На локацијата на Стариот театар, преку QR код на поставениот знак, туристите во градот имаат можност со помош на интерактивна виртуелна прошетка да го разгледаат некогашниот театар и да се запознаат со неговиот некогашен изглед. Oва останува вечен спомен и за генерациите кои го паметат овој објект и бил дел од нивното живеење, да се присетат на убавите спомени. Младите генерации пак со помош на новите технологии, ќе можат да го истражуваат минатото.
-Што е филозофијата на успешна локална самоуправа кога станува збор за туризмот? Туристот треба да го донесете во градот, но и да најдете начин да го задржите што подолго. Со ова што го направивме, ќе успееме да ја задоволиме љубопитноста на туристите кои ќе доаѓаат во градот, да видат дел од нашето културно историско наследство кое што е богато и кое не сме умееле во минатото така добро и успешно да го експонираме и да покажеме дека Битола не случајно се нарекувала град на конзулите, на културата, на пијаното….Битола била отсекогаш препознатлива по виреењето на културата и културните настани. Дополнително имаме пет локации со безжичен интернет, во насока на овозможување туристот да ги користи“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Покрај Стариот театар за кој е направена интерактивна и виртуелна презентација, изработени се 3Д модели и за некогашната пивница „Балкан“, за „Аптеката на Ахил Чаловски“ и Хаџи Махмуд беј Џамија. 3Д моделите претставуваат “оживување“ на сите значајни градби од минатото, а за потребите на проектот беа изработени од страна на Гаус институтот.
-При реконструирањето на внатрешноста на театарот успеавме да лоцираме дури и неколку столици во селото Цапари кои ги применивме во внатрешноста. Документирана е целата историја за театарот од неговото градење, до неговото рушење. Еден интересен податок, две години по првата филмска проекција во Париз на браќата Лумиер во 1895 година, во овој театар во 1897 година, неименувана брачна двојка од Италија прожектирала кратки филмови.“, истакна проф. Д-р Игор Неделковски од Гаус Институтот.
Знаци кои ги одбележуваат најзначајните објекти денес се поставија и кај Кино „Манаки“, „Безистенот“, „Магазата“, „Саат кулата“, „Старата чаршија“ и Офицерскиот дом.
Проектот „Кинокултура“, Општина Битола го реализира во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Грција 2014-2020, а во партнерство со Општина Воден, јавното претпријатие ДИКИДЕ од Воден и НВО ГРИН лист од Битола. Вкупниот буџет на Општина Битола во проектот изнесува 197 530 евра, а во рамките на истиот покрај обезбедената кино опрема, во завршна фаза е и опремувањето на туристичкиот инфо центар.