Во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, ректорот проф. д-р Сашо Коруновски и директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски, потпишаа Меморандум за соработка. Овој чин претставува потврда на заедничката заложба и интерес за унапредување на соработката во областа на едукацијата и обуката на кадри.
Документот предвидува соработка за размена на искуства и знаења, но и едукација во повеќе области од заеднички интерес, како што се: практична настава за студентите, обуки, научноистражувачка и апликативна дејност, соработка при изработка на значајни стратегиски документи од областа на безбедноста, експертска помош, користење библиотечен фонд, организирање тркалезни маси, дебати, конференции и други заеднички настани. Меморандумот предвидува и соработка во областа на стипендирањето и доделувањето школарини, како и давање препораки за профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот за потребите на Агенцијата.