Don't Miss
Home / Вести / Конференцијата „Паметно село“ обезбеди платформа за дискусија за руралниот развој на Пелистер

Конференцијата „Паметно село“ обезбеди платформа за дискусија за руралниот развој на Пелистер

Конференцијата „Паметно село“ која се одржа на Пелистер, во организација на „Преда плус“ фондацијата имаше за цел да обезбеди платформа за дискусија за иновативни пристапи за развој на Националниот парк Пелистер во многу клучни сегменти.

-Како фондација која е посветена на регионалниот развој, длабоко сме инспирирани од потенцијалите на технологијата и нејзината примена во сите сфери на живеењето. Целта со оваа конференција ни беше да обезбедиме платформа за дискусија за развојот на НП Пелистер во многу клучни сегменти. Прифаќајќи го концептот на „Паметно село“ имаме за цел да ја искористиме технологијата за одржливи напори за зачувување кои имаат корист и за луѓето и за животната средина-велат од „Преда плус“ фондацијата.

Меѓународни донатори дадоа поддршка за оваа иницијатива преку обезбедување техничка помош, поддршка за финансирање и градење капацитети за проекти кои ги унапредуваат целите за одржлив развој во Пелистер и неговите околни села.

Поддршката на УНДП за иницијативите „Паметно село“ ја нагласува нашата посветеност за градење отпорни заедници кои напредуваат во хармонија со природата-истакна на конференцијата Билјана Георгиевска, проектна менаџерка на Регионалната програма (РеЛОаД 2), Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека ваквите иницијативи се клучни за иднината на градот и неговата околина, каде технологијата и одржливоста се спојуваат за да создадат енергична и инклузивна заедница.

Како градоначалник на Битола секогаш ја давам мојата поддршка на иницијативи кои промовираат одржлив развој и иновации во нашиот регион. Важно е што соработуваме со локални и меѓународни партнери за истражување на иновативни решенија за подобрување на квалитетот на животот на нашите жители, заштита на нашата животна средина и поттикнување на економскиот раст во нашите заедници-рече на конференцијата градоначалникот Коњановски.

На конференцијата „Паметно село“ Елена Бошков-Ковач, експерт од Виена, Австрија, зборувајќи за активното учество на жителите во енергетската транзиција за одржлива иднина, истакна дека транзицијата кон обновлива енергија не е само неопходност, туку можност да се изгради поодржлива и поотпорна иднина за сите.

Архитектката Симона Мирчевска која го претстави својот концепт „Пелистер – дисперзиран музеј на природата“ рече дека прифаќајќи го концептот „Паметно село“ може преку користење на технологијата да се направи културното наследство достапно за сите, надминувајќи ги физичките граници и збогатувајќи ја културната понуда на Пелистер и неговите околни села.

Конференцијата „Паметно село“ беше дел од проектот „Дали сте подготвени за Пелистер?“ на Преда Плус фондацијата и се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2-РеЛОаД2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и е кофинансиран од Општина Битола.

Текст Васка М. Младеновска

Фото Гоце Веселиновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*