Don't Miss
Home / Колумни / Екстерно тестирање

Екстерно тестирање

На почетокот, искрен да бидам, ниту најавата на Министерството за образование за воведување на екстерно тестирање за студентите, кое во меѓувреме се трансформира во државен испит, ниту пак протестот на студентите против тестирањето, не ме инспирираа многу за овонеделната колумна да ја посветам на овој проблем. Со оглед на тоа што во последно време државата е таа која ни го уредува животот на сите нам, зошто студентите би биле исклучок и треба да бидат изземени од таквата можност.

Тоа што, наводно, универзитетот бил самостојна и независна институција, во која државата нема право да се меша, е приказна за првоодделенци, а не за возрасни луѓе, бидејќи и на децата од градинките им е сосема јасно дека ниту универзитетот кај нас бил самостоен, ниту пак студентите со својот младешки дух и бунтовност се избориле некогаш за таквата можност.

Државата отсекогаш, па и сега, е таа која кажува кој и под кои услови ќе студира.

За разлика од некои мои колеги новинари од некои големи медиуми, кои го глорификуваа протестот на студентите, во изминатите денови премногу не се возбудив ни на нивниот протест, кој ако се знае колку студенти се запишани на сите државни и приватни универзитети во земјата беше, најблаго речено, симболичен.

Тоа што на студентите од скопскиот универзитет не им се приклучија студентите од другите универзитети, е само уште една потврда дека кај нас солидарноста е последната дупка на свиралото.
Иако јас лично, како човек кој бил сведок на протестите на студентите во времето на Тито, и кога Вељко Влаховиќ мораше да ги смирува студентите, сум за независност на високото образование, сепак, во оваа прилика, сум отворено против студентите и на страната на премиерот Никола Груевски и министерот Абдулаќим Адеми и се залагам за воведување екстерно тестирање, преку кое ќе се провери (не)знаењето на студентите.

Причината за таквата моја определеност е тоа што деновиве го слушнав не само од премиерот и министерот, туку и од некои студенти, кои тврдат дека кај нас испитите, или дипломите на факултетите се купувале со пари и дека имало студенти кои без воопшто да  посетуваат настава и без абер да имаат од предметите кои ги полагале добивале мошне високи оценки.

Со оглед на тоа што ваквите оценки се изречени од најповиканите луѓе во државата и лично од премиерот на Република Македонија, а зад истите стојат и одредени студенти, тогаш мислам дека не треба воопшто да се чека, туку екстерното тестирање, или државниот испит веднаш, по итна постапка да се воведе на сите универзитети во државата, како на државните, така и на приватните.
Доколку тоа не се направи мислам дека Македонија, ако веќе не е, за кусо време ќе стане земја со најмногу високостручни кадри не само во регионот, туку и во светот.

Екстерното тестирање, или државниот испит на факултетите треба да се воведе што поскоро, бидејќи оваа вакуум позиција факултетите можат да ја искористат и во меѓувреме да издадат уште безброј нови дипломи на завршени студенти, со кои ќе се зголеми и така големиот број неедуцирани високообразовани кадри.

“Знаењето е сила, знаењето е моќ“  беше кампањата на Министерството за образование. Токму водени од таквата желба и идеја, кај нас во изминатите години се отворија безброј факултети, а со намалувањето на партиципацијата, со дисперзираните студии, високообразовни институции станаа достапни на илјадници млади луѓе.

Зошто сега, по неколку години, наместо опозицијата, власта тврди дека на нашите факултети царува незнаењето и дека дипломите се купувале со пари (иако истите се добиваа и по други основи) е прашање на кое одговор треба да дадат луѓето кои ја пласираа и реализираа таквата идеја, но и најповиканите за оваа состојба, професорите.

Иако ваквите констатации, во најмала рака, се навредувачки и понижувачки за професорскиот кадар на сите факултети и универзитети, сепак, за жал, засега професорите, со одредени исклучоци, молчат и не се изјаснуваат за ваквите тешки обвиненија.

Дека кај нас купувањето факултетски дипломи не е непозната работа, го знаат и врапчињата на гранките. Во изминатите години, благодарение на парите, партиските врски, познанствата, или какви не други марифетлуци, со факултетски дипломи се стекнаа илјадници млади луѓе.

Огромен е бројот и на тие кои во меѓувреме се стекнаа и со магистерски звања, а многумина станаа и доктори на науки.

За пари, или за без пари, во изминатите години кај нас се фабрикуваа високостручни кадри како на филмска лента.

Таквата состојба на сите ни беше одамна позната. Впрочем, од таквото дипломирање не се трудеа многу да се скријат ни тие кои на тој начин се стекнуваа со диплома.
Познати беа и ценовниците на таквото дипломирање. Сопствениците на приватните универзитети кај нас благодарение на таквото фабрикување високостручни кадри за пари станаа најбогатите луѓе во државата, а професорите заштитени мечки, кои за разни услуги пишуваа од шестки до десетки, во зависност од тоа кој колку платил.

Преку ноќ некои неписмени луѓе станаа факултетлии, магистри, па и доктори на науки, без никакви објавени научни трудови зад себе. Се купуваа и домашни и странски дипломи.
Ако власта дури сега го откри тоа, тогаш навистина треба да се загрижи. Во Македонија одамна недостасуваа полициска акција под слоганот “индекс“.

Тој тест, или државен испит верувам дека многумина нема да го положат и на истиот ќе паднат многумина.

 

 

 

 

Автор:  Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*