Волкот го менува влакното, ама навиките не. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги менува раководствата, но навиките му остануваат исти. Лагата е нивни заштитен знак“. Ова денес пред медиумите го изјави потпретседателот на Граѓанската опција за Македонија Љупчо Пренџов.
Тој истакна дека пред неколку дена нивниот министер за надворешни работи Никола Димитров изјави дека договорот за добрососедство со Бугарија е готов и е во Собранието на Република Македонија, додека премиерот Заев вели дека договорот се уште не е затворен. Кој овде не ја кажува вистината, премиерот, министерот Димитров, или и двајцата?!
– Оваа Влада ветуваше дека ќе работи транспарентно и дека за сите прашања ќе се отвораат општествени дебати. Вчера, премиерот Заев пред очите на целата македонска јавност побара затворена седница на комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија. Господине Заев, ниту 45 дена не можевте да издржите- лагата е посилна од вас. Сакате нетранспарентно и далеку од очите на јавноста да разговарате и потпишувате договори кои задираат во македонските национални интереси. Ако за овие прашања не сакате јавност, тогаш за кои прашања на нас Македонците ќе ни треба дебата?- прашува Пренџов.
Бугарите уште на 5 јули го доставија договорот пред пратениците во бугарското Собрание , а од СДСМ како што велат можеби ќе го достават на 18 јули. Борисов неколку пати јавно изјави дека било која Влада во Бугарија нема да отстапи од нивните црвени линии. Тоа значи дека Заев ќе попушти на сметка на Македонците. Премиерот на Бугарија Бојко Борисов, нема што да крие, додека Зоран Заев е тој што крие од целата македонска јавност. Единственото прашање кое што виси е колку ја свиткал кичмата? Во овој контекст прашуваме дали и МАНУ планира да ја витка кичмата?! Прашуваме дали и од Сојузот на борците ќе ја виткаат кичмата?! ГРОМ бара договорот веднаш да се стави на увид на јавноста. Да се отвори дебата во научните и политичките кругови во Република Македонија. Ова е вистинското прашање кое треба да се стави на референдумско изјаснување на граѓаните. Господине Заев ајде да одиме на референдум во октомври заедно со локалните избори. Тоа е најисправно, најотчетно и најчесно кон македонскиот народ – рече потпретседателот на ГРОМ Љупчо Пренџов.