Македонското новинарство е на смртна постела. Поради малиот и ограничен пазар медиумите во Македонија се соочуваат со бројни егзистенцијални проблеми. Приходите кои ги остваруваат медиумите од својата основна дејност како и маркетинг активностите не се доволни да ги покријат ни основните потреби од работењето.
Медиумите се соочуваат со големи долгови, неплатени плати на новинарите и другите вработени кои се под минималните, не се исплаќаат редовно ни хонорарите.
Ова беше констатирано на Конференцијата на МИМ.
Но тоа што зачудува и што го нагласија сите учесници на Конференцијата е тоа што во Македонија најбрзо пропаднаа најбогатите медиуми, кои во изминатите 11 години добиваа огромни пари од Владини и невладини рекламирања.
Нивното згаснување, или заминување во стечај е мошне симптоматично ако се знае дека станува збор за медиуми кои во изминатите години добиваа милионски суми на девизни средства.
На конференцијата беше речено дека таквите медиум во најголем број случаи служеа како перални за перење на владини или партиски пари, кои завршија во нечии приватни џебови и сега по промената на власта плашејки се да не бидат откриени таквите злоупотреби ги згаснуваат фирмите или медиумите ги пуштаат во стечај.