Европската Унија одблиску ќе ги следи предвремените парламентарни избори што в недела ќе се одржат во Република Македонија, а со своја реакција за нивното одржување се очекува да излезе в понеделник попладне, откако меѓународните набљудувачи ќе дадат првична оцена.
Тоа, како што пренесе МИА, вчера го соопштила портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, која истакнала дека за официјален Брисел, изборите се можност за обединување на Македонија околу стратегиските цели.
– Ќе има избори во БЈР Македонија оваа недела на 11 декември. Како што досега повеќепати сме кажале во однос на овие избори, тие се можност за земјата да направи нов почеток, да се обедини околу стратегиските цели и да се врати на евроинтеграцискиот пат. Очигледно, ова е само еден чекор од еден многу подолг процес, како дел од процесот од договорот од Пржино и јасно е дека ова што е договорено во рамките на овој договор, ќе треба да продолжи да се имплементира – истакна Коцијанчич.
Таа појасни и кои се очекувањата на Европската Унија за самиот ден, но и за период по изборите во македонската држава.
– Ние, се разбира, одблиску ќе ги следиме изборите како што правевме и со целиот процес до изборите. Се разбира, ќе има и меѓународни набљудувачи на теренот и ние исто така ќе го чекаме нивниот извештај, по што очекувам дека ќе имаме наша реакција некаде попладнето в понеделник – истакна Коцијанчич.