Don't Miss
Home / Култура / Фестивалот АКТО, по 15 години, од Битола се сели во Скопје

Фестивалот АКТО, по 15 години, од Битола се сели во Скопје

АКТО-фестивалот за современи уметности, отворен деновиве, ќе се одржува во текот на ноември и декември во Скопје, наместо во Битола.
– Она што беше карактеристично за АКТО, а тоа е Битола, тридневна интензивна интердисциплинарна програма со изразит визуелно-уметнички предзнак, напуштени простори што стануваат алтернативни простори за презентација, интернационални гости и актуелни теми, место за размена и колективни идеи и создавање, многу соработки и партнерства, во 2021 година добива друга форма. Па така, станува – Скопје, двегодишно истражување на актуелни теми, заборавени простори на културното наследство, продукција на нови дела со интернационални гости, но и силна едукативна компонента, која создава место за размена и заедничко создавање, и тоа во соработка со официјални образовни институции – најавуваат организаторите.
Тие додаваат дела приказната за АКТО што се одвиваше 15 години во Битола е во мирување и сега е време да се трансформираат нештата, да се побараат нови правци на развој таму каде што ќе има потенцијал. Фестивалот годинава отвора двегодишна тема „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото.
– Ја испитуваме оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемократски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк отколку на јавност или на живот на улица. „Современи (не)демократии“се обидува да одговори на предизвиците, но и пречките во непрепознавањето на недемократиите, кои ни се случуваат секојдневно – велат организаторите.

Фестивалот почна со јавен перформативен настан произлезен од петдневната интердисциплинарна работилница „Изгубено и најдено“. Вториот настан е в сабота, во салата за седници на Општина Центар, во 12 часот. Ќе биде отворена изложбата „Современи (не)демократии – исчезнување на јавниот човек“, базирана на истражување од Јана Брсакоска, Ивана Васева, Филип Јовановски. Кристијан Караџ ќе се одржи јавен перформативен настан произлезен од четиридневната интердисциплинарна работилница „Слушна реакција на архитектурата“, под менторство на перформанс-колективот ЛИГНА (Оле Фрам и Торстен Михаелсен) (Хамбург), како и перформансот „Дисеминација насекаде“ на истиот колектив. На 5 декември ќе има перформативен настан произлезен од четиридневната интердисциплинарна работилница „Изгубени модернистички утопии“, под менторство на Миодраг Куч од Институтот за уметност и урбанизам во Берлин. На 18 декември ќе биде промовирана книгата „Не Уметност. Надвор. Борби. Солидарни уметнички практики на периферијата“ на Валентина Боници, Адела Деметја, Рена Радле, Ивана Васева.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*