Конститутивната седница на новиот состав на Парламентот ќе биде закажана откако Државната изборна комисија (ДИК) до Собранието ќе го достави Извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори 2016 и освоените мандати, информираат денеска од Кабинетот на претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски.
Според најавите од ДИК, Извештајот до Собранието ќе биде доставен во среда, така што се очекува тогаш да се знае датумот на конституирањето на новиот состав на Парламентот.
Според член 63 од Уставот на Република Македонија, новоизбраниот состав на Собранието се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.
Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21 ден од денот на завршувањето на изборите.
Според член 90 од Уставот, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2.
Вчера на избирачкото место 2011 во Теарце се прегласуваше, но бројот на добиени гласови не влијаеше врз брјот на мандати што го oсвоија партиите.