Home / Колумни / (Консензуално)едноумие

(Консензуално)едноумие

                       

        Кога по  речиси 25 години макотрпни, тешки и би рекол фрустрирачки преговори околу спорот со Грција за името, на 17 јуни 2018 година, во  Нивице,Преспа беше потпишан Преспанскиот договор се чинеше дека конечно Македонија може да здивне и да се подготви за почеток на преговорите за влез во ЕУ.

        Иако промената на името предизвика како поединечни, така и колективни фрустрации кај  најголемиот број од граѓаните на Македонија, сепак добар дел од нив со тешко срце го голтнаа  и тој горчлив залак,  со надеж дека конечно  е решен проблемот со јужниот сосед,  кој цели 25 години ја спречуваше Република Макдонија да ги почне преговорите  за влез во ЕУ.

        Со оглед на тоа што претходната година, на 1 август 2017,  премиерите на Владите Заев-Борисов во Скопје го имаа потпишано догворот помеѓу Македонија и Бугарија за пријателство и добрососедство, кои во претходните години ни еден од македонските премиери немаше храброст да го потпише,  се доби впечаток дека за Македонија, по речиси  три децениски  блокади од  прогласувањето на независноста  ширум  е отворен патот за Брисел.

        Но за жал се покажа дека не е така.

Неодамна Бугарија  на онлајн одржаната конференција на министрите за европски прашања и надворешни работи  стави вето за започнувањето пристапните преговори со Европската унија.

-Патот на Северна Македонија е долг, таа ќе може да го најде своето место во ЕУ кога ќе биде подготвена за преговори. Држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ, изјави веднаш по одржаната онлајн конференција министреката за надворешни работи, Екатерина  Захариева, која притоа рече дека поддршката на Бугарија  за преговорите за членство  во ЕУ никогаш не била безусловна.

-Оние што веруваат дека Брисел ќе не замери по ова прашање се лажат. Би било добро и за луѓето во Северна Македонија да знаат како работи Унијата. Некои одлуки се донесуваат едногласно. Како може земја што има сериозни проблеми со друга држава да влезе во ЕУ, додаде  Захариева.

Одлуката на Бугарија да стави вето за одржувањето на претстојната меѓу владина конференција, на која треба да се донесе одлука за почеток на преговорите, колку и да е неочекувана, сепак не треба да биде изненадување, особено  за тие кои добро го знаат начинот на кој функционира  Брисел и кои добро  ги следат (не)односите меѓу Македонија и Бугарија, околу некои спорни (историски) прашања.

Би требало човек да биде наивен и да (по)верува дека Бугарија токму сега нема да ја (зло)употреби својата (историска) прилика која и се укажа за дефинитивно расчистување на недоразбирањата со Македонија.

Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, меѓу Бугарија и Македонија, кој од страна на премиерите  Борисов и Заев беше оценет како историски момент, требаше да отвори перспективи за двете земји и да претставува силна порака до Европската Унија и до НАТО дека земјите од Балканот градат мост на соработка со цел перспективна иднина за своите граѓани.

– Договорот е во заемен интерес за политичка стабилност во регионот. Договорот покажува дека минатото може да биде темел на идната соработка. Договорот го отвора патот за соработка и развој на двете држави и е модел за соработка во регионот и пошироко. Владата на РМ се определи за политика на решавање, а не за политика на создавање проблеми. Затоа, Договорот е порака до ЕУ и до НАТО дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива. Бугарија со ова станува сојузник на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев, по официјалното потпишување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка во Скопје.

Но и покрај таквите (оптимистички) најави и очекувања, стигна  првото разочарување и отрезнување.

Иако Бугарија како членка на ЕУ има право секогаш, во текот на преговарчкиот процес да стави вето, сепак се одлучи уште на стартот да стави вето и да ги испорача своите барања кои го закочија процесот на интеграциите на Македонија за ЕУ.

Колку таквиот потег на Бугарија да изненадува, уште повеќе изненадува и загрижува, а  во најмала рака иритира, е однесување на Брисел кон ветото на Бугарија.

Иако  сите земји членки на ЕУ, освем Бугарија дадоа виза Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ, сепак тие по ветото на Бугарија се однесуваа(т) ладнокрвно и без никакво вознемирување  привремено ја одложија одлуката за старт на преговорите.

Причината за такавата одлука е добро позната, затоа што во ЕУ одлуките се носат со консензус.

         Сега по ветото на Бугарија, Македонија по 25 години чекање во чекалната повторно се најде таму каде што беше, на перонот на желензичката станица  за Брисел.

        По толку многу трпеливост, чекање, децениски преговори, остапки, компромиси, откажувања, смена на  знамето, Уставот па дури и  од уставното  име на државата,  Македонија    не може да ги почне преговорите за влез во ЕУ.

        Кои се пречки и условувања (ќе)не чекаат кога треба конечно да влеземе во ЕУ  тешко човек  од оваа генерација може да замисли.

         Да биди иронијата поголема причината за тоа е правилото во ЕУ одлуките да се носат едногласно, со консензус, нешто што беше причина Југославија да се распадне и конечно на овие простори да заживее принципот на плурализам и парламентарна демократија.

         Со распаѓањето на Југославија и воведувањето на плурализмот и повеќе партискиот систем во Македонија и земјите од екс Југославија, се мислеше дека  како и во Европа, така и на овие простори конечно ќе завладее  парламентарната демократија и плурализмот,во која одлуките ги носи мнозинството.

Иако демократијата за слободоумно мислечки луѓе, кои не им робуваат многу на партиските определби  и директиви, кај нас за жал  сеуште е мислена именка, сепак може да се каже дека во државата  веќе три децении функционира парламентарната демократија, во која одлуките ги носи парламентарното мнозинство.

Доволно е како што е всушност случајот и сега, партиите, или коалициите да имаат само  еден пратеник повеќе од 120 те, колку што го сочинуваат Парламентот и слободно да владее и да раководи со државата.

И додека Македонија и покрај сите слабости, веќе одамна се соживеа со плурализмот и демократијата, на патот  до Брисел државата уште од нејзиното осамостојување се соочува со проблемот на европското едноумието.

Можеби звучи цинично, но за жал  е така.

Во Брисел не може да се донесе, или усвои ни една олдука доколку сите  членки на Унијата не бидат согласни со тоа.

        Доволно е само една земја да биде против и  што би рекол Цацко од К 15, нема ништо од бизнисот.

        Повеќе од 2,5 децении и покрај бројните позитивни извештаи и препораки на Советот на Европа и Европската комисија, Македонија да добие датум и да ги почне преговорите за влез во ЕУ,  сепак поради блокадата од Грција  никако  не можеше да стартува со  преговорите.

        И кога се мислеше дека со смената на името  и потпишувањето на Преспанскиот договор, Македонија конечно ќе ги почне преговорите за влез во ЕУ, на патот за Брисел сега  се испречи нова пречка, Бугарија.

        Колку уште нови пречки од некои други соседи ќе се јават на патот за ЕУ останува  само да нагаѓаме.

        Една цела млада генерација остаре и станаа пензионери чекајки Македонија да ги почне преворите за влез во ЕУ.

        Чудно е како сето тоа не го гледа ЕУ.

        Судбината на Македонија на патот за Брисел е добро  позната и единствена во светот,  но се поставува прашањето каква е иднината на ЕУ доколку и натаму одлуките во Брисел се носат едногласно и со консензус.

        Неодамна во еден разговор со еден европски дипломат кога ме праша  кои се моите очекувања, кога Македонија ќе ги почне  преговорите за влез во ЕУ, мојот одговор беше кога Брисел ќе се откаже од правилото одлуките да се носат едногласно и со консезнузс и кога како во сите земји со парламентарна демократија при носењето на одлуките  европарламентарците и дипломатите се водат од принципот на донесување на одлуките со просто и квалификувано мнозинство.

        На моето контра  прашање кога тоа ЕУ планира да го стори тоа , дипломатот немаше одговор.

        Во овој момент, по блокадата на Бугарија, се покажа дека џабе биле сите тие остапки кои ги направи Македонија спрема Грција  и  дури го смени и уставното име .Од почетокот на преговорите за влез во ЕУ  засега нема ништо.

        Веќе и големиот оптимист Зоран Заев сега е претпазлив и со доза на резервираност смета дека Македонија повторно ќе биде блокирана на патот за Брисел.

        Во земјите членки на ЕУ повторно нема консензуз за почеток на преговорите. Бугарија ја искористи својата позиција, како земја членка на ЕУ  и повикувајќи се на консензуалното донесување на одлуките во Брисел , ја исправи Македонија пред предизвикот доколку сака да ги почне преговорите да се откаже од својата национална  историја и да прифати дека таа е коминтерновска творба на “диктаторот “ Јосип Броз  Тито.

        Во случајот на  Бугарија со нас за жал се покажува дека минатото не може да биде темел на идната соработка со Македонија.

                Каква иронија?

         Земјите ченки на ЕУ, кои ни беа претставувани како урнек за демократија и повеќепартиски плурализам, сега поради немање консезус,  или едногласна одлука, не можат да и дозволат на Македонија да ги почне преговорите.

        А такви (пред)услови воопшто не се предвидени во Копенхагенски критериуми од 1993 и Мадридски критериум од 1995) , во кои јасно стои што треба да  исполнат земјите-кандидати за  пристапување во ЕУ.

Во нив едноставно пишува дека тие тоа ќе можат да го направат кога  ќе станат способни да ги прифатат условите за членство (правен услов) со истовремено исполнување на економските и политичките услови.

 Во нив никаде не стои дека треба државите треба да се откажуваат од своето име или  минато и секој сосед да ја препрочитува историјата како што нему му одговара.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*