Со гордост можам да кажам дека ги стекнав двата најпрестижни сертификати од програмата ГЕСЕА (Глобални вештини за ендоскопија на Европското здружение за гинекологија), објави денеска д-р Христијан Трпчевски од болницата „Плодност“.
-Во декември 2023 година, во Clermont-Ferrand , Франција, ја имав привилегијата да работам и учам под менторство на проф. Benoit Rabischong претседател на ESGE, и д-р Revaz Botorschvilli, заменик-претседател на здружението.
Нивното водство и исклучителното знаење беа непроценливи за совладување на Ниво 1, кое опфати ригорозен теоретски дел со теми од анатомија, гинекологија и напредни ендоскопски технологии, како и практичен дел што бараше совршена изведба на хистероскопија, лапароскопија и хируршко шиење.
Во септември 2024 година, во MIS Academy Leuven, Белгија, го положив Ниво 2 – највисокиот степен од оваа престижна програма. Честа да бидам дел од водечките светски експерти во полето, во една од најреномираните академии, беше искуство што ја зацврсти мојата посветеност и стручност.
Ова ниво донесе уште поголеми предизвици, барајќи изведба на најсложените техники за хистероскопија и лапароскопија, кои беа внимателно оценувани од врвни професори.
Но, мојот успех не би бил можен без основите што ми ги постави мојот татко, прим. д-р Таше Трпчевски, пионер во лапароскопската хирургија во Македонија. Неговата визија и непоколеблива поддршка ми ги отворија вратите кон оваа гранка на медицината, а неговите зборови остануваат мој најголем поттик.
Приклучувањето кон глобалната мрежа на квалификувани ендоскописти е огромна чест, но и обврска да продолжам со усовршување и да го подигнувам нивото на медицинската нега во нашата земја и регионот.
Мисијата на болницата „Плодност“ е јасна: да продолжиме со стремежот кон извонредност и подобрување на животите на пациентите кои ни ја довериле и во иднина ќе ни ја доверуваат својата здравствена приказна.