До крајот на оваа календарска 2017 и дочекот на Новата 2018 година остануваат само уште три дена.
В недела на 31 декември ќе ја испратие оваа и ќе ја дочекаме Новата година.
За три дена сите ние кои ја имавме таа среќа да ја преживееме 2017 година ќе испишуваме уште една година од нашето животно битисување.
За три дена и оваа 2017 година ќе стане минато.
За тоа како ја преживеаја 2017 година, оставам секој сам да си ја раскаже својата приказна. Но не треба човек да биде паметен, чест на исклучоци, кои ќе посакаат оваа 2017 година што побрзо да си замине и да ја заборават.
Посебно годината што наскоро ќе стане минато ќе (по)сакаат да ја заборават луѓето од претходната власт, кои по 12 години владеење, како на локално, така и на државно ниво, наместо во своите удобни и скапо платени фотелји, седнаа на тврдите столчиња во судниците, каде им се суди за бескруполозно пљачкање на државата и силување на народот.
Годината што изминува, по некои работи ќе остане запамтена како историска.
По смената на државната власт на крајот на 2016, во октомври 2017, дојде до смена и на локалната власт.
Конечно ВМРО ДПМНЕ замина во опозиција. По победата на локалните избори, дојде до целосна смена на власта.
Сега со државата, како на дражвно, така и на локално ниво, владее СДСМ и нејзините коалициони партнери, кои по 12 години Донки хотовска борба, конечно успеаја да го срушат режимот на Никола Груевски и да ја симнат ВМРО ДПМНЕ од власт.
Тоа во што малкумина веруваа, а најмалку Груевски и неговата свита, се случи. Падна режимот, кој од Македонија се обиде да направи приватна држава, со која се мислеше дека ќе раководи само Големиот Никола и неговата “фамилија”.
Режимот на Груевски падна како кула од карти.
Со неговото паѓање си замина Никола Груевски, кој откако по апсењето на учесниците во настаните од 27 април и шестмина пратеници, виде дека остана сам, напуштен од сите, па дури и од неговите најверни соработници, си поднесе неотповиклива оставка и си замина од лидерската позиција.
Во 2017 година, по 12 години владеење од градоначалничката функција по 15 октомври, си замина и екс градоначалникот Владимир Талески, кој цели 12 години со своите “режии” на животот во градот, од Битола направи театарска сцена, во која сите граѓани играа споредни улоги или беа ставени во улога на статисти.
По поразот на 15 октомври Талески се врати во Народниот театар каде треба да игра ликови на други лица. Но дури по поразот на 15 октомври, битолчани имаа можност да го видат неговото вистинско лице.
Битола остана заглавена за најмалку 13 милиони евра, кои сигурно ќе бидат многу поголеми, кога ѓе биде направена целосна ревизија на неговото работење.
Талески на новата градоначалничка Наташа Петровска и на граѓаните на Битола им остави многу нацртани и платен, но не започнати проекти, долгови од кои се крева косата на главата и целосно осиромашен и напуштен град.
За тоа како владееше Талески и неговиот тим со народните пари во изминатите 12 години ќе кажат истражните и судските органи, кои и досега и во наредниот период ќе се занимаваат со неговото раководење.
Но без разлика на пресудите на судот, битолчани на Талески во 2017 година веќе му пресудија. За нив тој е ликот кој повеќе не можат да го замислат ни дечињата кога ги гледаат неговите настапи во улогата на Двојче и Туфи.
Смената на државната и локалната власт му донесе многу надеж на граѓаните на Македонија и Битола.
Сега кога коенчно режимот падна граѓаните на оваа држава, а во таа смисла и на Битола, очекуваат конечно да дојде “живот” како што ветуваше премиерот Заев и неговите поддржувачи.
Толку напатениот и осиромашен народ со право се надева дека во 2018 година конечено во Република Македонија ќе ги огрее сонцето.
Враќање на животот и слободата, беше главното мото на СДСМ за време на парламентарните и локалните избори.
Што се однесува до слободата таа веќе може да се почуствува, зашто народот се ослободи од стегите на владеењето на ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски, кои едноставно цело време настојуваа да го држат народот под контрола за остваруавње на своите партиски цели и планови.
Сега останува да се врати животот во Македонија, во која како што често пати знае(ше) да каже Заев, секој ќе има своја шанса за успех.
За разлика од слободата, овој пат враќањето на животот на Заев ќе му оди многу потешко, зашто државата е доста заглавена и искрадена, а со празна државна и општинска каса тешко се преживува.
Народот, а и членството на партијата се нестрпливи. Сите тие со право очекуваат смена на начинот на владеење и подобри услови за работа и просперитет. За да дојде до тоа потребно е на раководните места да се изберат способни и професионални кадри, кои ќе знаат да менаџираат со ресурсите кои им се на располагање.
Време за враќање на животот и надежта кај сите, а не само за партиското членство и нивните поддржувачи.
Овој пат заслугите за паѓањето на режимот и доаѓањето на слободата се заслужни и други луѓе, кои не беа и не се партиски обоени. И тие имаат право на живот и надеж. Впрочем правото на живот е уставна категорија.