Don't Miss
Home / Вести / Филипче:Расте бројот на излекуваните пациенти

Филипче:Расте бројот на излекуваните пациенти

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше за најновата состојба со коронавирусот во земјата.

„Најпрво дозволете да кажам дека ме радува фактот што секојдневно имаме нови и нови излекувани пациенти, денеска вкупно 18, од нив 13 кои беа на болничко лекување и пет кои се лекуваа во домашни услови. Со ова, бројката на излекувани во нашата земја е 139. За жал, имаме и тројца починати лица, од Куманово, Крушево и Лабуништа“, изјави министерот Филипче и додаде дека се регистрирани 36 нови случаи во нашата земја со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти изнесува 1.117, односно 929 активни случаи, ако се изземе бројката на починати и излекувани пациенти.

„Во изминативе 24 часа направени се 437 теста и со тоа од почеток на овој процес на епидемијата, направени се вкупно 10.859 тестирања. Со оваа бројка, сме на второто место во регионот во однос на направени тестови на милион жители, а ние продолжуваме и понатаму да го зголемуваме капацитетот. После направените подготовки минатата недела, веќе во текот на следната недела, целосно во функција треба да бидат ставени уште двете лаборатории во МАНУ и во Институтот за судска медицина, со што верувам дека значајно ќе се скрати времето на чекање на резултатот, пред сè според веќе направениот распоред во места, во болниците низ државата каде што се прави тријажа и проценка на здравствената состојба на овие пациенти во инфективните одделенија“, потенцираше министерот Филипче.

Министерот Филипче информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби до утрово се примени пет нови пациенти, во моментов хоспитализирани 54. Пет пациенти се на механичка вентилација – респиратор. Во Градската општа болница (ГОБ) „8 – ми Септември“ примени се седум нови, хоспитализирани се, вкупно 37, од кои на респираторна машина се приклучени седум пациенти. Состојбите во болниците во Битола и во Штип се без значајна промена, пациентите се практично без промена во нивната клиничка состојба, во однос на тоа што било во претходните денови.

„Во врска со Домот за геријатрија во Ѓорче Петров, има дијагностицирано вработена којашто е хигиеничарка и за неа, по укажувањето дека има симптоми, односно зголемена телесна температура, направена е проценка на клиничката слика, направен е тест и нејзиниот тест е позитивен. Направена е епидемиолошка анкета во однос на контактите, коишто ги имала со вработените, на дел од колегите/колешките, веќе им е препорачана самоизолација, но имајќи предвид дека домовите за стари лица се едни од местата каде што навистина треба да се пристапи со исклучителна доза на внимателност, заради тоа што тие стари лица се често и неподвижни и практично сите со хронични болести, од следната недела ќе пристапиме со серолошко тестирање на сите коишто се сместени во домовите за стари лица со цел да се направи една подобра проценка на нивната здравствена состојба“, рече министерот Филипче.

Тој објасни, дека се завршени серолошките тестови на вработените во Кумановската болница. Таа е прва тура, којашто била земена во текот на изминатите денови. Од 210 тестирани вработени, кај само двајца се најдени зголемени, едни од антителата, и тие ќе бидат тестирани и на вирусот, истото тоа, како еден начин на пристап – стратегија ќе биде спроведена и во текот на следната недела, посебно во одделенијата, болниците каде што има најголем ризик.

„По вчерашниот состанок, разговор, денеска повторно разговаравме со директорката на болницата во Куманово. Се договоривме сите хоспитализирани таму, со оглед на тоа што бројот на вработени е навистина намален, поради тоа што дел од вработените се во самоизолација, да се префрлат на Инфективната клиника во Скопје. Инфективното одделение во Куманово ќе функционира на тој систем, што таму ќе се прави тријажа и проценка на здравствената состојба и понатаму во координација со Министерството и директорката на Клиниката за инфективни болести и директорот на ГОБ „8 – ми Септември“ ќе се прави проценка дали дел од пациентите ќе бидат упатувани во Скопје или ќе останат да се лекуваат во Куманово“, подвлече министерот за здравство.

На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше дека остварил разговор со францускиот амбасадор Тимоние, кој преку организацијата „Проект ХОУП“ донираше заштитни маски, обувки, комбинезони во вредност од 5.000 евра. Тој го запознал амбасадорот Тимоние со активностите кои се преземаат во нашата земја прави, а амбасадорот го споделил искуството од мерките кои се преземаат за решавање на состојбата со коронавирусот во Франција.

Исто така, министерот Филипче во разговор со американската амбасадорка Кејт Мари Брнз го споделил планот и стратегијата, како за претстојниот период кога се очекува пикот на бројот на заразени, така и за периодот којшто ќе следува понатаму, во однос на проценка на ризиците, начинот и ослободувањето на дел од рестриктивните мерки. На организираниот состанок од страна на Светската здравствена организација (СЗО), на кој присуствуваа повеќе од 150 земји учеснички биле разменети искуства и планови, од повеќе земји – пред сè на Италија и се разговарало за плановите на дел од земјите во однос на тоа, како здравствениот систем да се постави понатаму и заеднички е заклучено, дека оваа болест и по остварувањето на пикот на бројот на пациенти ќе продолжи да постои.

„Нема да можеме целосно да ја елиминираме, за жал, и веројатно ќе треба да има посебни делови на здравствениот систем посветени на пациенти кои ќе бидат КОВИД позитивни и пациенти кои нема да бидат позитивни на овој вирус, а сè со цел да се испланираат капацитетите, посебно гледајќи перспективно во периодот на есента, зимата којашто доаѓа оваа година, кога сите земји ќе се соочат освен со соодветен број на пациенти заразени од КОВИД-19 и со пациенти болни од сезонскиот грип. Треба да се направи една сериозна анализа и поставеност на здравствениот систем. Еден од главните заклучоци одеше во насока на целосно активирање и уште поголемо вклучување на матичните лекари, со цел пациентите да се задржат што повеќе на примарно ниво, за да болничките капацитети бидат слободни во случај да има потреба од хоспитализација на пациенти позитивни на коронавирус“, рече министерот Филипче.

На крајот, на денешната редовна прес-конференција, министерот Филипче упати порака до граѓаните:

„Оваа година го прославуваме Велигден на еден навистина поинаков начин и јас за да ги заштитам моите најблиски, овој празник решив да го поминам сам, изолиран од семејството, заради тоа што секој од нас носи огромна одговорност и за тоа мораме да сме сите свесни. Празничните собирања оваа година треба да изостанат, тоа е инвестиција во најважното – во здравјето. Тоа е единствениот начин, со кој можеме сите како поединци да дадеме свој придонес во борбата со вирусот, кој го смени животот на милиони луѓе ширум светот. Да се биде дома, значи да се направи разлика и да се спасат човечки животи. Да се помогне на здравствените работници, кои овој празник ќе го поминат на своите работни места, во грижа за пациентите и борба за секој живот. Сакам да упатам и голема благодарност до сите други, кои празникот го поминуваат во служба на граѓаните и секако благодарност до граѓаните кои седат во своите домови. Ви благодарам“, рече министерот Филипче во своето обраќање кон граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*