Don't Miss
Home / Политика / Далеку од очите на јавноста се кројат кандидатските листи

Далеку од очите на јавноста се кројат кандидатските листи

Денеска, кога читателите ќе го имаат овој број во своите раце, точно на полноќ, треба да се знае не само кои политички партии или независни кандидати ќе учествуваат на претстојните предвремени парламентарни избори, туку до ДИК треба да бидат доставени и листите со кандидати за пратеници во новиот состав на Собранието.

До моментот кога го пишувам овој текст се уште никој, освен ВМРО-ДПМНЕ, немаше најавено дека ќе учествува на изборите, а не беа познати ни листите на кандидати за пратеници.

Засега ни една политичка партија или коалиција не излегува во јавноста со кандидатските листи, бидејќи тие немаат намера да учествуваат на претстојните избори.

Иако, засега, официјално, само СДСМ и нејзините коалициски партнери се категорични дека на 5 јуни нема да учествуваат на изборите останатите политички партии својата апстиненција од изборите ја најавуваат со задршка.

Во овој момент не е познато ни тоа која од албанските политички партии ќе учествува, или нема да учествува на изборите.

Своето (не)учество на изборите тие го поткрепуваат со фактот  што до ДИК не доставиле список со нивни членови на избирачките одбори.

Иако ВМРО-ДПМНЕ е категорична дека на 5 јуни сигурно ќе учествува на изборите, без разлика дали истите ќе ги бојкотира опозицијата или не, засега и оваа владејачка партија не се изјаснува со кои кандидати ќе истрча на претстојните предвремени избори.

Од седиштето на ВМРО -ДПМНЕ само информираат дека во партијата се прават завршните анкети за потенцијалните кандидати за пратеници и дека во новиот парламентарен состав покрај старите и веќе добро познати лица на оваа партија, граѓаните ќе можат да видат и доста нови кандидати, кои досега не биле експонирани на македонската политичка сцена.

Што се однесува до  Битола пред претстојните парламентарни избори едно е сигурно, а тоа е дека на следните избори на 5 јуни, доколку тие се одржат нема да учествува вечниот независен кандидат Христо Георгиевски -Спанаќот. Имено, како што е познато, тој пред неколку дена почина и е погребан на Буковските гробишта.

Во ваква политичка ситуација каква што е во моментот и кога висат изборите закажани за 5 јуни, во ВМРО-ДПМНЕ, во овој момент, никој не сака да излегува во јавноста кои кандидати ќе се најдат на кандидатските листи за пратеници.

Од оваа партија велат дека активностите се во тек и дека за тоа ќе се изјаснат партиските органи.

Иако засега никој не сака да ја истакне својата кандидатура, сепак, според извори на Битол-ски весник, за пратеничките мандати својата заинтересираност ја покажале голем број кандидати.

Најголемиот број од нив себеси веќе  се сметаат за сигурни на кандидатските листи. Има и такви кои веќе за себе си ги резервираа и добитните места.

Но, поради начинот на изборот на кандидатите,  во кој последниот збор го има лидерот Никола Груевски, никој не може да биде сигурен дека ќе ја  добие неговата доверба.

Сепак, иако списокот на заинтерисираните кандидати за пратеничките  мандати,  како по обичај во ВМРО-ДПМНЕ е многу голем, тие кои одблиску ги следат состојбите во партијата, сметаат дека тој веќе е доста скратен и е сведен само на неколкумина кандидати.

Со цел да не се добие впечаток дека ние некого фаворизираме овој пат ќе оставиме кандидатите да ги соопшти  партијата, вечерва, по 24 часот, кога до ДИК треба да биде доставен списокот на кандидатите за пратеници во сите изборни единици па и во Петтата.

Во чеврток, утрината, списокот ќе ја види светлината на денот.

Од тој момент практично ќе почне и изборната кампања за следните предвремени парламентарни избори, кои во овој момент никој не може со сигурност да каже дали воопшто ќе се одржат.

 

Б.В.    

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*