Don't Miss
Home / Македонија / Македонија без музика, државата глува

Македонија без музика, државата глува

Каква иронија. Во неделата, на 16 октомври, додека на програмите на националните телевизии во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора се потсетуваа на трагичниот настан, кога во Велика Градишка загина Тоше Проески, слушајќи ги неговите песни, на македонските електронски медиуми не можевме да слушнеме ниедна песна од Тоше.

Поради забраната за емитување на македонска музика од страна на ЗАМП, која веќе влегува во вториот месец, македонските слушатели не можеа ни на денот на одбележувањето на деветгодишнината од смртта на Тоше да слушнат ниедна негова песна.

По забраната за емитување македонска, српска и хрватска музика, деновиве македонските радиодифузери добија уште едно известување од ЗАМП, испратено со назнака „Итно“, дека по барање на ПАМ-Црна Гора и САЗАС-Словенија, тие треба веднаш да престанат со емитување на музика и од тие држави.

Според известувањето од ЗАМП, во нивното настојување да се стави ред во емитувањето музика во Македонија и во битката со Министерството за култура, тие добиле поддршка и од здруженијата за заштита на авторските права на ПАМ-Црна Гора и САЗАС-Словенија, а според информациите на „Нова Македонија“, наскоро, во знак на солидарност од страна на ЦИСИК ќе следува забрана за емитување и странска музика од англосаксонското подрачје, со што во Македонија дефинитивно ќе завладее музички молк.

 

Иако од ваквите забрани најмногу настрадаа слушателите и авторите на музиката, сепак ни криви ни должни од последиците од забраните најмногу настрадаа радиодифузерите, кои речиси два месеца буквално не знаат што да прават и каква музика да емитуваат на своите фреквенции.
– Веќе не знам што да правам. Откако стапи во сила забраната за емитување македонска музика, се преориентиравме на емитување српска, но подоцна по барање на СОКОЈ-Србија, по известувањето од ЗАМП, прекинавме со емитување и на српска музика и се преориентиравме на емитување хрватска музика. Како да не беше доста тоа, деновиве добивме известување за забрана на емитување музика од Хрватска, Словенија и Црна Гора. При крајот сум на нервите. Постојано ми се јавуваат слушатели на програмата и се интересираат што се случува со моето радио и со програмата. Никако не можам да им објаснам дека не смееме веќе да емитуваме таква музика. Реагираат и спонзорите и рекламерите, од кои некои ги прекинаа своите реклами. Иако во моментот не смееме да емитуваме речиси никаква музика, нас никој не нѐ прашува и мораме да си ги платиме сите обврски како спрема Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, АЕК, па и кон ЗАМП, а до одземањето на лиценцата и спрема ММИ – ни вели сопственикот на едно од првите комерцијални радија во Битола, радиото Актуел, Лазар Николовски.

 

Тоа што особено загрижува е што иако спорот меѓу ЗАМП и Министерството за култура трае веќе подолго од еден месец, се добива впечаток дека никој во државата е загрижен и надлежните остануваат глуви за решавање на овој проблем, кој во голема мера не ги погодува само радиодифузерите туку и авторите и слушателите на радиостаниците и граѓаните на Македонија, кои едноставно не можат да слушаат музика каква што сакаат. Иако со овој проблем се запознаени сите релевантни фактори во Република Македонија, засега не е на повидок дали овој проблем ќе се реши, ниту кога.
– Иако сме свесни дека со ваквите забрани во најголема мера цехот ќе го платиме ние авторите што живееме од авторските права, сепак овој пат цврсто сме решени да одиме докрај и да не остапиме од нашите намери да не попуштиме. Ножот веќе е дојден до коска. Во оваа битка за формирање паралелно здружение, со кое треба да се вдомат дваесетина миленичиња на Министерството за култура што едноставно не живеат од музиката, доведени сме во ситуација да ја водиме битката докрај. Во нашата борба ја имаме поддршката на сите здруженија за авторски права од соседството, како и од европското здружение ЦИСИК – вели познатиот македонски текстописец и автор Борче Нечовски, кој зад себе има 1.500 песни, од кои најмалку 55 се официјални хитови, додека неговата песна „Не кани ме“ е прогласена за песна за векот.

 

Проблемот со забраната на емитување, не само македонска туку и секаков друг вид друга музика од поранешните југословенски простори, како што е вообичено, од музички стана и политички.

Додека македонските надлежни институции засега сѐ уште молчат и практично не се изјаснуваат кога и како овој проблем ќе се реши, за забраната на емитување музика од Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, на националните телевизии во овие држави се водат дебати на кои, покрај тоа што му се дава поддршка на ЗАМП да истрае во оваа битка со Министерството за култура, се осудува и Република Македонија како држава во која наводно со забраната за емитување на нивната музика практично се кршат слободите на граѓаните да слушаат музика каква што сакаат и дека таквите забрани се пред сѐ од политичка природа.

Притоа, намерно или не, во дебатите воопшто не се истакна дека со ваквите забрани од ЗАМП најоштетени се македонските слушатели и граѓани, кои подолго од еден месец не можат да слушаат македонска музика.

Тоа што најмногу зачудува е молчењето на Министерството за култура, кое сѐ уште нема излезено со предлог како ќе се реши овој спор, како и на радиодифузерите што сѐ уште не можат да се договорат како да возвратат на ваквите забрани и кои чекори ќе ги повлечат за санирање на огромните штети во наредниот период доколку забраните останат.

– Забраната за емитување музика е навистина нешто што не можев да го очекувам. Мене не ме интересира кој е во право, дали ЗАМП или Министерството за култура. Но јас мислам дека двете страни треба што побрзо да седнат и да најдат излез од ваквата состојба – вели сопственикот на радиото Актуел, Лазар Николовски.

За надминување на овој спор се залага и Борче Нечовски, кој вели.
– Ние сме свесни дека од ваквите забрани сите губиме, како авторите, така и дифузерите и слушателите. Но ние немаме каде. Мораме да истраеме докрај – вели Нечовски, кој ги демантира тврдењата на паралелното здружение СОКОМ МАП, зад кое застана Министерството за култура, дека тарифите во ЗАМП се високи и дека имало криминал и незаконско работење.
– Нашите тарифи се едни од најниските. Впрочем, тоа го знаат сите, па дури и неколкуте моќни телевизии во Македонија, кои се главни иницијатори да се затвори ЗАМП. Што се однесува до наводното криминално работење во ЗАМП, јас, кој сум член во органите на управување, доста долго време ви тврдам дека кај нас нема криминал. Тоа го знаат сите. Ве уверувам дека во изминатиот период во ЗАМП нема инспекција што не влегла. Направени се голем број контроли од секакви инспекции, па дури и од финансиската полиција. Ако сите тие откриеја и најмала грешка, или незаконитост во работењето, ве уверувам дека тие ќе ги преземеа сите мерки да нѐ санкционираат. За да се утврди дали во ЗАМП има незаконско работење или криминал, ние самите побаравме нашето работење да го испита независна ревизорска куќа, која победи на тендерот и која утврди дека нема никаква незаконитост – додава Нечовски, кој вели дека спорот со Министерството за култура може да се реши само доколку тоа го повлече предлогот за формирање паралелно здружение.

Како и да е, спорот со забрана за емитување музика во Македонија достигна сериозни размери.

Затоа е нужно тој што побрзо да се реши, а двете завојувани страни да седнат и да се договорат, во интерес на сите.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*