Don't Miss
Home / Uncategorized / Италијански психолози се заинтересираа за научниот труд на Марија Младеновска – Димитровска

Италијански психолози се заинтересираа за научниот труд на Марија Младеновска – Димитровска

                         

  Италијанските психолози, кои учествуваа на 16. европски конгрес за психологија во Универзитетскиот центар Ломоносов во Москва се заинтересираа за научниот труд на битолчанката Марија Младеновска-Димитровска.

      Денеска по успешната презентација на својот научен труд, Марија доби отворена покана  од италијански психолози да го презентираа нејзиниот научен  труд во Италија.

          Инаку, денеска  на Универзитетот  Ломоносов во Москва,  Марија Младеновска- Димитровска го презентираше својот научен труд од областа на психологијата под наслов: “Поврзаноста помеѓу авторитарноста, национализмот, етничката дистанца и прифаќањето на антидемократските  вредности кај младите”.

            Според Димитровска, во нејзиниот научен труд, кој е од бласта на социјалната психологија, таа ја испитува изразеноста на авторитарноста како димензија на личноста кај младите и нејзината поврзаност со прифаќањето на националистички ставови и систем на вредности, како и антидемократското однесување и манифестирање на етничка дистанца кон припадниците на другите етнички заедници.

             Истражувањето беше спроведно на 240 испитаници од средношколска  популација.

Резултатите од истражувањето покажаа дека младите  кај кои е повеќе изразена авторитарноста, покажаа повисок степен на национализам и поголема склоност за прифаќање на антидемократски вредности,  а манифестираат и повисок степен на етничка дистанца во однос на припадниците на другите етнички заедници.

-Со оглед на фактот дека авторитарноста е поврзана со прифаќање на антидемократските вредности, односно дека авторитарните лица се повеќе наклонети да прифаќаат однесувања и да се покоруваат на авторитети и групи, без критичко да ги опсервираат нивните погледи  и мислења, може да резултира со појава на национализам, екстремни однесувања и нетолеранција кон другите, кои се перцепираат  како “различни”.

Наодите  од истражувањето треба да се земат предвид во однос на тоа каков систем на вредности и ставови им сервираме на младите генерации. Доколку сакаме да градиме мултикултурно, мултиконфесионално и граѓанско општество, коешто ќе негува односи на почитување и толеранција кон различностите, треба многу внимателно да пристапиме кон тоа каков систем на вредности им нудиме на младите преку процесот на воспитување и едукација, образовниот систем, медиумите и општеството во целина. Не е за занемарување фактот дека во истражувањето се покажа пораст на етничката дистанца кај младите во однос на другите етнички заедници. Во споредба со претходни истражувања, тоа ни говори дека треба сериозно да работиме на подобрување на меѓуетничките релации и градење на мултикултурно општество, вели психологот Марија Младеновска-Димитровска.

Инаку, на Конгресот, кој од 1 до 5 јули,  се одржува на Московскиот државен  универзитет Ломоносов,  учествуваат  преку 2.500 психолози, универзитетски професори,  научни работници, од 83 земји од Европа и светот: Русија, САД, Германија, Турција, Кина, Италија, Шпанија, Индонезија, Хонг Конг, Австралија,  Бразил…

            На овој најголем научен собир за психолози, не само во Европа, туку и во светот, Македонија со свој научен труд  ја претставуваше единствениот претставник, психологот од Битола, магистер по психологија Марија Младеновска – Димитровска.

Научниот труд, кој е областа на социјалната психологија, претставува најново  опсежно научно истражување на Марија Младеновска- Димитровска. 

            Конгресот се одржува под покровителство на Руската академија за образование, Руското психолошко друштво, Европската  федерација на псхолошки асоцијации ,УНЕСКО и Министерството за наука на Руската Федерација и Министерството за надворешни работи.

            Успешна работа на Конгресот на бројните психолози покрај рускиот премиер Димитри Медведев и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, им посака и екипажот од Руската вселенска станица Мир, кој со видеопорака  го истакна огромното значење на психологијата во денешно време, која и те како им е потребна и на космонаутите.

Конгресот беше отворен  во “Кремљ палатата” во Москва, која е една од најдобрите и најпрестижните театарски и концертни сали во Русија,  пред околу 6.000 присутни. Свеченото отворање беше збогатено со  спектакуларен настап на познати културни уметнички друштва од Москва, солисти, оперски пејачи, членови на московскиот балет.

Претходно за сите учесници и гости на конгресот, организаторот на Конгресот, во свечената сала на “ Кремљ палата“, која се наоѓа во внатрешниот дел на Кремљ, приреди богат коктел со руски специјалитети.

Конгресот својата работа ја завршува утре со свечена вечера за сите учесници на овој најголем научен собир од областа на психологијата  во Европа и светот.

            Инаку, Ломоносов  е државен  универзитет  и важи за еден од  најдобрите руски универзитети. Во него студираат над 40.000 студенти, а  се ангажирани  околу 6.000 професори -предавачи  и 5.000 научни работници. Универзитетот  има  своја библиотека, која  е една од најголемите во Русија со 9 милиони книги, од кои над  2 милиони  се на странски јазици.

М.М.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*