Премиерот Христијан Мицкоски информираше за денешниот состанок во Министерството за финансии со Македонската банкарска асоцијација.
На состанокот се разговарало околу средствата коишто се дел од заемот од Унгарската Влада.
–Би го поделил состанокот во три дела. Првиот дел е оној дел којшто се однесуваше во делот на рочноста, времетраењето и слично. Вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка. Во делот на желбата дека сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација, членките и членовите е несомнен и сите изразија желба и подготвеност да бидат дел од овој процес од тоа што можев да го слушнам од нивните претставници-информираше премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека во делот на рочноста зазеле заеднички став дека во зависност од барање на клиентите ќе ја користат формулација до три години грејс период и до петнаесет години рок на отплата, бидејќи членките кажаа има поедини клиенти коишто сакаат пократок рок итн.
–И затоа велиме до три години и до петнаесет години рок на отплата, тоа мислам дека го усогласивме и прифативме. Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и ќе видиме, очекувам до крајот на следната недела во втората половина веќе ќе имаме некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно би почнале да сето ова аплицираме и се пренесе на стопанството-додаде премиерот Мицкоски.