Don't Miss
Home / Вести / Филипче:Од мерките намалена е преносливоста на вирусот

Филипче:Од мерките намалена е преносливоста на вирусот

Анализите на Министерството за здравство покажуваат дека е намалена преносливоста на коронавирусот. Факторот на преносливост Р0 (ер нула), е намален од 1,5 на близу 1. Тоа значи дека еден човек при непосреден контакт заразувал 1,5 човек, а сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1, објасни вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот рече дека мерките даваат резултати, но предупреди оти вирусот е непредвидлив и во даден момент може да се влоши клиничката состојба на пациент, па да треба голем број пациенти да се хоспитализираат. Тоа значи огромен притисок врз здравствениот систем, изјави Филипче.
Министерот потенцира дека засега не е потребно воведување на полициски час, но од друга страна ја потенцираше важноста за почитување на мерките поради сериозниот притисок на здравствениот систем и брзото исполнување на болничките капацитети, како и недостаток на медицински кадар.
За разлика од пролетта и летото, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија, рече вчера Филипче.


Преносливоста на вирусот е намалена, но притисокот врз болниците е сè уште голем. Според вчерашните информации, во инфективните оддели во Скопје и болниците низ земјава вкупно се хоспитализирани 1.225 пациенти. Во ковид-центрите во болниците низ земјава, пријавено е дека се лекуваат 640 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 152 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 792.
„Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, информираат од Министерството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*