-Битола има посебно место во моето срце и тоа секогаш ќе остане така. Заради Битола, заради сите искуства кои ги имам проживеано во овој град, сите лекции кои ги имам научено, сите луѓе кои ми станаа дел од животот и се што имаме изградено заедно, останав да живеам и работам тука, во Македонија. Пред да се преселам во Битола бев убедена дека никогаш нема да можам да живеам и работам во Македонија. Кога се вратив од Америка, мислев ќе останам само привремено и дека пак ќе си одам, меѓутоа еве, 11та година тука сум. “Кромберг и Шуберт” е дел од мојот живот, тоа ми е тимот, тоа се луѓето кои ми се најсилна страна, со кои знам дека нема нешто што е невозможно. Мене цел живот работата ми е приоритет, само работата ме нема оставено на цедило, само заради работата сум здрава и жива, благодарение на работата можам да помагам и благодарение на работата имам привилегија да создавам можности за други луѓе, да ги градат своите приказни и животи, а тоа е најголема награда.
И како тим работиме за тоа “Кромберг и Шуберт” да биде позитивен пример во Битола. Покрај тоа што имаме влијание за економијата, нашиот начин на работа влијае и на создавањето на работни навики кај луѓето, градење на свесност за организациона култура, принципи и вредности, професионалност, знаење и вештини.
Ова во ексклузивно интервју за Битолски весник го изјави извршната директорка на “Кромберг и Шуберт” Тања Милисковиќ.
Битолски весник:
Со оглед на тоа што Вие сте уште од првиот ден во фирмата, кажете ни како Вие ја замислувавте работата на компанијата и дали се исполнија Вашите очекувања од функционирањето на Кромберг и Шуберт ?
Тања Милисковиќ: Да дадам краток вовед пред да одговорам, на вашето прашање. Тоа беше пред 11 години. Откако се вратив од Америка во Скопје (каде сум родена), заради работа во друга странска компанија, веќе се имав преселено во Битола. Ова беше периодот кога почнаа да доаѓаат странски инвестиции во Македонија. Така едно попладне ми стигна порака на Линкед Ин, од човекот кој беше назначен за Проект менаџер за човечки ресурси за новата фабрика која “Кромберг и Шуберт” требаше да ја градат во ИЗ Жабени. Требаше да се слушнеме на телефон и она што памтам до ден денес, е дека ми рече бараат кандидати за позицијата менаџер за човечки ресурси, кој крајно за две години треба да регрутира и вработи 2000 луѓе. Во истиот момент пред очи ја видов халата (која не беше изградена, беше само поле, немаше ништо) и река луѓе. Си помислив, па никој нема вработено толку многу луѓе во државата во последните 20 години, сите само отпуштаа, се затвараа фирми, законот не се почитуваше, плати не се исплаќаа со месеци…си помислив и на моите родители кои во исто време останаа без работа, заради што и заминав во Америка, бидејќи немавме никакви приходи дома…И знаев дека тоа е, тоа. Сакав да бидам дел од тој проект, сакав да бидам дел од тимот што ќе вработи толку многу луѓе, да бидам дел од компанија која ќе работи според закон, каде сите права на луѓето ке бидат испочитувани и која ќе им понуди стабилност на вработените…сакав фирмата на сите кои ќе одберат да бидат дел од нашиот тим, да им биде некаква позитивна промена во животот… Така си ја замислував работата и во најголем дел, очекувањата ми се исполнети. Вработивме дупло повеќе луѓе, отворивме многу нови можности за развој. Секако, работата не ни е звршена, има уште многу нешта што може да бидат подобри. Најважни ми се довербата од колегите (мислам на сите наши вработени) и од сопственикот на компанијата г-динот Кромберг, кои се главен мотив за постигнување на целта, а таа е: да бидеме подобар работодавач за вработените (секоја година да им понудиме и обезбедиме нешто повеќе, во смисла на плати, можности за унапредување, учење и услови за работа); подобар мајстор за производство на кабли за клиентите и подобар пример за заедницата, за градот, за сите места од каде доаѓаат нашите вработени преку разни социјално одговорни проекти, спозорства и донации од кои сме дел.
Битолски весник: Компанијата Кромберг и Шуберт уште пред да почнe да се гради беше предмет на политичка битка на власта и опозицијата дека во ИЗ Жабени, со оглед на земјиштетето кое е под вода не може да се изгради таква фабрика. Колку ве допираа Вас таквите политички полемики?
Тања Милисковиќ: Не беше едноставно да се најде баланс. Во време кога интерно во компанијата ја поставувавме структурата и системот од нула, екстерно требаше да издржиме да останеме неинволвирани во било какви политички дебати. Во овие специфични услови во државата, како што рековте, целта ни беше да успееме да останеме политички неутрални, што е основна определба на компанијата. Кај нас во фабриките не е дозволено да се поставуваат прашања за политички партии, да се истакнуваат партиски симболи, не сме биле дел од кампањи, а имаме вработени кои се членови на скоро сите политички партии и работат заедно. Од друга страна, секогаш сме имале добра соработка со сите институции во државата, на централно и локално ниво, без разлика која политичка гарнитура била на власт. Ние сме најголем работодавач во државата во приватниот сектор, и политичките чинители се свесни за тој факт и морам да кажам дека ја почитуваат оваа определба на компанијата, не сме имале некои посериозни проблеми, работиме строго професионално и според принципи. Политика не не интересира, фокусирани сме на работата и на резултатите кои треба да ги постигнеме за целиот колектив.
Битолски весник: Во најкуси црти што претставува Кромберг и Шуберт за Вас и Битола?
Тања Милисковиќ: Битола има посебно место во моето срце и тоа секогаш ќе остане така. Заради Битола, заради сите искуства кои ги имам проживеано во овој град, сите лекции кои ги имам научено, сите луѓе кои ми станаа дел од животот и се што имаме изградено заедно, останав да живеам и работам тука, во Македонија. Пред да се преселам во Битола бев убедена дека никогаш нема да можам да живеам и работам во Македонија. Кога се вратив од Америка, мислев ќе останам само привремено и дека пак ќе си одам, меѓутоа еве, 11та година тука сум. “Кромберг и Шуберт” е дел од мојот живот, тоа ми е тимот, тоа се луѓето кои ми се најсилна страна, со кои знам дека нема нешто што е невозможно. Мене цел живот работата ми е приоритет, само работата ме нема оставено на цедило, само заради работата сум здрава и жива, благодарение на работата можам да помагам и благодарение на работата имам привилегија да создавам можности за други луѓе, да ги градат своите приказни и животи, а тоа е најголема награда.
И како тим работиме за тоа “Кромберг и Шуберт” да биде позитивен пример во Битола. Покрај тоа што имаме влијание за економијата, нашиот начин на работа влијае и на создавањето на работни навики кај луѓето, градење на свесност за организациона култура, принципи и вредности, професионалност, знаење и вештини. Јас сум многу горда на сите членови на нашиот тим кои го започнале својот развоен пат со прво вработување во “Кромберг и Шуберт”, како помалку збунети, луѓе без искуство, кои се барале себе си, а денес се прекрасни професионалци кои можат рамо до рамо да застанат со многу други, поискусни луѓе во регионални рамки, па и пошироко.
Битолски весник: Да се биде на чело на една ваква компанија, која вработува над 5.000 работници е голема одговорност. Кажете ни како Вие успевате да се вклопите во системот на работа на компанијата?
Тања Милисковиќ: Голема одговорност е, но и голема чест. Тој што води го трасира патот, соодветно на тоа бидејќи седи „повисоко”, мора да гледа подалеку и пошироко. Целосно сум посветена на работата и ништо не ми е тешко. Се случува во прва смена (првиот дел од денот) да бидам во Битола, попладнето да сум во Илинден и во трета смена да сум во Крушевац. Темпото е брзо, роковите куси и времето кое го поминувам во секоја од фабриките е лимитирано, ама ништо не смее да остане незавршено. Секогаш кога ќе забележам дека почнувам да „се жалам” за нешто, веднаш се потсетувам себе си дека имам многу повеќе нешта за коишто треба да бидам благодарна и така се „ресетирам” Сите може да се уморат, да паднат, да имаат сомнежи, да изгубат волја…меѓутоа тој што води не смее биде демотивиран, не смее да се занимава со себе си и сопствените проблеми, туку мора да се фокусира на изнаоѓање решенија, да се фокусира на тимот, на луѓето, на приказната што се гради…За мене лидерството е служење на некаква повисока цел, создавање можности и прилики за развој на други луѓе, придонес и правење разлика во општеството. Така ја работам својата работа, секогаш сум „изворот” на насоките, присутна и вклучена во сите важни активности, меѓутоа тоа го правам на начин што светлото и вниманието се секогаш свртени кон тимот, кон колективот, не кон мене. Јас треба да бидам и сум поддршка за сите, ги чувам во позадина, ги корегирам или реагирам доколку е потребно, кога ќе погрешат, меѓутоа заслугите и аплаузот, секогаш треба да одат кај луѓето, кај тимот. Мене не ми е потребно дополнително внимание, комплименти, капитал, посебен третман или што уште не… се што се смета стандард за “директори”, не ни возам службена кола…материјални работи не ме интересираат. Ако немаме некои гости или формални состаноци каде мора да почитувам протокол, на работа сум во фармерки и патики и најубаво ми е кога сум во производствениот погон, кога ги гледам лицата на луѓето, го слушам звукот на каблите низ процесите, кога знам дека нешто заеднички создаваме, и дека многу луѓе благодарение на “Кромберг и Шуберт” си купиле коли, станови, решиле некој здравствен проблем, станбено прашање, си го школувале детето, направиле свадба, прв пат биле на одмор…итн. Можеби е идеалистички, ама токму поради можноста да бидам поврзана и да бидам дел од приказните на сите наши луѓе, имам се што сум можела да замислам. И навистина мислам дека сум најбогата и најсрекна жена бидејќи имам најмногу луѓе околу себе, и се што е најдобро во нив, ми припаѓа и мене.
Битолски весник: За Вас велат дека сте алфа и омега во фирмата.За читателите на Битолски весник кажете ни го накусо Вашето СV.
Тања Милисковиќ: Не знам што точно значи тоа „ алфа и омега во фирмата” , се надевам е позитивно. Завршив јазична гимназија во “Јосип Броз” во Скопје, Правен Факултет во Скопје, Бизнис Администрација во Америка и Магистратура по економија. Главно работното искуство ми е во областа на ЧР, право, финансии, организационо планирање и менаџмент, што всушност работам и денес. До 18 години живеев во Скопје, после наредните 10 години живеев и работев во Америка и последниве 11 години во Битола. Почнувајќи од оваа година, ангажманот ми е регионален и како што напоменав претходно, често патувам на релација: Битола, Скопје и Крушевац, во Србија. Во Битола имаме 5.300 вработени, во Скопје, во Илинден моментно 650 луѓе и во Крушевац 2. 000. Сите три фабрики се различни и посебни, специфични…сите се наоѓаат во различна фаза од развојот и на сите им треба различен тип на внимание и поддршка. Распоредот е навистина интензивен, меѓутоа можноста да се гради нешто, посебно денес, во свет кога има толку многу неизвесност и уништување, е вистински благослов и благодарна сум за секој ден и за секој човек што ќе одбере да ни се приклучи во тимот.
Битолски весник: Иако со оглед на Вашиот ангажман е доста тешко, сепак кажете ни во најкратки црти како изгледа еден ваш работен ден?
Тања Милисковиќ: Како изгледа работниот ден, зависи од тоа каде сум и што тековно ни се случува во фабриките. Генерално, присутна сум во најмалку две смени (некогаш и во трета). Кога ќе стигнам на работа, првично ги прегледувам резултатите од претходниот ден, колку/што/како сме сработиле во секоја од локациите. Колку кабли сме произвеле на секоја линија, колкава ни била ефикасноста, дали сме добиле некоја рекламација од клиентите, дали сме испорачале се на време…дали нешто специфично се случило. Потоа читам мејлови и се подготвувам за утринскиот состанок со менаџерите. На тој состанок, секој менаџер рапортира статус на работни задачи/приоритети/ отворени прашања во неговата/нејзината област, ги анализираме резултатите од претходниот ден и сите заедно правиме план за работа во денот и/или дефинираме некои подолгорочни акции кои треба да ги следиме. По состанокот со менаџмент, правам обиколка низ производствениот погон обично со уште некој член од тимот, да видам како се изгледа, да ги видам луѓето, да видам каква е атмосферата, дали негде има некој проблем, дали се грижиме за чистотата, дали следиме процедури итн…По обиколката следуваат разни состаноци: со колеги кои сакаат да поразговараат со мене, разни конференциски со Централа, со институции, со другите фабрики, брифинзи со тимовите, интервјуа или подготовка на некои извештаи или презентации за бордот. По завршувањето на овие работи, во текот на втората смена, повторно правам обиколка низ производствениот погон. Кога тоа ќе заврши, следи втора тура состаноци, средби, дефинираме приоритети/заклучоци и така некако во вечерните часови… го завршувам работниот ден.
Битолски весник: Како и каде го стекнавте искуството да се води една ваква компанија.
Тања Милисковиќ: Тоа е процес, континуирано трае веќе 20 тина години. Во Америка за првпат почнав да работам во областа на ЧР, право, финансии и менаџмент, почнувајќи на специјалистички позиции. Низ годините постепено областа на одговорност и делување ми се прошируваше, како преку претходните работни искуства, така и преку сите предизвици и фази низ кои сме поминувале како колектив. Сите што сме од почеток тука, растевме заедно со компанијата. За некои работи, нема тренинг или обука. Мора да имате инстинкти, интуиција, брзо да мислите, да можете да запамтите, перцепирате и поврзете многу детали без тоа да ви биде оптоварување, треба да правите паметни избори, да имате самодисциплина…мора да го видите она што не се гледа и клучно, мора да ја задржите страста за работата. Омилена изрека ми е дека нашиот живот е резултат од секојдневните избори кои ги правиме. Секој човек мора добро да се познава себе си, да знае за што е “скроен” бидејќи сите сме различни, и така да прави избори кои ќе го направат подобар и поспокоен. Кога работите ваква работа, носите многу одлуки кои може да влијаат на животите или барем на дел од секојдневието на многу луѓе, што не е воопшто едноставно. Во такви околности, најважно е да имате интегритет, да знаете што штитите и дека како резултат на вашата работа, сите алки во организацијата се поместуваат напред, дека создавате прогрес.
Битолски весник: Што моменто произведува Кромберг и Шуберт и за кои држави?
Тања Милисковиќ: Во светски рамки имаме 35 фабрики, скоро на сите континенти, во кои се вработени околу 50.000 луѓе. Произведуваме кабли и кабелски инсталации за најпознатите автомобилски брендови. Во Битола работиме за “Мерцедес”, комбињата “Вито, В-класа” и спринтер, како и за “Ауди”, моделот А4 . Во Илинден, во Скопје работиме за “БМВ”, моделот Х1. Додека во Крушевац, во Србија произведуваме за “Шкода” и за “Порше”. На сите локации го произведуваме целиот кабел, и директно извезуваме до клиентите за европскиот пазар на возила во Германија и Шпанија.
Битолски весник: Во јавноста може да се слушне дека добро е да се работи во Кромберг и Шуберт но, дека било тешко бидејќи наводно имало железна дисциплина. Колку има вистина во тоа. Каква е дисциплината во компанијата.
Тања Милисковиќ: Ние сме голем колектив, имаме комплексна организациона структура, стандарди и правила кои мораме да ги следиме главно од две причини: прво, заради безбедност, заштита и сигурност на нашите вработени (имаме жив производствен процес, користиме алати, опрема, машини, работиме во три смени…итн.) и второ, бидејќи производот кој го произведуваме се вградува во возила кои учествуваат во сообраќајот и доколку не се почитуваат овие правила, некого нашата недисциплина може да го чини безбедност, па не дај Боже и живот. Да, има ред и дисциплина во нашата компанија и сум навистина горда на сите наши вработени за системот кој го имаме создадено и што сите заедно го почитуваме и фукционираме како добро подмачкана машина. Токму сплотеноста, почитувањето на редот и дисциплината се едни од причините зошто компанијата е успешна и зошто секоја година на вработените можеме да им понудиме подобри услови. Моментно сме на 3- то место во државата според висината на просечно исплатена плата, во конкуренција со други индустрии кои не беа афектирани од Ковид-кризата и од прекините во ланците за снабдување, како што беше автомобилската индустрија. Дополнителна потврда дека правиме нешто добро се секако и новите инвестиции и довербата од клиентите и Централа дека испорачуваме добар производ кој ги исполнува стандардите на купувачите. И таквиот начин на работа е континуиран процес, мора секој ден да се одржува.
Битолски весник: Деновиве со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економија Фатмир Битиќи договоривте изградба на нов капацитет во Скопје. Зошто одлучивте таа фабрика да биде изградена во Скопје, а не во Битола.
Тања Милисковиќ: Морам да ве корегирам. Со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економија, г-динот Фатмир Битиќи го потпишавме договорот за новиот инвестиционен проект во Битола кој ќе донесе дополнителни 800-1.000 вработувања во наредните две години и за кој ќе се инвестира нова опрема во фабриката во ИЗ “Жабени” во вредност од 26 милиони евра, што е веќе во тек, а за што веќе ги инсталираме производните линии за овој нов проект и првите тимови работат на производство на првите „мустер” кабли.
Фабриката во Битола е најголем производствен капацитет во рамки на Групацијата, а мислам и во Македонија. Со овој нов проект максимално ќе ги искористиме како просторните капацитети кои ги имаме во ИЗ Жабени, така и човечките капацитети, од аспект на работна сила, бидејќи процентот на невработени луѓе во Регионот е мал, а сега има и конкуренција на пазарот на труд. Сето ова значи дека во Битола немаме повеќе можност за дополнително проширување, поради што направивме анализа каде во државата ќе можеме да ја обезбедиме потребната работна сила за новата фабрика и бројките ни покажаа дека сепак најголем број на работоспособно население живее во Скопје и околината. Тука ќе имаме можност да регрутураме и од околните градови, поради што ја донесовме одлуката, втората фабрика да биде во Скопје, таа ке биде помала од фабриката во Битола.
Битолски весник: Во оваа година, кога славите 10 години од изградбата на фабриката доста често држите Крошу денови на кои вработените се опуштаат, веселат. Која е смислата на одржување на вакви забави и како дојдовте на таа идеја.
Тања Милисковиќ: Забавата „Крошу ден” ја правиме традиционално еднаш годишно, како роденден на компанијата. Поради Ковид-кризата правевме пауза неколку години, а оваа 2022 ни беше јубилејна година, прославивме 10 години работа во Битола поради што забавата си ја направивме „дома”, во фабриката, во дворот и беше најголема досега. Имавме гости од колегите во Скопје и во Крушевац. Дополнително, секогаш на некој начин го обележуваме 8 ми март, а порано правевме и новогодишни забави кои повеќе немаме можност да ги правиме бидејќи сме преголеми, нема ресторан или угостителски капацитет во Битола кој може да собере 6.000 луѓе во затворен простор (бидејќи е зима, не можеме да бидеме на отворено). Смислата е да се дружиме, да се запознаат луѓето подобро меѓусебе (немаат можност сите да работат заедно бидејќи сме организирани во смени, па забавите се прилика да се видиме сите на едно место), да се опуштат, има многу хумор и смеење за разни згоди и незгоди кои се случиле на работа, се зајакнува чувството на припадност кон тимот. Ние сме многу креативен тим, постојано смислуваме работи и активности кои ќе ги поврзат луѓето, бидејќи крајно тоа е и убавината на работата во интернационална компанија: Секогаш имате некој од кого можете да побарате помош (нас ни помагале колегите од Словачка, од Романија, Украина, Србија, Германија…и ние сме праќале наши луѓе да помагаат на многу локации, дури и Мексико, Боцвана, Тунис, нормално Романија, Србија…итн), можете да размените искуства, да стекнете нови пријателства, да научите различна култура и обичаи (често си разменуваат луѓето сувенири од патувањата), да прославите или да имате поддршка кога не е лесно. Тоа многу значи.
Битолски весник: Од каде ја црпите енергијата да издржите како Регионален лидер на неколку големи капацитети.
Тања Милисковиќ: Најголема инспирација ми се тимовите, сите наши луѓе. Приказната што ја градиме, во Битола, Скопје и во Крушевац и целите кои сакам да ги постигнеме ми се доволен мотив да имам енергија 24/7. Веќе кажав претходно, ја сакам работата, ги сакам луѓето кои препознале и одбрале да бидат дел од нашиот тим и ништо не ми е тешко. Знам дека со нив не постои нешто невозможно и дека заради нив целата оваа приказна има смисла. Заради луѓето вреди човек да направи се. Од почетокот практикувам инклузивен менаџмент, се трудам да поставиме поинаков пример за лидерство и да покажеме дека може на правилен начин, чесно, искрено, скромно, посветено и професионално да се постигне успех и во нашата држава, со труд, без многу врева и без тркање за лична корист. Премногу има негативни и погрешни примери, корупција, себичност, злоба, завист, поделби…Ако успееме да се држиме заедно, да бидеме подобри и повешти во работата која ја работиме, да бидеме подобри и повнимателни кон колегите, семејството и блиските, кон соседите, подобро да се однесуваме кон природата, кон градот, да ги исполнуваме ветувањата што ги даваме, тогаш имаме шанси, се да направиме да биде подобро. Ако се грижиме за нештата, ги негуваме, тие се убави и траат. Исто важи за работата, врската, куќата, градот, државата…мора да се бориме и да го чуваме она што е наше, и во добро и во лошо, нема откажување, нема огорченост, нема назад. Низ сите предизвици кои сме ги поминале, во ниту еден момент не ми паднало на памет да се откажам или да помислам дека не може затоа што сум знаела каква одговорност, но и каква чест имам. Нема поголема награда од довербата на луѓето и за тоа сум благодарна секој ден, и секој ден се трудам одново да ја заслужам таа доверба.
Битолски весник: Уште од самиот почеток на работењето на Кромберг и Шуберт се издвојувате со високо изразена општествена одговорност. Кажете ни какви се барања пристигнуваат до Вас и колку истите ги решавате позитивно.
Тања Милисковиќ: Како што претходно спомнав, наша цел е да бидеме подобар работодавач за нашите вработени, подобар производител на кабли за нашите клиенти и подобар пример за општествена одговорност и партнер на заедниците од каде доаѓаат, односно каде што живеат наши вработени. Политика на компанијата е секоја година до март месец да собираме барања за донации и спонзорства, и потоа согласно буџетот кој го имаме на располагање, одлучуваме колку и каде можеме да бидеме поддршка. Приоритет секогаш ставаме на барањата од областа на здравствената грижа, образованието, кулурни и спортски настани. Пристигнуваат секакви барања, преку целата година, во просек десетина секој ден, што е премногу. Има најразлични дописи и писма кои ги добиваме, од типот: „детето мое сакам да го пратам на екскурзија некаде, ве молам за донација”, до “ми ги украдоа алатите дома, ве молам за донација„ или некои грандиозни барања, од индустрии и области кои се високо профитабилни, луксузни, а испраќаат барање за спонзорство до “Кромберг и Шуберт”. Се трудиме пристапот да биде фер и објективен и навистина да одделиме средства за цели кои ке го подобрат квалитетот на животот на луѓето или кои се поврзани со дејствувањето на нашите луѓе, на пример училишта каде што учат деца на наши вработени, паркови каде се играат, медицинска опрема која најчесто била потребна за да не мора да се праќаат на прегледи во Скопје или други градови итн. Најголема донација ни беа средствата за изградба на градинката, меѓутоа нешто тешко ни оди поради политичките лавиринти, кои се надевам евентуално некако ќе успееме да ја изградиме.
Битолски весник: Дали имате слободно време и како истото го поминувате?
Тања Милисковиќ: Имам малку но доволно слободно време. Обично одам да ги видам моите родители, брат ми и дедо ми, секогаш ручаме сите заедно, сакам да читам, морам и да средам дома како сите луѓе. Се случува да изгледам некој филм или ако имаме некој повод, се собираме негде со тимот да се подружиме бидејќи со патувањата сега не ги гледам секој ден, па сакам да надоместам и да поминам време и со нив. Со последните промени и регионалниот ангажман, некогаш и слободното време го поминувам во пат или како поддршка за некои мотивациони активности, во Крушевац имавме турнир во пејнтбол за викендите, за Битола организиравме конференција за Лин менаџмент, сигурно наредно ќе смислиме нешто и за Илинден, се трудам да бидам присутна секаде каде што е потребно и да ги испочитувам сите.
Битолски весник: Која е вашата порака за јубилејот до Вашите вработени и битолчани.
Тања Милисковиќ: Не знам дали е порака, повеќе е научена лекција низ годините. Лидерството претставува будност и свесност за потребите, способностите и потенцијалот на другите луѓе, како и капацитет да се одговори брзо и стратешки на сигналите кои доаѓаат од тимот и потребите на компанијата со цел да се заштитат работните места. Работата на секој лидер е да создаде услови и средина во кои другите луѓе ке имаат можност да го остварат својот потенцијал во склоп на „големата слика”, на целината. И не само додека сте со нив, туку и кога сте отсутни па дури и кога конечно ќе ви се раздвојат приказните професионално – научените лекции треба да останат. Најважно е да се сочува она што се изградило. Пораката би била: Само за едно нешто треба да се натпреваруваме, не кој кого ќе обвини, кој кому ќе наштети, или како ќе се поделиме, туку кој на кого ќе му помогне да се заврши работата за доброто на сите, да останеме сложни и да се однесуваме подобро едни кон други. И кога не е лесно, да бидеме добар пример, наместо едни против други, да се свртиме едни кон други. Целта на сите треба да ни биде да имаме што повеќе прилики да нудиме стабилност, можности, да развиваме, да помагаме и да придонесуваме за подобар квалитет на животот на сите во овој Регион, па и во државата. За да се прави добро, не треба причина.
Ќе цитирам некого од чии мисли и пример се инспирирам секогаш кога ми треба потврда за смислата на животот:
„Човек не може да го бира времето во кое ќе се роди и живее. Од него не зависи ниту од кои родители, ниту од кој народ ќе се роди, но од него зависи како тој ќе постапи во дадено време: дали како човек или како нечовек, без обѕир на тоа од кој народ и од кои родители е… Се ќе помине,но душата, образот и она што е добро, остануваат засекогаш…Се што човек дели со другите, се намалува, освен љубовта. Неа што повеќе ја давате, повеќе ја имате. “
Интервјуто го подготви: Менде Младеновски