Don't Miss
Home / Uncategorized / Јоана како Мара ги воодушеви битолчани во “Вавилон”

Јоана како Мара ги воодушеви битолчани во “Вавилон”

                        

          Добитничка на престижнот признание за трајни вредности на манифестацијата “ Избираме најуспешни битолчани 2018 “ е познатата актерка, доајен на Народниот театар од Битола, Јоана Поповска.        Извонредната актерка, Јоана Поповска е првенка на Народниот театар во Битола, која со еднаков успех настапувала во дела од различни жанрови. Таа се експонира  во дела од антиката, комедијата, психолошката драма и трагедијата, наметнувајќи се со својата инспиративна игра и со својот богат сценски темперамент.
Родена е во 1943 година, во Битола. За првпат на сцената на Народниот театар – Битола се појави како петгодишно дете, играјќи го ликот на детето во претставата „Печалбари” од Антон Панов , а на
шеснаесет години, заради извонредниот талент, станува редовен член на колективот на Битолскиот театар и со децении е на самиот врв, играјќи мошне интензивно и без здив. Со зачудувачка леснотија и спонтаност, со богати внатрешни пулсации, со неисцрпна фантазија ги креира ликовите од античката, странската и домашната драматургија.
За тоа потврда е наградата на град Битола „4 Ноември”, доделена за ликот на Катерина во „Бура” од Н. Островски.
          Најзабележителни остварувања кои се издвојуваат во огромниот список на одиграни ликови се: Катерина во „Бура” од Островски, Офелија во „Хамлет” од  Шекспир, Дездемона во „Отело” , Петрунела во „Дундо Марое” , Живка во „Госпоѓа министерка”, Електра во „Агамемнон -Електра”,  Мара во „Свадбата на Мара” од Костов. Со зачудувачка леснотија и спонтаност, со бујна разиграност и фантазија креира ликови од детската драматургија: Дивна во „Педаче” од Љубиша Ѓоќиќ , Мери во „Сенката на Господинот Вип”, Пипи во „Пипи долгиот чорап”  и Дороти во „Големиот волшебник” .
       Во периодот од 1978 -1995 година таа го напушта  Народниот театар во Битола  и преминува во драмата на Македонскиот народен театар во Скопје. Но и покрај тоа, таа како гостин со несмален интензитет и соживеаност го игра ликот на Велика во „Пиреј” од Петре М. Андреевски. И по нејзиното пензионирање, таа интензивно продолжува да настапува, останувајќи верна на својата битолска публика.

Настапува во мошне забележителните претстави.

Богатото креативно присуство е забележано во дуодрамата „Столови”. Со улогата на Мара во „Свадбата на Мара”  го постигнува најголемиот успех. Само во една година  освојува три врвни признанија: наградата „Златен ловоров венец” на МЕС Сараево, Стерјината награда за најуспешна актерска креација и највисокото републичко признание „11 Октомври”. Со својата оргиналност, неуморност, внесувајќи се во секој лик, се здобива и со три артистички награди и наградата „Војдан Чернодрински” за животно дело, а со претставата „Трите високи жени”  со престижната награда „Ристо Шишков” за најдобро актерско остварување. Трипати ја има добиено  наградата „Европски актер”.

Во изминатите 58 години актерска кариера одиграла околу 370 улоги со над 3.100 изведби и освоени врвни актерски награди.

По добивањето на признанието за трајни вредности, актерката Јоана Поповска за присутните во салата изведе еден  дел  од преставата  “Свадбата на Мара” на Владимир Костов.

-Пресреќна сум што покрај за животно дело станав добитничка и на признанието за трајни вредности, кое го доделува Битолски весник.

          Со добивањето на ова високо  признание всушност се заокружува мојата актерска кариера и среќна сум што тоа  се случи во Битола, во мојот град и што за се што сум направила на штиците што значат живот признанието дојде од нашиот почитуван медиум “ Битолски весник”, изјави Јоана Поповска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*