, но и во тоа не успеаја.

          Но тоа што најповеќе ме иритира да ја напишам оваа пост празнична колумна е што Николовски сега зборува дека решавањето на спорот за името не бил  услов за влез во ЕУ и НАТО,  за цицање на  буџетот од страна на власта, за партизирано судство, за местени тендери, за криминал, партиски вработувања, за гломазна и неефикасна администрација.

          Да беше повозрасен политичар ќе помсилев дека човекот има деменција, но сепак тој како млад политичар не само што треба туку и мора да знае како ВМРО ДПМНЕ се однесуваше на власт додека Груевски ја водеше државата. Тој не треба да заборави како и колку тогаш се цицаше буџетот, како се местеа тендерите, како и колку  луѓе административци седеа дома а земаа плата, кој го измисли Сваровски судството, како судеше тогаш судството, како се (и)менуваа судиите од тефтеречето на Гордана, како се избираа локалните, или државните функциониери, како се апсеа политичките неистомисленици,каква беше слободата на говорот кога луѓето наместо да зборуваат шепотеа, каква слобода имаа  медиумите и како тие се финасираа          .

          Наместо Александар Николовски како (старо)млад политичар да го крени гласот  за реформи во својата партија, тој се залага за реформи во државата. Ако е и од Николовски многу е.

          Такви “реформатори” и   “реформи”какви што спроведуваа тој и неговите сопартијци се изнагледавме во изминатите години.

          Време е да остават времето нив да ги потврди или демантира.

          За разлика од нив народот во Македонија не страда од деменција и добро памети кој како владеел.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*