Искрен да бидам во изминатите децении сум напишал доста текстови и колумни за Битола. Многу мастило имам потрошена за градот со кој и јас и сигурен сум и сите ние битолчани се гордееме.
-Битола е прекрасна. Таа е како лебедот кој не треба да се мие зашто е бел, неоцрнлив! во една прилика напиша нашиот сограѓанин, режисерот Љубиша Георгиевски.
-Битола е најубавиот град, не само на Балканот, туку и пошироко, знаеше да каже сега веќе покојниот наш прв почесен граѓанин, Ајри Демировски.
Тоа вие, заслепени од суетите и секојдневните обврски и грижи не можете да го видите и почувствувате, но јас го чуствувам и гледам и со затврени очи, знаеше да каже Ајри.
Деновиве откако навивачката група “чкембари “ му приреди величенствен дочек на познатиот македонски бизнисмен и филантроп Трифун Костовски, на ревијалниот натпревар на репрезентациите на ветераните на Пелистер и Македонија, тој изјави.
-Јас не сум битолчанец, но многу ја сакам Битола, зашто таа е најубавиот град во Македонија, кој зрачи со својата историја, традиција, култура…
Љубовта спрема Битола ја наследив од својот татко, кој иако не беше битолчанец ми остави аманет да го сакам овој град, изјави Трифун Костовски.
Би ми требало многу простор да ги набројам изјавите на голем број познати личности од разни области, кои иако не се битолчани со огромна љубов и восхит зборуваат за Битола.
И навистина без разлика на вера нација, припадност, или стандард на живеење, битолчани се гордеат со Битола.
Иако во изминатитот период на многумина нејзини сограѓани освем грижи, страдања и скромен живот Битола не му донесе ништо повеќе, сепак и тие, сигурен сум дека од дното на душата (си) ја сакаат Битола.
Со иста страст заљубени во Битола се и оние битолчани кои настојувајќи да обезбедат подобра егзистенција за себе и своите најблиски, последните години ја напуштија Битола и заминаа во странство.
Иако љути на тоа што мораа да заминат од родниот град тие сепак длабоко во себе и со себе ја однесоја и љубовта кон Битола.
Деновиве за време на локалните избори се изнаслушавме доста глаголења од битолските политичри, кои во настојувањето да го добијат гласот на битолчани, со огромна страст и љубов ни зборуваа за Битола, з анивната љубов кон градот.
Ни најдобрите поетски пера не можат да ги опишат искажаните нивни чувства за Битола.
И обично кога станува збор за чувствата никој нема право ниту да им сугерира ниту пак да ги подучува како тие ја доживуваат Битола.
Но тоа што во последно време веќе станува се поочигледно е што кај многумина битолчани, родени или дојдени во овој град, наместо љубовта кон градот ги води суетата.
А кога е суетата во прашање, тогаш прва што остапува пред неа е љубовта.
Кога станува зор за суетата на битолчани деновиве, во пресрет на новиот роденден на градот се сетив на зборовите на Ајри Демировски.
-Гледам многу се карате. Тоа ми пречи. Затоа имам една молба и совет, нека биде и аманет. Заборавте на суетите и сакајте се. Сакајте ја Битола, како што ја сакам јас.
Тоа Ајри го почуствува и забележа и пред својата смртта во писмото што лично ни го испрати до нашата редакција ни го даде тој аманет.
Но за жал, чест на исклучоци најголемиот број од нас не прават многу за Битола. Не изеде суетата, злобата,зависта, партиската поделба.
На тоа бевме сведоци деновиве, кога и покрај катастрофалниот пораз што го доживеаја на изборите, првите луѓе на ВМРО ДПМНЕ не собраа сили да и ја честитаат победата на Наташа Петровска, туку се скрија зад ставот на политичката партија дека изборите се нерегуларни и криминални.
Ако можеше човекот кој почесто беше гладен отколку сит, најчесто гол и бос, секогаш за Битола да зборува со љубов и вознес, тогаш зошто ние денес да не ја сакаме Битола со истата љубов како и нашиот Ајри.
Време е топлината на Ајри да не стопли сите. Само така Битола ќе ја направиме и подобра и поубава.
Затоа во пресрет на новиот роденден на Битола големите ветувања и големите проекти за Битола да им ги оставиме на партииите, а ние обичните граѓани на кои Битола ни е при срце да се свртиме кон малите нешта.
А тие не се ни скапи ни неоставрливи. И што е најважно не зависат од други, туку исклучиво само од нас самите.
Доколку сакаме Битола да биде тоа што е Градот, како што некои го доживуваат, тогаш ние самите можеме да настојуваме секој посебно и сите заедно да се грижиме за хигиената во околината во која живееме, да ги раззелениме нашите дворови, од нив да направиме цветни градини, да ги уредиме и суредиме влезовите во станбените згради во кои живееме, да се грижиме да не се уништуваат играчките на кои си играат децата, да не ја загадуваме околината, да не правиме депонии каде што ќе стигнеме, да не се грижиме за хигиената само пред својот куќен праг…
Некои наши сограѓани во Нова Битола и битолските населби веќе тоа го прават. И со тоа не сакаат да се промовираат.
Напротив тоа го сфаќаат како своја обврска.
Битола не е ниту треба да биде Широк Сокак. Таа и е на Баирот, Чифте фурни, Арнаут мале, Ушици, Гени Мале, Боримечка.
Во изминатите години во урбанизирањето и разубавувањето на Битола е доста направено. Но тоа не е доволно.
Тоа што загрижува е што направеното не знаеме да го чуваме и сочуваме. Ние битолчани барем досега покажавме и докажавме дека многу полесно нештото ќе го направиме, отколку да го сочуваме.
Иако е жално тоа да се каже, но мислам дека сега, по 73 години слободна Битол,а време е за мали проекти, да се свртиме во Битола кон малите нешта, кон секојдневите работи, кои не тиштат.
Ми се чини крајно време како што тоа беше за Ајри, така да биде и за нас, Битола да стане постојана, неодминлива, дури и исклучива тема.
Ајри беше човек од пример, кој знаеше да го покаже патот кон светлината,кон доброто, кон ангелите, кон совршенството. Тој ни покажа во каков ритам треба да дишиме сите.
Време е да пробаме така да живееме, можеби сиромашно во нашето секојдневие, но богати во духот.
Време да се собереме и да се сакаме како што Ајри ја сакаше Битола, човекот кој со својот ритам го претскажа идното време, човекот кој живееше и во претходниот и во овој век и кој ни покажа како може да се сака.