За само неколку денови и оваа, 2019 година, ќе стане минато. Само уште нецели 5 дена не делат од дочекот на најлудата и највеселата ноќ во годината, кога сите ние, кои успеавме да ја преживееме оваа година, ќе си посакаме Новата , 2020 година да ги исполни сите наши(пред)новогдишни желби за убав и среќен животот.
Минатата 2018 година, кога токму во предвечерјето на дочекот на Новата 2019 година ја пишував колумната за тоа како јас ја видов 2018 година, напишав дека таа беше година премрежја, кои наместо живот ни донесоа многу непроспиени ноќи и грижи.
Таа 2018 година остана “архивирана “ во нашите сеќавања по бегството на тогаш самопрогласениот “најголем патриот” од државата, човекот кој себеси се доживуваше како Александар Велики, Никола Груевски, во Унгарија.
Соочувајќи се со реалноста дека ќе мора да одлежи за почеток 2 години затвор, Груевски “собра храброст” и по тајни канали и патишта, ја напушти Република Македонија и како во филмовите избега во Унгарија.
Таа, 2018 година, многумна ја запамтија по највата на СЈО и Катица Јанева за бескомпромисна борба против организираниот криминал и по конечната пресметка со “Фамилијата “ и креаторите на организираниот криминал во Република Македонија
Тие денови иако тие самите, а и сите ние, “ Чарлиевите ангели “ ги сметавме за недопирливи, сепак при крајот на годината, во истражниот затвор во Шутка завршија добар дел од “Фамилијата “, кои подоцна нудеа тешки милиони евра да излезат од притвор и Новата 2019 година да ја пречекаат со членовите на нивните семејства во своите домови.
Со нивното апсење тогаш поверувавме дека конечно и Македонија ќе стане држава во која криминалот ќе стане неисплатлива професија.
Со изгласувањето на уставните амандмани, кон средината на јануари 2019 год., пред празникот Водици, Македонија почна да ја испишува новата страница од својата мова историја, на држава која се преименува во Република Северна Македонија.
Тогаш на сила стапи Преспанскиот договор од Нивице.
И токму тогаш, кога сите ние поверуваме, или пак сакавме да поверуваме, дека Македонија конечно по решавањето на спорот околу името со Грција, ќе почне да испишува страници на држава со европски стандарди, во која ќе владее правото и правдата, како чума Македонија ја погоди случајот “ Рекет “ во кој е инволвирана првата обвинителка во државата Катица Јанева и некои луѓе блиски до власта.
Оваа афера покажа дека криминалот во Македонија е вродена мана на сите луѓе кои ќе се доберат до власта и државните пари.
Иако власта се обиде случајот “ Рекет “ на јавноста да и го “продаде “ како нејзина цврста решеност да се пресмета со сите лица кои се инволвирани во матни и криминални работи, сепак Заев и неговата екипа не можат да ја избегнат одговорноста што толку наивно наседнаа на “Риалити игрите” на Боки 13 и да бидат вплеткани во аферата “Рекет”.
Со излегувањето на виделина на оваа афера, која сигурно ќе има нови продолженија и епизоди, кои сега ни самата обвинтелка Рускоска не знае како ќе изгледаат, граѓаните на Македонија ја изгубија и последната надеж дека на овие простори е добиена битката против криминалот и кримналците.
До апсењето на Јанева, СЈО беше последната надеж дека по “режимот “ на Груевски и наводното празнање на државната каса од најмалку 5 милјарди евра ќе му се стави крај на криминалот во Македонија.
Но откако слушнавме и видовме како наместо Катица Јанева, Боки 13 го води СЈО, ми се чини дека пропадна и последната надеж дека во Македонија ќе дојде правото и правдата и дека тука допрва ќе има протести под паролата “ Нема правда нема – мир “.
Мудрите рекле, надежта последна умира. Но се ми се чини дека од аферата “ Рекет “ и другите нерасчистени афери, кај нас сега надежта е прва на која треба да и запалиме свеќа.
Таа е сега упокоена, без да се знае дали некогаш воопшто ќе воскресне. Сега во Македонија наместо власта, опозицијата ветува правда и праведност, отворена борба против криминалот, чист воздух, инвестиции, поголема грижа за работниците, пензионерите…
Во Македонија веќе никој не зборува за криминалите на “фамилијата”. Со амнестијата на екс министерката Елизабета Камчевска Милиевска, веќе никој не зборува ни за проектот “ Скопје 2014 “, кој уште кога почна да се реализира, сегашната власт тврдеше дека е најголемиот грабеж во државата, кој Македонија ќе ја чини од 600 милиони до 1 милјада евра.
Сега никој не зборува ни за архитектите, ни ливците, ни изведувачите кои ни го “ скроија “ “Скопје 2014 “, ниту пакј за бројчаникот , кој треба(ше) да ги евиднетира вратените пари од криминалните зделки.
Освем неколкумина, останатите членови на “фамилијата” се на слобода и си играат “криенка “ со судиите и обвинтелите.
Најголемите виновници за “Големото уво “ се во егзил. “ Бомбите “ на Заев сега ги заменија нови “бомби” кои ги пушта Орце Камчев или “Ле Верита”.
Наместо Заев сега отворена борба против криминалот и криминалците заговара лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Во една таква атмосвера, на неостварени желби и старо – нови ветувања, Македонија ја дочекува Новата 2020 година.
Првите денови по Нова година, Македонија ќе ја дочека со технички премиер и бескомпромисна борба за власт.
До 12 април, ќе бидеме сведоци на се и сешто. Повтирно ќе се изнаслушаме старо – нови ветувања.
Затоа во оваа прилика, во предвечерјето на Новата 2020 година, единстевното нешто што себеси и на сите ќе им го посакам е да имаат добро здравје, лична среќа и верба во себе и Севишниот, во кој единстевно остана да веруваме и да му се молиме да ни го исчисти воздухот, за да можеме идната година барем ( слободно ) да дишиме.