Don't Miss
Home / Колумни / Молчењето (не) е злато

Молчењето (не) е злато

Деновиве кај нас, во Република Македонија, дежурна тема се состојбите со слободата на говорот и мислата. Додека едни се обидуваат на секој начин да ја (раз)убедат јавноста дека кај нас слободата на говорот и мислата е до таа мера загрозена, што луѓето не се охрабруваат јавно и гласно да зборуваат дури и за тривијални теми, други се трудат да докажат дека Македонија е земја во која секој може да си го каже своето мислење, без притоа да биде санкциониран.

Кога станува збор за слободата на говорот и мислата отсекогаш сум мислел и се уште мислам дека човек е слободен толку колку што тој самиот за себе мисли дека е слободен. На тие со заробен ум и колку да им даваш прилики да го кажат тоа што го мислат, тие секогаш ќе најдат оправдување да молчат и притоа ќе се раскостат од (раз)убедување дека им било забрането да зборуваат и морале да молчат.

Во мојата новинарска професија сум се изнагледал и изнаслушал луѓе кои на секој начин се обидувале да ме разубедат дека на овие простори молчењето е злато!

Иронијата да биде поголема, истите тие тоа правило дека молчењето е злато ми го кажувале и во времето на т.н. црн комунизам, а и сега, кога Македонија веќе повеќе од две децении живее во време на плурализам и демократија. Тие што молчеле тогаш, молчат и сега, и наместо гласно кажување и говорење на тоа што го мислат, секогаш се определувале да молчат, или да шепотат. Па оттаму, кај нас наместо гласното глаголење, молчењето или шепотењето било и останало национален спорт.

Кога станува збор за слободата на говорот и мислата кај нас, како што е и во други случи, луѓето се поделени.

Додека едни својата молчеливост се обидуваат да ја оправдаат, наводно, заради строгоста на режимот на Груевски, други пак сметаат дека во Македонија има отповеќе слобода и дека многумина се обидуваат истата да ја (зло)употребат, па се обидуваат како покорни слуги и платеници да ја бербетат државата, без притоа да водат сметка за последиците од таквото клеветничко говорење и пишување.

За слободата на изразување и говорот деновиве во Република Македонија, покрај домашните се изјаснија и многу странски меѓународни експерти и институции.

Токму на тема слободата на говорот и мислата, една таква тридневна дебата деновиве беше организирана во “Холидеј ин“ во Скопје, на која учествував и јас. Искрен да бидам, на таа дебата странците дојдоа со едно убедување, но сигурен сум дека си заминаа со сосема друго (раз)убедување. Низ тридневната дебата учесниците во работилницата гласно и јасно прозбореа за состојбите со слободата на говорот и мислата во медиумите. Учесниците во дебатата се обидоа низ практични примери да им објаснат на странците дека во Република Македонија има луѓе и новинари кои се уште мислат со своја глава и дека немаат сите заробен ум, за какви што некои се обидуваат да не (де)легитимираат пред домашната и меѓународната јавност.
Во дебатата, која се одржа во “Холидеј ин“, дури еден од странските новинари ги искара некои новинари заради нивната отвореност и преголема слобода во изразувањето.

Можеби ќе делува цинично, или иронично, но за тие три дена откако некако заживеавме со нашите домаќини од Лондон, САД, Холандија, Австрија, лично видов кај нив мала доза на “загриженост“ од нашата преголема слобода на мислата и говорот. Тие три дена сфатив дека кога луѓето мислат со своја глава се слободни луѓе. Но кога ќе почне да се калкулира со тоа како неговото слободно размислување ќе го сфати другиот, тогаш доаѓа до блокада и заробување на мислата и умот.

Во изминатите децении од моето работење во новинарството (нај)добро сфатив дека размислувањето со своја глава е најголемото богатство на еден човек. А и најбогатите на светот кога мораат да мислат со туѓа глава тие се (нај)сиромашни луѓе, кои сигурен сум дека во такви ситуации се чувствуваат, најблаго речено, бедно.

Но, за да мисли слободно човек треба да се избори. Слободата никогаш никој нема да ни ја подари или на тацна да ни ја донесе. Затоа иако понекогаш токму таквото слободоумно размислување носи неприлики, сепак, кај нас, еднаш засекогаш, треба да се стави крај на филозофијата дека молчењето е злато. Тоа не треба да значи дека брбливоста треба да стане правило.

Но, за да заживее слободата мора за заживее и разбирањето. А за да заживее разбирањето кај луѓето веќе е време и кај нас да почне да се применува правилото на францускиот филозоф Волтер, кој рекол:
“Јас не се согласувам со тоа што ти го кажуваш, но ако треба ќе умрам бранејќи го твоето право да ти овозможам да го кажеш тоа што го мислиш“.

 

Автор:  Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*