Don't Miss
Home / Колумни / Град на неостварени соништа и желби

Град на неостварени соништа и желби

             

        Битола за два дена ќе одбележи 78 години од своето ослободување.

        Петок, на 4  ноември, граѓаните на Битола ќе го прослават својот 78 роденден.

        И  како што е  вообичаено кога се прославуваат родендените  и се испорачуваат  желбите и посакувањата  за идниот роденден, по некое непишано правило се прави пресек за тоа што е остварено, или неостварено, меѓу двата родендени.

        И веднаш да кажам  својот 78 роденден Битола го пречекува со многу неостварени сништа  и желби.

        Многу роденденски сништа од минатиот роденден на градот останаа да чекаат подобри времиња.

        Затоа со право некои велат дека Битола во последно време стана град на неостварени сништа и  желби.

        За жал таквата реалност ги натера многу битолчани, претежно млади, да го напуштат овој град и својата среќа да ја бараат во други европски држави или преку Атлантикот.

        Младите сограѓани веќе одамна не ја гледаат својата сегашност и иднина, или перспектива во Битола.

        Тие едноставно заминуваат. Најголемиот број од нив вадат карта во еден правец.

        Битола повторно како во  шеесетите години станува печалбарски град.

        Тоа што е најтрагично во целата оваа реалност е што сега новите “ печалбари “ на печалба не заминуваат  да спечалат  за корка сува леб или  да пуштаат  долари или  евра   за да  го прехранат семејството кое го оставиле, туку заминуваат затоа што овој град стана  бесперспективен, град на изгубени сништа и илузии.

        Најголемиот број од младите веќе не се гледаат  во Битола и не сакаат своите најубави години да ги поминуваат во својот роден град, во кој се чувствуваат како сирачиња.

        Битола полека но сигурно станува град на пензионери и град  во кој својата среќа најголемиот  број граѓани ја бараат во игрите на среќа, кладилниците,  коцкарниците, казината…

        Си заминуваат безмалку сите, од невработени водоводџии, армирачи, бојаџии, паркетари, градежници, ѕидари, инжениери, доктори, професори, електроинженери.

        Во градот остануваат само политичарите и нивните сопартијци и симпатизери кои  го одложуваат  своето заминување надевајќи се дека партијата ќе им обезбеди добар и сладок живот.

        Иронијата да биде поголема во настојувањето да ја напуштат Битола најголемиот број од нив, кои не сакаат да чекаат ред за вработување пред партиските седишта, чекаат во редиците пред Бугарскиот конзулат да се пишат Бугари за да извадат бугарски пасоши и како Бугари да ја напуштат Битола и државата.

        Тажни и трауматични  се приказните на  голем број наши сограѓани кои мораат да се разделуваат од своите најмили  кога  заминуваат во странство, со  надеж дека еден ден кога ќе спечалат ќе се вратат.

        Некои родители, баби, дедовци веќе не дочекаа да си ги видат своите деца и внучиња пред да починат.

        Многу од тие кои се иселија не успеаја да дојдат ни на погребите на нивните најмили.

        Битола веќе одамна не е  повеќе втор град во државата. Таа по резултатите од последниот попис е дури четврта во Македонија.

        Таквото паѓање е поради масовното заминување на младите.

        И за тоа време додека  Битола се иселува и станува град на изгубени сништа и надежи, политичарите продолжуваат со своите нереални и најчесто ирационални политики.

        Во трката да се освои власта политичарите, речиси без исклучок,  ветуваат дека ќе го вратат сјајот на Битола.

        Но тој сјај никако да дојде.

        Битола не само сега, поради енергетската криза, туку речиси сите изминати години  тони во мрак.

        Во изминатите три децении од македонската независност и од новата територијална поделба битолските кметови на битолчнаи им ветувале безброј проекти, но  за жал најголемиот број од нив останувале нереализирани.

        Па така поради нереалните и празни  ветувања и  планирања Битола остана  и денес без  планинарскиот дом Копанки, кој со години не се реконструира, без Детското одморалиште Пелистер, катни и подземни гаражи, без велосипедски патеки,  затворен базен, Аква парк, голф терени, тениски игралишта, трговски центри, ресторани, хотели, спортски терени, места за забава на младите, модерни дискотеки, рекреативни места…

        Секојдневниот живот на битолчани, особено на младите  стана толку  едноличен што се сведува едноставо  само  на денско или  ноќно пиење кафе и парадирање низ Широк сокак и некои седенки за фејзбук промовирање.

        Во една таква, за жал м(р)ачна сегашност и бесперспективна иднина Битола го дочекува својот 78 роденден.

        Иронијата да биде поголема таа мрачност иако не ги допира сите, за жал сите ние кои останавме тука да живееме не погодува, и тие кои имаат и тие кои немаат.

        Старо и непишано правило е нема среќни поединци со несреќен народ.

        Во таа смисла со желба за подобро и посреќно утре го дочекуваме претстојниот 78 роденден на  Битола, градот кој некогаш важеше  за град на младите и едно време среќни и радосни битолчани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*