Don't Miss
Home / Колумни / Кога политичарите го “чистат” воздухот

Кога политичарите го “чистат” воздухот

             Со заладувањето и  почетокот на грејната сезона, (не)чистиот воздух повторно стана дежурна тема во Битола.

          Завчера, за време на одржувањето на свечената академија, по повод  роденденот на Битола, 4 Ноември, пред  Народниот театар  се собраа две групи битолчани. Едната група, која присуствуваше на свеченоста,  а другата,  предводена од  активисти на ВМРО ДПМНЕ, која со транспаренти и палење свеќи протестираше и го изразуваше својот револт од нечистиот воздух кој го дишат битолчани.

          Додека  едните протестираа и извикуваа “Лицемери каде ви се маските “,  другата група, револтирана од  наводното нивно лицемерно однесување,  гласно негодуваше  против тие што  протестираа, зашто тие токму кога Битола го славеше својот роденден  и кога  на свеченоста  требаше да влезат  бројни делегации од збратимените градови  и добитниците на највисоките општински признанија се одлучиле да организираат протести.

          Притоа и едните и другите заборавија на нивите претходни однесувања, кога ВМРО ДПМНЕ ја имаше локалната власт и кога токму на денот 4 Ноември, Здружението  “За нас се работи “ со поддршка на тогашната опозиција на СДСМ организираше масовни протести пред Народниот театар, поради нечистиот воздух, што го дишеле битолчани.

           И овој пат како и многу пати досега се потврди  правилото, дека битолските политичари се единствено доследни во својата недоследност.

          Последните денови, во Битола, особено откако залади  и кога битолчани почнаа да ги греат своите домови, речиси секој божји ден политичките партии  на власта и  опозицијата се напаѓаат меѓу себе кој бил, и е, виновник  за нечистиот воздух кој го дишат нивните сограѓани.

          Додека локалната власт се обидува на секој начин да ја симне од себе одговорноста за  нечистиот воздух, кој ги труе  битолчани, опозицијата,  предводена од ВМРО ДПМНЕ се обидува целата вина за загадувањето на воздухот да ја префрли на  актуелната локална власт.

          Деновиве на една таква “дебата  “ бевме  сведоци  на седница на  Советот на општината  Битола, на која опозицијата жестоко ја критикуваше власта дека  во изминиатите две години, откако  дојде на власт не направила ништо за да го намали загадувањето на воздухот во градот.  На таквите критики советниците од власта отфрлајќи  ги таквите критики, оценувајќи ги како тенденциозни и злонамерни,  невешто се обидуваат да ја симнат од себе одговорноста за загадениот воздух, тврдејќи дека  таа прави се за да се намали загадувањето на воздухот во Битола, но овој проблем не може да се реши преку ноќ.  

          На  прашањето што треба да се направи конкретно  и кои мерки треба да се преземат во Битола конечно да се исчисти воздухот, ниту опозицијата, ниту власта,  имаа(т)конкретен  одговор.

          Притоа и едните и  другите  како да  не се свесни дека само со политички меѓупартиски препукувања ,  возудхот во Битола не може да се исчисти.

          Сегашната  опозицијата не вели како што тоа го тврдеше кога беше на власт  дека само господ може да го исчисти воздухот кој го дишат битолчани.

          Иако за разлика од ВМРО ДПМНЕ,  сегашната власт  не се повикува на господ,  сепак , сега,  за разлика од порано, кога беше во опозиција, не тврди дека  власта е таа која  може да го исчисти воздухот.

          Во изминатиот период, актуелната  власт  во Битола презеде неколку конкретни чекори за намалување на загадувањето на воздухот во Битола. Тука се мисли на субвенциите кои ги даде општината за купување на печки на палети и велосипеди, како и за бесплатниот влез во Националниот парк Пелистер. Деновиве во настојувањето да го намали загадувањето на воздухот во Битола општинските власти  издвоија  од буџетот околу 2.500.000 денари за субвенционирање на  иневртери, а истото тоа ќе го направи и државната компанија АД ЕСМ, која наскоро ќе субвенционира по 1.000 евра за намалување на загадувањето на воздухот.

          Но само што залади  и откако повторно битолчани почнаа да ги  греат  своите домови  се покажа дека тие мерки ни оддалеку не придонесуваат  за намалување на загадувањето на воздухот во градот под Пелистер.

          Загадувањето на воздухот  кој го дишат  битолчани  со право предизвикува гнев и револт кај граѓаните.

          Но воздухот ниту се чистел, ниту може да се чисти само со гола политика и со организирање на повремени протести, или ад хок мерки.

          Чистењето на воздухот не само во Битола, туку и во државата, мора да биде работа со која ќе се занимава пред се науката, а не политичарите.

          Науката со своите научни истражувања и сознанија е таа која треба да ги утврди причините и да ги согледа последиците од загадувањето на воздухот  кој сите ние го дишиме, но и да понуди краткорочни и долгорочни решенија.

          Не може нечистиот воздух  во Битола да се (ис)чисти само со политички квалификации и дисквалификации.

          Притоа мора да се смени и начинот на размислување и однесување на политичките партии и преставници.

          Не може кога партиите се во опозиција  да имаат решенија за се, па и за тоа како да се (ис)чисти воздухот, а кога ќе дојдат на власт,  тие  истите едноставно да заборават  на тоа што го говореле претходно  и да тврдат дека чистењето на воздухот  не било нивна, туку  господова работа.

          Во изминатите години сведоци бевме во Битола колку нечистиот воздух се користеше за политичка пресметка.

          Здружението  за чист воздух , “ За нас се работи “ долго време беше во центарот на вниманието на битолската јавност, кое  често организираше масовни протести против  тогашната  локална власт за нечистиот воздух.

          Сега, кога СДСМ е на власт Здружението “ За нас се работи “ едноставно никаде го нема.  И тоа како да се умори од  (не)решавањето на овој проблем.

          Пред две години со своите  “еколошки”  активности во кои имаше доста политика,  Здружението  “ За нас се работи “ се избори за двајца “независни “ советници во Советот на општината, кои со повремени “герила акции “ се трудат да влијаат на свеста на граѓаните и актуелната власт  за нечистиот воздух кој го дишат битолчани.

           И како во изминатите години, кога станува збор за (не)чистиот воздух во Битола, политичарите наместо да размислуваат како да се најде решение за да се исчисти воздухот во градот, тие со своите политички пресметки уште повеќе го загадуваат воздухот.

 Притоа забораваат дека (не)чистиот воздух  не познава   политичка, или партиска припадност.

Од нечистиот воздух во Битола  подеднакво се трујат и членовите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ.

          Затоа (не)решавањето на овој проблем не може да биде во никој случај само  партиско, или политичко прашање.

          Иако може да се ублажи, сепак тој  сигурно нема да се реши ни со повремено субвенционирање на граѓаните за купување  на печки на палети, инвертери, или  десетина велосипеди.

          Потребни се други мерки. Кои и какви , засега во Битола никој не знае и не нуди решенија.

          Затоа се чини дека наместо политичарите во чистењето на загадениот воздух во градот  треба да се вклучат  покрај луѓето од   науката, и надлежните инспекциски служби.

          Ако можеше државата заради загадување на возудхот да го затвори “ Југохром “ кој вработуваше илјадници работници,  можат инспекциските служби  во Битола да ги санкционираат  одделни сопственици на гостилници, сендвчари, работилници, кои за загревање на просториите каде обавуваат дејност  користат секакви огревни матријали, кои испуштаат не само чад, туку и отровни материи.

          Со тоа ако не се спречи во голема мера барем ќе се намали загадувањето на воздухот во Битола. А и тоа е каква таква придобивка, која ќе влијае врз здравјето на битолчани.

          Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*