Don't Miss
Home / Култура / Две македонски премиери и 76 филмови на “Браќа Манаки“

Две македонски премиери и 76 филмови на “Браќа Манаки“

ИФФК „Браќа Манаки” и Вип оператор денеска во “Сити хол“ во Скопје, ја објавија целосната програма на 35-тото издание на Фестивалот „Браќа Манаки”, која преку осум програмски категории опфаќа исклучителни 76 филмови, од кои 20 се македонски проекти или филмски копродукции во кои учествува и Република Македонија. Најинтересни за јавноста секако се долго очекуваните гала премиери на двата нови македонски филма кои за првпат ќе бидат прикажани пред широката публика и надвор од фестивалска конкуренција. Тоа се речиси тричасовниот историски спектакл на Столе Попов, “До балчак“, кој ќе биде прикажан на 14 септември од 20 часот, и социјалната драма “Деца на сонцето“, третиот игран филм на режисерот Антонио Митриќески, кој ќе биде презентиран на свеченото затворање на 19 септември во истиот термин, со што ќе продолжи традицијата најважните македонски филмови првпат да се прикажуваат во рамки на фестивалската програма во Центарот за култура во Битола.

-Би сакала да го изразам моето големо задоволство што се наоѓаме пред 35-тото, јубилејно издание на најстариот и најзначаен филмски фестивал во Република Македонија, Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“, кој годинава ќе биде одбележан со низа исклучително значајни премиери и присуство на врвни гости од земјата и странство, ќе биде ново филмско уживање за љубителите на седмата уметност. Убедена сум дека ова издание уште еднаш ќе ја потврди нашата посветеност кон филмската уметност и големата експанзија на македонската кинематографија”, – рече министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска.

Children of the Sun_2

 

Македонија преку “Браќа Манаки“ и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо- посочи директорката на Фестивалот, Лабина Митевска.

-Годинашното мото на фестивалот не е избрано случајно. Постојано стремејќи кон повеќе и подобро, цврсто застанати на земјата, го подготвивме и ова фестивалско издание кое повторно нуди врвни филмови, возбудливи и провокативни, креативни и мајсторски сработени. Повторно носиме легендарен директор на фотографија и еден негов помлад колега кој сигурно чекори кон легендите. Повторно носиме врвни филмски ѕвезди, повторно најдобрите македонски филмски продукти стапнуваат на платформата Манаки. Повторно нашите филмаџии, нашите студенти и филмофили ќе се дружат, учат, разменуваат искуства и ќе остваруваат контакти со врвни филмски професионалци од светот. Македонија преку “Браќа Манаки“ и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо. Повторно Битола ќе биде домаќин на најголемиот мал фестивал. Повторно Битола ги отвора портите за сите вљубеници во филмот, дојдете да уживате во главната програма, придружните настани и прекрасните дружби до доцна во ноќта. Повторно ѕвездите ќе сјајат најсилно во Битола, повторно ќе ви се помешаат реалноста и сонот, филмската визија и ноќното небо, повторно Битола ќе го облече својот космополитски костум, повторно и засекогаш, само напред и само нагоре. Само смело и само решително, како што правеле браќата Манаки.”, – рече директорката на Фестивалот, Лабина Митевска.

To the Hilt

Во главната програма имаме филмови од четири континенти, четири филмови кои однеле награди од Берлин (освојувачот на „Златната мечка”, лауреатот на наградата за фотографија), тројца наградени од Кан, „позлатени” и номинирани филмови од Карлови Вари, Сиднеј, Торонто, Венеција…

35-тото издание на „Браќа Манаки” ќе се одржи од 13 до 19 септември. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот “Кон ѕвездите“. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300” за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300”, Англичанецот Крис Менџис.

Фото: МИА и прес служба на ИФФК “Браќа Манаки“

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*