Тендерите во АД ЕЛЕМ повторно ја тресат битолската и македонската јавност. Изминатите неколку дена бевме сведоци на жестока политичка “пресметка” меѓу двете најголеми политички партии во државата, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ околу штотуку објавениот тендер за ископ на јаглен во РЕК “ Битола”.
Раководството на ВМРО ДПМНЕ “загрижено” за наводно коруптивниот тендер кој бил распишан последните неколку дена крена огромна врева дека тендерот бил распишан по “мерка “ ГП Пелистер, чиј сопственик е Силјан Мицевски, кој единствено ги исполнувал условите.
Генералниот секретар на партијата на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев, неколку дена лееше крокодилски солзи околу тоа дека раководството на АД ЕЛЕМ наводно го наместило тендерот за Силјан Мицевски кој бил близок до врвот на СДСМ.
Така ако му се верува на Јанушев, Силјан Мицевски, кој имавме можност да го слушаме во “ бомбите “ на Заев како го “советува” тогаш првиот човек на ЕЛЕМ Влатко Чинговски, како ВМРО ДПМНЕ да ги добие гласовите на граѓаните на Битола кои се водат на улицата “Гоце Делчев” во Кравари да гласаат и во Битола.
Тие кои ги следеа “бомбите” добро се сеќаваат како и лидерот на ВМРО ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски, лобираше Циле да добие тендер во РЕК “Битола”.
Сега според Јанушев, Циле веќе не бил нивни близок човек, туку бил близок до врвот на СДСМ, кој во изминатите неколку години, додека ВМРО ДПМНЕ беше на власт, жестоко го критикуваа Мицевски за блискоста со ВМРО ДПМНЕ.
Останувајќи доследни на својата недоследност двете политчки партии, деновиве жестоко се препукуваат околу тоа чиј бил Силјан Мицевски и која била неговата партиска припадност.
Во зависност од тоа во каква улога се најдуваа(т) секоја партија, тие се обидуваа(т) да го придобијат, или да се дистанцираат од првиот човек на ГП Пелистер.
И додека партиите се расправаа меѓу себе чиј бил Силјан Мицевски, тој со својот изострен осет за бизнис, од малата фирма за бојадисување ГП Пелистер, направи вистинска империја, која покрај од градежништвото својот огромен капитал го направи токму од ископот на јаглен и јаловина како и од транспорт на јагленот во РЕК “ Битола “
Откако популарниот Циле успеа во 1994 година, како прв човек на ЕСМ да влезе во овој бизнис, тој стана толку моќен што сега и АД ЕЛЕМ е немоќна без неговите услуги.
Дека тоа е така најдобра потврда е што деновиве, откако фирмата “Трансмет” откажа да врши ископ на јаглен, АД ЕЛЕМ го “замоли “ Циле да копа јаглен, за да Комбинатот не се соочи со прекин на производството.
Иако покрај Пелистер и други битолски фирми последните години видоа доста “ аир “ од копањето во РЕК “ Битола “ сепак слободно може да се каже дека ГП Пелистер во моментот е една од најмоќните градежни компании која има опрема и машини да одговори на сите барања на АД ЕЛЕМ.
ГП Пелистер сите изминати години си игра со условите за ископ на јаглен и јаловина и едноставно нема цена за која не може да одговори на барањата.
Тој може колку сака да ги крева или спушта цените, велат упатените во работењето на АД ЕЛЕМ.
Според некои информации во изминатите неколку години ГП Пелистер има “ископано” неколку стотини милиони евра од Рудникот во Суводол и Брод Гнеотино.
Сите тие милиони се исплатени од АД ЕЛЕМ за извршените услуги на АД ЕЛЕМ.
Можеби звучи цинично, но за жал вистината е таа. АД ЕЛЕМ, кој во изминатите над 4 децении експлотација на РЕК “ Битола “ досега има исплатено милјарди евра за ископ на јаловна и дотур на јаглен, сите овие децении не успеа да си набави сопствена механизација за извршување на својата основна дејност.
За тоа време фирми, па меѓу кои и Пелистер, кои освем лопати немаа ништо друго, успеаја со парите од АД ЕЛЕМ да набават таква механизација со која сега можат дури и да го уценуваат АД ЕЛЕМ.
Откако од државната компанија АД ЕЛЕМ сите овие децении се претурија огромни државни пари во приватни џебови, сега во ЕЛЕМ се одлучија со свои пари да си набават сопствена механизација за извршување на својата главна дејност од која буквално зависи процесот на производство.
Дали кончено првите луѓе на ЕЛЕМ се сетија дека повеќе вака не може да се работи или сакаат да му стават крај на партискиот бизнис со ископот на јаловина и јаглен во РЕК “ Битола “ е прашање чиј одговор го знаат првите луѓе на комапнијата.
Но се чини дека тој е најдобриот и најисплатив потег што го направија да се спречи одлив на огромни милиони евра да се трошат за услугите на приватните компании.
Ова раководство одлучи конечно да му стави крај на таквите состојби и во иднина со своја механизација да си обезбедува јаглен за потребите на тремоелектраните.
Таквиот потег заслужува не само внимание, туку и почит.
На тој начин не само што АД ЕЛЕМ со таквиот потег им стави на сите до знаење дека не ја интересираат проценти од давањето работа, туку процесот на производство во РЕК “ Битола” во наредниот период ќе биде далеку поевтин, а и компанијата во иднина нема повеќе да зависи од услугите на приватните фирми.
Воедно што ќе биде најголема придобивка ќе се спречат и сите шпекулации околу корупцијата во компанијата кога станува збор за ископот на јаглен и јаловина, бидејќи услугите ќе си ги извршува самата компанија со сопствена механизација.