Home / Економија / Трикотажа Пелистер го преживеа стечајот

Трикотажа Пелистер го преживеа стечајот

Во битолското стопанство конечно и една добра вест, која не само што ги израдува вработените во Трикотажата Пелистер, туку ќе внесе  и одредена доза на оптимизам кај фирмите кои заминаа, или се веќе во стечај, дека со добро осмислена програма може да се преживее и надживее стечајот.

Деновиве со одлука на  Одборот на доверители и стечајниот судија  прекината е стечајната постапка во една од најстарите битолски текстилни конфекции, Трикотажата Пелистер, на која пред само две години, поточно на 25.05.2015 година, кога замина во стечај му се закануваше згаснување.

Но оптимизот на стечајниот управник Владо Талевски и дел од доверителите, како и стечајниот судија, се покажа како сосема реален и оправдан.

Имено, откако претходно се ослободи од хипотеките на двете банки Стопанска банка АД  Битола и ТТК Банка, кои за своите побарувања зедоа дел од имотот, со согласност на останатите доверители, кои побаруваа од стечајната маса, прифатена  е програмата за (п)реструктуирање и за прекинување на стечајната постапка.

Од вкупно 200 работници, колку што работеа пред отворањето на стечајната постапка во Трикотажата Пелистер, досега  на работа се вратија 103 работници, кои се вклучени во процесот на производство.

Сите тие се ангажирани околу производството на познатите конфекциски производи на оваа текстилна конфекција за пласман на производите на домашниот пазар, но и  во странство, како во Косово, Франција, Германија, Турција.

-Нашиот оптимизам дека со активен стечај можеме да го обновиме процесот на производство се покажа како сосема оправдан. Иако некои од доверителите не се сложуваа со таквата наша идеја, туку бараа веднаш фабриката да биде затворена и имотот да биде даден на продажба, откако не успеавме со нив да се договорие и тие своите побарувања си ги наплатија со активирање на хипотеките преку извршители, ние со погоните кои ни останаа како и машинскиот парк, во договор со останатите доверители и деловни партнери  успеавме не само да не го задржиме процесот на производство, туку истото да го продолжиме и да ја вратиме довербата на нашите деловни партнери и купци, вели  Владо Талевски, стечајниот управник на АД Трикотажа Пелистер.

Покрај стечајниот управник Талевски голема заслуга за рестартирањето на фабриката има и менаџерскиот тим предводен од првиот човек Киро Томовски, кој во кус период не само што успеа да го обнови процесот на производство туку успеа да ја врати довербата на старите деловни партнери кои истата ја имаа изгубено.

-Во почетокот не само кај нашите доверители, туку и кај најголемиот број деловни партнери имаше резерва кон нашиот план за (п)реструктуирање. Некои не ни веруваа на нашите такви амбиции и побараа да си ги наплатат побарувањата веднаш. Но имаше и такви кои ни поверуваа и ни дадоа шанса да го обновиме процесот на производство и тоа е за сите нас голем успех, вели главниот менаџер на Трикотажата Пелистер, Киро Томовски.

Инаку со програмата за (п)реструктуирање и прекинување на стечајната постапка доверителите се сложија на оваа текстилна фабрика, која има преку 100 годишна традиција и која е една од најстарите во Битола, да му се даде грејс период за наплата на побарувањата  од 6 месеци. Потоа менаџерскиот тим на фабриката се обврза обврските кон сите доверители, кои изнесуваат околу 10 милиони денари да ги врати  во период од 2 години.

-Ваквиот  план за (п)реструктуирање на фабриката Одборот на доверители и стечајниот судија го оценија како сосема  реален и се сложија истиот да го реализираме. Сега останува на сите нас самите да ги исполниме ветувањата. Јас сум оптимист и верувам дека за две години не само што ке ги вратиме долговите кон сите доверители, туку ќе можеме да размислуваме и за  зголемување на производството и освојување на нови пазари, бидејки за овој кус период успеавме да ја вратиме довербата кај нашите  поранешни и сегашни нови деловни партнери. Со цел да го оствариме тоа ние имаме постојано отворен конкурс за вработување на стручни лица, со менаџерски способности како и вракање на нашите квалитетни работници кои по отворањето на стечајната постапка останаа дома,  со кои ќе настојуваме уште повеке да го зголемиме производството и да освојуваме нови пазари. Конкуренцијата со кинеските текстилни компании е огромна, но квалитетот на нашите конфекциски  производи верувам дека ке је добие битката со кинеските, вели стечајниот управник Владо Талевски.

Инаку Трикотажата Пелистер според сите познавачи на состојбите во битолското стопанство е засега единствена фабрика која преку активен успеа да излезе од стечајот, без притоа да му се стави катанец на фирмата засекогаш. Оттаму многмина велат дека  тоа е најдобра потврда дека  во иднина треба да се менува филозофијата на стечајните  управници кои во иднина не треба да се залагаат само за затворање на фабриките кои се во стечај и распродажба на имотот, туку и менаџерски да се размислува  за рестартирање на производството, кој процес е подолготраен, но многу подобар.

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*