Don't Miss
Home / Вести / Молитва на отец Партениј за верниците

Молитва на отец Партениј за верниците

Возљубени верници, поклоници и пријатели,

Согласно новонастанатата состојба со ширењето на Ковид-19 (корона вирус) во Македонија и препораките на Светската здравствена организација, на Вселенската Патријаршија и на Светиот Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, како и во согласност со најновите профилактички мерки на надлежните државни институции кај нас, со цел подобро справување и целосно спречување на ширењето на вирусот, ве известуваме дека  пристапот до Бигорскиот Манастир е значително ограничен, додека пристапот до метохот „Свети Георгиј Победоносец” во Рајчица е сосема забранет. Впрочем, поради тоа што Манастирот во Рајчица се наоѓа во непосредна близина на градот Дебар, каде што е епицентарот на вирусот во Македонија и каде има најголем број на заболени, главно поради повратниците од Италија, според решението на државните власти тој ке се наоѓа во состојба на изолација во наредните 30 дена.

Исто така, ве известуваме дека со помош на Божјата благодат и по молитвеното покровителство на Светиот Јован Претеча и Крстител и на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, досега сите монаси, монахинји и верници што се затекнаа во нашите манастири се со добро здравје и со силен дух. Дневниот богослужбен круг се одвива непрестајно, а зголемено е молитвеното келијно правило на монасите.

Смирено ве замолуваме, во овие благословени денови на Светата и Велика Четириесетница да ги удвоите своите лични молитви за поскоро и побезболно надминување на ова сесветско искушение, за брзо опоравување на заболените и за душевни и телесни сили на оние кои несебично се жртвуваат за другите и работат за спречување на инфекцијата.

Ве замолуваме и совесно да се однесувате кон правилата и препораките на надлежните државни органи, имајки предвид дека, создадени за заедница и живеејки во неа, сите ние сносиме одговорност и за нашите ближни, за луѓето во непосредна близина до нас, но и за оние кои се физички далеку од нас. Всушност, самопожртвуваната грижа за другите преставува акт на христијанска љубов.

Да го исполжуваме ова современо искушение на човештвото не за паника, хаотичност и безнадежност, туку за лично покајание, за духовно очистување, просветление и преобразување и за личносно приближување до нашиот човекољубив Бог и Создател, Господ Исус Христос, Кој вели:    Останете во Мојата лјубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ке останете во љубовта Моја. Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели ако го вршите она што ви заповедам Јас (Јован 15,9-14).

Вистинската вера, дејствената љубов, искреното покајание, постот придружен со добри дела и молитвата, навистина прават чуда. Нема искушение што преку овие врховни добродетели и преку благодатта Божја не може да се надмине.

Ви посакуваме добро и богоугодно да го поминете остатокот од Светата Четириесетница, та по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, Мајката Царица на Небото и на Земјата, да се удостоиме со радост и духовно веселие, неосудено и непречено да се поклониме на сесветлото Христово Воскресение – настан со кој засекогаш е победено најголемото искушение и страдание на човештвото, смртта. Нека благодатта од славното Воскресение биде со сите нас!

Остануваме неотклонливо со вас во љубовта Христова, принесувајки Му ги постојано нашите смирени молитви за сите вас!

Архимандрит Партениј, со своите во Христа брака монаси од Бигорскиот Манастир и сестрите монахињи од Манастирите во Рајцица и Пречиста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*