Непосредно пред почетокот на денешната собраниска седница Владата предложи измени во Изборниот закони со кои членовите на Државата изборна комисија би се бирале со просто мнзоинство, наместо со двотретинско. На овој начин, велат од Владата, би се надмината блокадата во собраниската Комисија за именувања и мандатно имунитетни прашања, со која претседава Илија Димовски, кој веќе неколку недели одбива да закаже седница.
Бидејќи работата на Комисијата е блокирана, власта со политички притисок се обидува да ја натера опозицијата да се откаже од ваквиот пристап. Владата предлага од Изборниот законик да се избрише зборот „двотретинско“ при гласањето на членови на ДИК.
„Со цел да се разреши проблемот што се појави со блокирање на процесот на избор на Државната изборна комисија, cе предлага соодветна измена со која ќе се разрешат објективно настанатите состојби. Уставот на Република Македонија го уредува потребното мнозинство за донесување на одлуки, кое варира во зависност од законската материја или избраната или именувана позиција за која се носи одлука. Целта на овие механизми, а особено на двотретинското мнозинство при носење на одлуките е да се обезбеди поширок легитиметет и инклузивност на сите политички субјекти претставени во Собранието. Дополнително, освен овие уставни решенија, определени закони предвидуваат двотретинско мнозинство за избор на членови на тела, во конкретниот случај двотретинско мнозинство за избор на членови во Државната изборна комисија според Изборниот законик. Сепак, ваквото решение и покрај добрата намера при неговото креирање, не смее да се претвори во своја спротивност, овозможувајќи и на парламентарната опозиција целосно да го блокира процесот на донесување на одлуки, поточно изборот на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија“, стои во предлог измените.
Затекнати од овој предлог пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реагираа велејќи дека власта се однесува недемократски. Пратеникот Драган Данев рече дека со ова Владата ја навредува интелигенцијата на граѓаните.
Тие побараа пауза од еден час.
Собраниската седница продолжува во 14.30 часот, а Изборниот законик е единаесета точка на дневен ред и предложен е да се разгледува по скратена постапка.