Home / Колумни / Фејсбук (дез)информирање

Фејсбук (дез)информирање

Во последно време како да стана тренд носителите на власта, како на државно, така и на локално ниво, јавноста да ја информираат  преку  фејсбук статусите.

Откако социјалните мрежи се накотија како печурки по дожд, политичарите  кои настојувајки да бидат  транспарентни и достапни до јавноста,  своите  “најнови “ и би рекол дури “ ексклузивни”  вести и информации  да им ги соопштуваат  преку нивните фејсбук статуси.

Наместо како што беше практика порано  јавноста да се информира преку традиционалните медиуми, во последно време политичарите, најголемиот број од нив, речиси без исклучок, јавноста ја (дез)информираат преку “ соопштенијата “ кои ги постираат на нивните фејсбук статуси.

Таквото помодарство го практикуваат безмалку сите политичари или јавни личности, почнувајки од претседателот на САД, Доналд Трамп, па до некое обично чиновниче, кое обавува државна или јавна функција.

Од таквата практика не се имуни ни нашите политичари.

Тие кое не се со кусо паметење добро се сеќаваат кога сега веќе екс премиерот Никола Груевски на својот фејсбук статус ни ги соопштуваше “ексклузвните вести”  дека таму и таму ќе се отвори некоја фабрика и ќе се реализира милионска инвестици.

Од таквата навика не се имуни ни најновите носители на власта кај нас.

Искрен да бидам немам ништо против таквата практика на (дез)информирање на јавноста.

Со дигитализацијата се сменија времињата и навиките на лугето и сега социјалните мрежи се тие  преку кои главно се (дез)информира јавноста.

За да бидат во чекор со времето се поголем број од луѓето, особено младите имаат фејсбук профили и постојано висат на телефон.

Денес преку социјалните мрежи буквално јавноста дознава се: од тоа кој каде бил, што ручал, како бил облечен, со кој се дружел…       Некои отидоа  дури дотаму што и својата бременост во првите денови, ја соопштуваат со слика и збор на своите фејсбук статуси.

Нема да кажам ништо ново  што јавноста не го знае дека  како последица на таквиот моден тренд, наместо преку социјалните мрежи да се зближат, луѓето едноставно  се  оттуѓија еден од друг. Денес луѓето буквално  не разговараат меѓу себе,  туку постојано бдеат над телефоните за да се информираат што работаат и како го трошат денот нивните  бројни “пријатели”.

Во последно време својата “транспарентост” кон јавноста преку својот фејсбук статус ја практикува и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која се почесто постира некои информации од интерес на градот  на социјалните мрежи.

Па така деновиве од фејсбук статусот на градоначалничката Петровска, кој беше преземен од страна на некои портали, дознавме дека биле скршени некои дрвца, дека ромите над Баирот повторно прават депонија на патот за Охрид,  дека Битола се изборила да добие пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно па сега таму ќе се гради полигон за полагање на возачки испити…

Таквото фејсбук информирање на јавноста е во тренд со новото време и добредојдено за јавноста, па и за медиумите кои во последно време најчесто за настаните информираат од тоа што ќе го прочитаат на социјалните мрежи.

Јавноста која е инаку гладна за такви “ фејсбук “ информации подоцна истите ги коментира, па во најголем број случаи таквите (дез)информации на јавните личности им се враќаат како бумеранг поради непримерните коментари кои најчесто ги следат  таквите нивни статуси.

Па така мошне често наместо за некои (дез)информации некои јавни личност да добијат “лајкови” добиваат такви непрмиерни критики и коментари кои тешко ги погодуваат и им предизвикувата душевни болки и стресови.

Иако себеси не се сметам за назаден човек и лично досега не само што немам фејсбук, туку немам ни намера да отворам некогаш таков статус, немам ништо против таквото “ фејсбук “ (дез)информирање.

Но лично мислам дека таквото (дез)информирање не само што не им користи на “ авторите”, туку напротив им штети, бидејки токму поред таквиот начин на информирање на јавноста подоцна истите имаат непријатности па се принудени дополнително да објаснуваат што имале намера да кажат.

Воедно се поставува прашањето дали при таквото (дез)информирање се води сметка за тие кои немаат фејсбук статуси или “ паметни “ телефони, или пак кои сакаат да добијат подетални информации околу соопштените  вести кои најчесто се штури и нецелосни.

Најчесто при постирањето на таквите “ фејсбук” вести или информации “авторите” го кажуваат тоа што тие самите сметаат дека треба да се каже. Во нив нема место за дообјаснување.Па во такви ситуации се остава простор дообјаснувањето да го даваат “читателите “ преку своите коментари, кои најчесто се беспримери и по кои многумина ги боли главата од содржината на таквите коментари.

На крајот право е на секоја јавна личност за каков начин на (дез)информирање на јавноста ќе се определи. Но нема да  помине многу време кога и тие “ трендовски “ личности ќе сфатат дека од таквиот начин на (дез)информирање на јавноста ќе имаат повеќе штета, отколку корист и ќе дуваат и бегаат од  тој начин на (дез)информирање на јавноста.

Но пред да се (раз)уверат во тоа тие треба да имаат разбирање и за јавноста која ниту може ниту пак сака да биде информирана преку социјалните мрежи и за настаните од поширок општествен интерес таа да биде информирана  преку традиционалните медиуми

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*