Home / Вести / Градоначалникот Коњановски со делегација на УКЛО во Падерборн, Германија

Градоначалникот Коњановски со делегација на УКЛО во Падерборн, Германија

Во Падерборн, Германија, во организација на универзитетот од овој град, во тек е првата официјална средба на членовите на Алијансата на европскиот универзитет Колорс, каде од почетокот на оваа година, членува и битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска. (https://uklo.edu.mk/moodle/course/view.php?id=80). Првата средба, го означува новото поглавје во развојот на УКЛО, на Битола, на регионот и пошироко, а општината преку активна соработка со универзитетот, дава свој придонес во зајакнување на надворешните врски и градење на неопходното поврзување на академската заедница со сите важни општествени чинители.

Покрај  Акaдемскиот координатор и претставник во конзорциумот во Алијансата, проф. д-р Рената Петревска – Нечкоска , УКЛО на овој важен настан учествува со ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорите: проф. д-р Јове Димитрија Талевски кој воедно е проектен координатор, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, проф. д-р Горан Илиќ, претседателот на Сенатот д-р Николче Јанкуловски и студентскиот лидер на УКЛО, Борис Гушевски. Во делегација од академскиот кадар на УКЛО учествува и професорката Мимоза Богдановска Јовановска од ФИКТ.

Меѓу  почесните гости и важни чинители во поврзувањето на деветте европски универзитети со надворешното опкружување се и неколку градоначалници како претставници од градовите во кои се лоцирани универзитетите, како и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој во текот на вчерашниот ден имаше средба со градоначалникот на Падерборн, Мајкл Драјер, со кој разговараа за потенцијалните можности за соработка меѓу градовите, а заеднички присуствуваа и на универзитетскиот форум и организираниот саем, каде беа претставени најважните карактеристики и специфичности на градовите чии универзитети се членки на Алијансата Колорс.

Градоначалникот Коњановски, информираше за досегашните активности кои се реализираа во партнерство на универзитетот и општината, меѓу кои: универзитетската летна пракса, отворениот ден на УКЛО, како и потенцијалната соработка со универзитетот за реализација на меѓународни проекти.

Коњановски, го покани градоначалникот на Падерборн и претставниците на универзитетите да бидат гости во Битола, каде ќе може повеќе да го запознаат градот и државата и на тој начин да се воспостават нови партнерства и соработка. Како и овој настан, така и идните активности планирано е да се реализираат хибридно односно со физичко присуство и со можност за директно вклучување преку видео врска.

Во следните четири години, Алијансата ќе организира бројни активности  во кои ќе бидат вклучени повеќе надворешни и релевантни актери кои заедно со академијата и студентите ќе се поврзуваат и соработуваат за исполнување на неколку носечки компоненти, како што се: општествена, зелена и дигиталната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*