Светиот Синод на Бугарската православна црква одлучи дека, со оглед на тоа што Македонската православна црква (МПЦ) ја признава БПЦ – Бугарска патријаршија за своја Мајка-црква, БПЦ со чувство за својата света должност, ја прифаќа одговорноста да покаже целосно содејство, со тоа што ќе посредува и ќе се застапува пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за востановување на канонскиот статус на МПЦ“, се наведува во одлуката на Светиот синод на БПЦ донесена на денешното заседание во Софија, по повод писмото кое МПЦ-ОА го упати на 9 ноември.
Иако во соопштението не е истакнато дека БПЦ ја признава МПЦ за своја Ќерка-црква, сепак, прифаќајќи го „својот свет долг“, Синодот во полн состав реши БПЦ да ја застапува Македонската православна црква – Охридска архиепископија, пред православните цркви, за утврдување на нејзиниот канонскиот статус. Бугарскиот патријарх Неофит и пред заседанието, изјави дека треба да биде прифатена подадената рака од Македонија и дека е тоа најмалку што може да се направи, „затоа што тие се наши браќа, наш народ и ние ќе се стремиме да направиме сè за да го зачуваме неговото единство“.