Don't Miss
Home / Колумни / (Не)задоцнето освестување

(Не)задоцнето освестување

Пред многу, многу години, во една прилика, кога речиси ништо не знаев како функционира животот, се сеќавам како во сон, мојот покоен дедо Методија,  ми рече.

-Иако добро е да се навраќаш во минатото, но секогаш труди се да гледаш  напред, во иднината и никогаш немој да ги бараш грешките само кај другите.  Пред да донесиш суд за другите, најпрво прашај се колку си ти виновен за сторените грешки.

Зошто ги кажувам овие мудри мисли на мојот  покоен дедо, кој живееше 94 година, а почина пред 44 години, а кои ми се вратија деновиве, откако кај нас во државата се случи толку (не)очекуваната (не)мирна транзиција на власта.

Деновиве многумина мои соговорници од сегашната опозиција, кои сеуште не можат да сфатат дека  ВМРО ДПМНЕ е во опозиција,  сепак со огромна доза на искреност  ги признаваат  своите грешки.

Нив дури сега им стана јасно каде згрешиле и кога згрешиле.

Но тоа што им паѓа најтешко е што сето тоа што им се случи  сега тие знаеле дека ќе им се случи, но ниту имале кому, ни каде да го кажат. Тие дури сега признаваат дека советниците на Груевски, на кои тој им верувал, му прикажувале сосема погрешна слика за расположението кај граѓаните и го убедувале него дека народот е со нив и дека  вечно ќе владеат.

-Ние обичните вмровци не можевме ни да се доближиме до лидерот. Тој во последно време ја отуѓи партијата од членството. Иако формално ќе објавеше конкурс за некој партиски кадар и ние во месните комитети  ќе се испотепавме од карање кого да избереме, изборот (ќе) го направеше комисија во Скопје, која откако ќе ги ислушаше сите наши кодошлами ќе му ја наполнеа главата на Груевски, а подоцна тој како компромисно решение ќе избереше кадар по негов личен избор,  кој и тој самиот едвај го познаваше. Токму тие кадри, од кои најголемиот број немаа ништо заедничко со ВМРО ДПМНЕ  ни ја скроија  судбината, ни вели првиот  соговорник.

Неговиот сопартиец, со долг стаж во ВМРО ДПМНЕ на тоа додаде:

-Иако на секои избори победувавме сепак бевме свесни дека не е тоа што треба да биде во партијата. Најголемата грешка се направи кога партијата стана “движење.”  Во тој период во нашата партија на членството се гледаше само како на бројка. Тогаш во ВМРО ДПМНЕ се приклучија илјадници нови  наши  наводни поддржувачи. Нашта партија буквално преку ноќ се деизлогизира. Идејата на ВМРО ДПМНЕ замина во историјата и членовите почнаа да размислуваат само како да се  збогатат, а за да ги реализираат своите лукреативни идеи се поврзаа со  кадрите на СДСМ, кои имаа искуство во правењето пари. Во таквото движење партијата се изгуби. Ние од партија на скромни и главно сиромашни луѓе станавме партија на тајкуни, богаташи, криминалци, клептомани… додава следниот соговорник.

Иако долго не убедуваше дека ВМРО ДПМНЕ добро ја водеше државата, а Груевски партијата, сепак во еден момент на искреност третиот соговорник додаде:

-Ние на изборите не загубивме. Но загубивме по изборите. Иако не сакаме тоа да го признаеме сепак за нас најголем пораз е тоа што ни се случи по изборите, кога ја изолиравме партијата. Не знам кој го подучи лидерот, но зарем не можеше некој да му каже дека секој кој пробал да се скара со Вашингтон и Брисел е осуден на пораз. Во изминатиот период се отепавме од пари давање за лобирање во странство за да го придобиеме меѓународниот фацтор, а само за еден месец, се испокаравме со цел свет, па сега како опозиција одиме да се сликаме дека Европа и светот не не отпишале, ни вели соговорникот.

Ваквите искрени признавања на нашите соговорници ме потсетија на мудрите мисли на мојот дедо. Си велам добро е што во ВМРО ДПМНЕ  сепак  има луѓе кои вината за поразот не ја гледаат само кај “предавникот” Заев и Соросоидите.

Но тоа што ме остава без одговор е дали овие членови на ВМРО ДПМНЕ, кои не се ни големи, ни мали вмровци, но  познавајки ги  сигурен сум дека во душата се искрено за партијата, можеа  за своите сознанија јавно да проговорат пред лидерот и колку во ВМРО ДПМНЕ, во изминатите 11 години некој можеше да му каже на Груевски дека не е во право и дека не  мораат да се фрлаат толку многу пари за Скопје 2014, за 24 часовните  лаги на телалите Латас, Ивона, Јанко, Миленко, Мирка, за скапите роуд шоу проекти ни светот, за лажните архитекти и проектанти, за  24 часовното задолжување на државата за исплата на  неефикасната јавна администрација,за  субвенционирање на земјоделците, кои никнуваа преку ноќ, исплатата на плати на луѓе кои беа вработени, а не работеа, за скапото рекламирањ е на СНН, НБС, за разните лобирања , плаќањето  на  (не)економските амбасадори и дипломати, бесплатните возења, капења по бањите …за насилничката антиквизација на државата, за инаетењето со меѓународната заедница, противењето со политиката на Западот, срамежливото приближување кон  Истокот…и уште многу други работи, за кои  добар дел од членството инаку мислеше, но немаше ни каде, ни кому да го каже.

Деновиве Груевски најави целосно реформирање на партијата.  Но и како сите претходни реформирања  така и овој пат реформите него  сигурно ќе го одминат.

Груевски победи на изборите, но сеуште не може да сфати дека е поразен по изборите. Тој и натаму себеси се замислува како да е премиер, па сега се обидува тоа што не го направи додека беше на власт да го направи од опозиција, да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО.

Доколку тоа го прави  од убедување, тоа е добро. Но најдобро ќе биде за него доколку овој пат реформите во партијата го зафатат и него и без разлика на сите негови заслуги за водењето на партијата во изминатите 11 години, тој сепак се одлучи за целосна демократизација на ВМРО ДПМНЕ, а во знак на  морална одговорност за се лошо што  се случи на 27 април во Собранието  тој поднесе (неотповиклива) оставка, зашто токму тој го повика народот да ја земе судбината во свои раце и да го задржи  него  на власт.

Во спротивно ништо од реформите.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*