Don't Miss
Home / Колумни / Датум

Датум

                                       

          Дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите за влзе во ЕУ, или не ?

          Ова прашање во последните денови стана најпоставуваното во нашата држава.

           Додека народот во Македонија секојдневно и најчесто се прашува како да го истурка месецот и да ги подмири секојдневните трошоци, политичарите во државата, како на власта, така и на опозицијата,  речиси 24 часа на ден, седум дена во неделата  се занимаваат со прашањето дали  Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ.

           (Не)добивањето на датум за почеток на преговори  кај нас стана толку многу битно што некои  го поистоветуваат со Хамлетовското прашање ќе не биде или не.

          Додека власта се обидува (сеуште)да верува дека Македонија на Самитот на шефовите на државите, на 17 и 18  октомври, во Брисел  ќе добие датум за почеток на преговорите, опозицијата, иако на почетокот срамежливо,  сега се поубедливо тврди дека на престојниот самит во Брисел, Македонија сигурно нема да добие датум за почеток на преговорите.

          Како што стојат работите дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите за ЕУ во наредните два дена нема да се знае до завршувањето на Самитот на шефовите на држави и влади.

          И како што е вообичаено кај нас  кога се расправа за датумот за почеток на преговорите  едните и другите постојано се обвинуваат меѓу себе за тоа кој (би )бил виновен за (не) добивањето на датумот.

           И покрај тоа што Европската комисија и нејзините промотори во заминување, Хан и Могерини предложија конечно Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите,  сепак добивањето на датумот сеуште е неизвесен.

          Со спортски речник кажано, за неговото (не)добивање ќе се одлучува буквално се до последната  секунда, можеби дури и во продолжението на Самитот на шефовите на држави и влади.

          Иако Македонија досега имала дури 10 препораки за почеток на преговорите, сепак  по правило секогаш не сме добивале конкретен датум за почеток на преговорите.

          Но тоа за нас не ништо, ни ново ни непознато.

           Македонија во изминатите три децении, на своите европски интеграции постојано наидувала на голем број препреки и условувања.

          Земјите од демократскиот свет, кон кој се стремиме да одиме дури интеграцијата на Македонија во ЕУ ја условија со менувањето на нашето уставно име, што е нон сенс во историјата на било која земја во светот.

          И сега  слушаме  како смената на името не било исполнет критериум  за (не)добивање на датум за преговори.

          Но (не)добивањето на датумот за почеток на преговорите,  иако ќе предизвика нови фрустрации кај најголемиот број граѓани, не е толку загрижувачко, колку што лично мене ме  загрижува тоа што кога станува збор за Македонија европските лидери постојано ги менуваат условите и критериумите,а нашите политичари толку наивно им веруваат.

          Сега одеднаш испадна дека менувањето на уставното име  не бил исполнет  услов за добивање датум за почеток на преговорите.

          Цели 3 децении постојано  слуша(в)ме дека смената на уставното име е единствениот  услов за почеток на преговорите.

          Сега слушаме дека  смената на името не било единствениот  услов, туку биле реформите во (право)судството и донесувањето на Законот за СЈО.

          Иако можеби ќе звучи цинично но  доколку тоа е така, лично мислам дека нам ни нема спас и дека Македонија никогаш нема да  ги почне од преговорите за влез во ЕУ.

          Иако сите власти и политички партии постојано најавуваат реформи во (право)судството, сепак ни една власт не се откажа(ла) од влијанието врз судството.

          Македонските политичари единствено независно и реформирано (право)судство бараат само кога се во опозиција. Кога се во опозиција тие тврдат дека судството е партизирано, корумпирано, непрофесионално. Кога ќе дојдат на власт тоа е професионално, независно,  непристрасно…

          И токму заради таа всадена свест кај политичарите  во Македонија не можат никогаш да се случат реформи во (право)судството.

          И на крајот не знам зошто толку многу значење му се дава на (не)добивањето датум за почеток на преговорите.

          Добивањето датум е само  добивање одреден термин како  на  факултет кога ќе ви закажат испити. Но полагањето испити  почнува подоцна, по добивањето датум.

          А ние за полагање на испити, со одредени исклучоци, во одредени сфери ниту сме биле, ниту сме  подготвени.

          Македонија сеуште е далеку од уредена и суредена  европска држава.

Тоа ние самите треба да си го признаеме, а не тоа да ни го кажуваат  странците.

По сето тоа што ни се случи во последните години, со испуканите и неиспуканите “бомби”, а посебно сега со СЈО и аферата # Рекет #,  не можеме да се пофалиме дека сме држава која ги исполнува стндардите за ЕУ.

Секое поинакво гледање на работите е само ново залажување, кое уште повеќе ќе не оддалечи не само од Европа, туку и од светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*