Агенцијата за супервизија на осигурување му дала дозвола на „Граве Осигурување“ да го купи „Еуролинк осигурување“.
„Усвоено е решение за издавање согласност за стекнување квалификувано учество од страна на Grazer Wechselseitige Versicherung Aktiengesellschaft AG од Грац, Република Австрија да стекне акции, кои претставуваат вкупен кумулативен износ кој надминува 75 отсто од вкупно издадените акции со право на глас во Акционерското друштвото за осигурување ЕУРОЛИНК Скопје“, соопштија од Агенцијата.
Од таму додаваат дека Grazer Wechselseitige Versicherung Aktiengesellschaft AG треба да ја изврши трансакцијата за стекнување на акциите во рок од 60 дена од денот на добивање на ова решение и притоа да ја извести Агенцијата во рок од 5 работни дена од денот на стекнувањето на акциите.
Инаку, „Еуролинк“ е во сопственост на GOFI-Group of Finance and investment SA, швајцарски инвестициски фонд кој се поврзува со бизнисменот Трифун Костовски, кој неодамна во интервју за Фактор рече одлуката дали осигурителната куќа ќе се продава или не ќе ја донесе неговата ќерка Олга Костовска.
-Сметам дека тоа е одлука на Олга. Дали таа смета дека осигурителниот бизнис стигнал до некој врв и можеби сега ќе се зафати со некој нов предизвик во животот, верувајте ми, до моментов немав можност да разговарам со неа. Меѓутоа, дали тоа ќе се случи, јас не знам. Во моментов за осигурителната компанија не можам да ви дадам никаков одговор – дали ќе се продава, дали нема да се продава – рече тогаш Костовски.