Don't Miss
Home / Вести / Филипче: Зоран Заев негативен на коронавирус

Филипче: Зоран Заев негативен на коронавирус


Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека резултатот на претседателот на политичката партија СДСМ Зоран Заев е негативен на коронавирус. Во однос на двајцата лидери на партиите Заев и Мицкоски- сите оние коишто досега имале контакт со нив со оглед на тоа што двата резултати се негативни, не се во никаков ризик – не треба да се тестираат, ниту треба да се самоизолираат.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби после два негативни контролни теста се испишани тројца оздравени пациенти, кои се во добра здравствена состојба и примени се двајца нови пациенти. Во моментов се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, меѓу кои 8  се на механичка вентилација во тешка форма на болеста. Во болницата „8-ми Септември“ има хоспитализирано 21 пациент, од кои 6 пациенти се наоѓаат на респираторна машина, со тешка форма на манифестација на болеста“, изјави министерот Филипче.

Во болницата во Битола хоспитализирани се 4 пациенти пациенти – тие се добри и стабилни и се пратат пациентите коишто се на домашно лекување. Во болницата во Штип примени се уште 4 пациенти од Кочани. Вкупниот број на хоспитализирани пациенти во оваа болница е 8 и нивната здравствена состојба во моментов е стабилна.

„Во однос на статистиката на денот, во изминатите 24 часа направени се досега рекорден број на тестови вкупно 496. Потврдени се позитивни 48 лица, односно вкупно досега во земјата 711 случаи. Статистиката по градови е следната: во Скопје-11, во Куманово-25, во Штип-1, во Прилеп-4, во Тетово-1, во Струга-3, во Охрид-1 и во Гостивар-2 случаи. Големиот број на пациенти коишто се дијагностицирани во Куманово се практично пациенти кои се пратеа, кои беа со препорака во самоизолација. Во меѓувреме развија симптоми заради тоа што беа во контакт со претходно заболени лица од Куманово“, потенцираше министерот Филипче.

Досега во земјата се направени вкупно 7.067 тестирања на КОВИД – 19 вирусот. Во однос на бебето, најмалиот пациент – тоа се наоѓа на Инфективната клиника, стабилно е, за неговата состојба секојдневно се консултира и педијатар.

„Починатиот притвореник во истражниот затвор во Шутка, којшто престојувал од 8-ми март, немал симптоми на КОВИД – 19. Меѓутоа е постмортем истиот дијагностициран – интензивно се работи со луѓето таму. Направени се интензивни прегледи од лекарски тимови, тие продолжуваат и во текот на утрешниот ден и во недела. Земени се голем број на тестови вчера 30-тина, денеска исто така ќе се изанализираат и клинички прегледаат сите луѓе кои се таму, вклучително и персоналот-вработените во затворот“, додаде министерот Филипче.

Вработена во Агенција за храна и ветеринарство повеќе од една недела не е на работа. Од 2-ри април е дома заради ротацијата на тимовите којашто е организирана во смисла на внатрешното функционирање на институцијата. Седум колеги коишто биле во контакт со заболената се во домашна изолација. Во објектот во институцијата се работи на детална дезинфекција и чистење.

„Дозволете да дадам коментар во однос на реакциите коишто ги имаше во јавноста, по медиумите, по мрежите во однос на брзината со којашто пристапивме кон тестирањето на лидерите на двете најголеми политички партии кај нас, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Тие се експонирани многу во јавноста, имаат интензивни контакти со многу луѓе, со претставници на институциите, претседателот Заев со министри во Владата. Сакам јасно да кажам дека тука не станува збор за политички приоритети, туку за заштита на државните интереси за зачувување на функционалноста на институциите, посебно во вакви моменти во криза. Тоа се луѓе коишто имаат интензивни контакти и комуникации и со претставници на медиумите коишто се еден од нашите најсериозни и најголеми партнери во оваа битка која ја водиме против коронавирусот и во таа смисла една од целите беше да се заштитат и претставниците на медиумите, но и вработените во институциите каде што и двајцата лидери често настапуваат, гостуваат и даваат интервјуа“, рече министерот Филипче.

Пред нас е првиот викенд којшто ќе биде целосно затворен/забранет за движење од денеска во 16:00 часот до понеделник 05:00 часот наутро на територијата на цела земја.

„Верувам дека апсолутно сите граѓани ја разбираат потребата од вакви мерки. Знам дека е многу тешко да се седи дома, посебно на вака убаво време, но токму во овие услови мора да се покаже максимална одговорност и секој од нас без исклучок да се придржува до она што е пропишано. Оваа состојба нема да трае вечно и нема да трае долго доколку сите се придржуваме до овие мерки. Многу е важно што имаме линеарен пораст на бројот на пациенти – што значи дека успеваме да го амортизираме ударот во смисла на број на пациенти коишто се примаат во нашите здравствени институции. Сакам да ве уверам дека ние постојано ја следиме состојбата, одлуките ги носиме согласно истата, а крајната цел е што повеќе да го намалиме ризикот по здравјето на секој поединец и здравјето на сите граѓани“, истакна министерот Филипче.

На прес-конференцијата, министерот Филипче додаде дека веќе од почетокот на следната недела ќе почнеме да се подготвуваме за денот кога животите постепено ќе се вратат во нормален колосек.

„Вчера најавив дека започнавме комуникација со претставници на стопанските комори за да се најдат оптимални решенија за организација на работата на сите организации и институции, а се со цел да и после отстранувањето на рестриктивните мерки не ни се случи голем број на нови пациенти, односно повторен пик/врв на ново дијагностицирани пациенти со коронавирусот. Ова го кажувам заради тоа што сметам дека на секој од нас му треба оптимизам и пораки кои ветуваат дека ова сето еден ден ќе заврши, овие сериозни мерки ќе завршат, но само заедно сплотени и одговорни ќе го дочекаме тој ден што побрзо“, посочи министерот Филипче.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*