Кандидатот на СДСМ за градоначалник на општина Битола, Христо Кондовски, синоќа оствари средба со членовите на Ротари Клубот Битола, каде и самиот членува како истакнат бизнисмен и професионалец во својата заедница.
-Големата ротаријанска идеја не обединува во обврската за континуиран придонес во заедницата. Посебна чест и задоволство ми е што вечерва, лично од моите Ротаријанци, можев да ja почуствувам нивната безрезервна поддршка, заеднички согласувајќи се дека придонесот сега максимално треба да биде насочен кон ефикасно и ефективно менаџирање на општина Битола.“-рече Кондовски.
Преку Ротари клубот Битола досега сме реализирале многубројни активности за поддршка на различни категории граѓани и институции, посочи Кондовски.
-Заеднички утврдивме дека тоа треба да продолжи во уште поголема мера. Наша водилка и натаму останува визијата на Ротари Интернационал како меѓународна организација која работи за доброто на човештвото, поврзувајќи ги елитните професионални лидери во светот, кои своите професионални вештини, знаења и материјални средства, преку застапување на високи етички стандарди, ги посветуваат на придонес во заедницата , порача тој.