Home / Економија / Касарната „разоружана“ во битолските отпади

Касарната „разоружана“ во битолските отпади

Неодамнешната изјава на директорот на Заводот и музеј – Битола, Зоран Алтипармаков, по уништувањето и кражбата на големиот кристален лустер во Офицерскиот дом, дека во касарната во Битола крадците на старо железо дури ги украле и двата тенка, како и делови од авионот, на најдобар начин ја отсликува (не)грижата на некои од надлежните државни и локални институции, не само кон спомениците на културата во Битола, туку и кон објектите со кои стопанисуваат тие.

-Како можеме да се надеваме дека ќе го заштитиме лустерот во Офицерскиот дом, а и самиот дом, кога ние како град не успеавме од крадците да ги зачуваме ни двата тенка во касарната и деловите од авионот, кој беше „приземјен“ на врвот од ридот. Доколку ние на своја рака не се ангажиравме да ги спасиме едниот тенк и топот, кои сега како сувенири го украсуваат предворјето на Заводот и музеј, и тие ќе беа сигурно украдени и продадени во некој од битолските отпади како старо железо – изјави по уништувањето и кражбата на кристалниот лустер во Офицерскиот дом, директорот на Заводот и музеј – Битола, Зоран Алтипармаков.

Оваа изјава на првиот човек на Заводот и музеј е само уште една потврда на тоа што битолчани со голо око можат да го забележат секој ден, дека во ова време на електроника и софистициран видеонадзор, како и огромен број агенции за обезбедување што функционираат во Битола, голем број споменици на културата, како и општински објекти и државни институции се оставени едноставно на милост и немилост да пропаѓаат и се постојана цел на крадците.

Таквата (не)будност на надлежните институции во голема мера ја користат локалните крадци, а особено оние на бакар и на железо, кои не само што не мируваат, туку буквално не спијат и крадат сѐ што ќе им дојде до рака. Во последно време, битолската касарна, која до селидбата на ЈНА важеше за една од најмодерните и најдобро обезбедените воени касарни во Третата воена област, откако за неа се грижи локалната самоуправа, едноставно е постојано цел на крадците.

Според зборовите на нашиот соговорник Т. Ш., кој е добро информиран за случувањата во касарната и грабежот на железото и на преостанатите предмети, од касарната се украдени ни помалку ни повеќе туку над 250 до 300 тони железо.

-Украдено е буквално сѐ од парноводот, потоа најголемиот број ребра за затоплување од објектите во кои спиеја војниците, котларницата, пералниците за перење и за сушење алишта, електричната инсталација, столбовите, дрвенарија и што ти уште не. Јас бидејќи со години се движев над касарната бев сведок како таа се разграбува. Крадците на старо железо буквално работеа во три смени, дење и ноќе. Тие крадеа сѐ што можеше да се украде. Неодамна забележав дури дека од двете цистерни за мазут, кои се наоѓаат над патот во ридот, од кои секоја тежи по најмалку 60 тони, се украдени и алуминиумските обвивки на котлите за мазут, а и затворачите, па, так,а сега во базенот, до цистерните се истечени огромни количества мазут. Ако, да не даде господ, таму од невнимание се запали мазутот, јас мислам дека половина Битола ќе биде загрозена – ни вели нашиот соговорник, Т. Ш., кој очигледно е добро упатен за тоа што сѐ е украдено од касарната.

Дека Златниот рид, како што од неодамна се вика касарната, навистина беше „златна кокошка“ за многубројните крадци, деновиве обвини опозицијата во Битола, која најави дури и поднесување кривична пријава против непознати сторители и градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

– Во 2010 година општината Битола презеде објекти и имот на поранешната касарна, кои во себе содржеа функционални вредности. Но, она што се наметнува како прашање е дали општината Битола се однесувала домаќински кон имотот што го добила на владение – обвини портпаролот на СДСМ, Борче Корлевски.

На таквите обвинувања на СДСМ, дека касарната буквално е украдена од крадците, од локалната самоуправа во Битола тврдат дека таквите обвинувања се во најмала рака тенденциозни и злонамерни, кои се пласираат во јавноста за да се добие некој политички поен, пред претстојните предвремени парламентарни избори.

– Продажбата на движниот имот од касарната е извршена во согласност со постојните законски прописи за јавни набавки. Вредноста на продадените движни предмети е утврдена од страна на комисија за процена и овластен проценител за почетната пазарна вредност – тврдат од страна на општинската администрација, од каде што додаваат дека откако движните предмети се продадени на електронска аукција за имотот во касарната сега се грижи купувачот, а не општината Битола.

Но на ваквите тврдења од страна на локалната самоуправа, од опозицијата одговараат дека движните предмети и објекти во касарната се дадени на аукција дури неодамна, и тоа откако градоначалникот на Битола, Владимир Талески се наоѓа во куќен притвор и дека цената за која се продадени движните предмети е навистина смешна и изнесува само 10.000 евра.

– Ако се земе предвид фактот дека опремата во објектите на АРМ (пекарница, котлара, разладни комори, фискултурна сала, пералница, парновод) претставувала синоним за квалитет и фактот што во моментот кога им беа предадени на општината објектите беа во функционална состојба, тогаш зачудува како тоа цел движен имот се продаде за смешна цена од околу 10.000 евра како старо железо. Имајќи предвид дека тендерот за продажба на старо железо е објавен во време кога битолскиот градоначалник е во домашен притвор, го повикуваме специјалното јавно обвинителство и одделот за економски криминал при СВР-Битола, да проверат под какви околности е распишан тендерот и со каква документација – велат од СДСМ, кои најавија поднесување кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување (член 353 од КЗ).

Упатените во овој случај велат дека проблемот со кражбата на објектите во касарната настанал кога таа ѝ била дадена во сопственост на локалната самоуправа. Во општинската администрација сметале дека во нивна сопственост се само објектите, а не и движните предмети или инсталациите во самите објекти. Токму поради таквото „толкување“ на работите тие не ги давале нив на тендер за продажба.

Но таквата ситуација, крадците ја искористиле на тој начин што почнале со честите кражби и со години буквално краделе сѐ што можело да се украде. Дека притоа тие не правеле селекција во кражбите најдобра потврда е што ги украле дури и сите инсталации и предмети и во објектите што општината ѝ ги дала на користење на СВР-Битола.

Дури откако во општината Битола сфатиле дека не можат да ја заштитат касарната и дека движните предмети им припаѓаат ним, општинската администрација дури неодамна одлучила да распише тендер за продажба на движните објекти на некоја фирма што се занимава со откуп на старо железо.

Тоа што паѓа в очи е што тендерот е распишан дури сега, кога крадците во најголем дел ја „разоружаа“ касарната што според опозицијата е не само задоцнет потег, туку и во најмала рака недозволиво.

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*