Don't Miss
Home / Колумни / (Не)успешни локални политики

(Не)успешни локални политики

               

        Минатата недела бевме сведоци на маратонска седница на Советот на Битола.

        Речиси цели  14,5 часа, со одредени паузи, советниците во Советот  расправаа за ребалансот на буџетот на Општината.

        Како ретко кога советниците од опозицијата и власта дебатираа не само за ребалансот на буџетот, туку  за (не)успешните политики на претходната и актуелната  власт.

        Советниците ги отворија картите и без никакви заобиколувања зборуваа за успесите и промашувањата  на локалните власти во претходниот и сегашниот состав.

        Додека советниците на опозицијата остро ја критикуваа локалната власт за (не)оствареното во изминатите месеци од првата година на мандатот, советниците на  локалната власт (пре)задоволни од процентот на  реализацијата на средствата од буџетот од околу 46,15 отсто и остварените резултати,  толку многу се испофалија самите себе ,што се добиваше впечаток како да се наоѓаат на предизборен партиски  митинг.

        Во една прилика советничката на ВМРО ДПМНЕ Ненси Лозанче дури со голема возбуда  рече дека резултатите кои што во изминатиот период  ги постигна актуелната локална  власт, не само што се извонредни, туку  се најблаго речено  фантастични!!!

        Слушајќи ја дискусијата на Лозанче и на некои други советници од мнозинството, мислите ми се вратија на моментите од кошаркарското  европско првенство во Литванија, кога по  победата над Грција и Литванија и пласманот на Македонија во завршницата на првенството,  капитенот на репрезентацијата  Влатко Илиевски во еден момент на огромна возбуда и радост рече: Леле луѓе што направивме!

        Така деновиве и советниците на ВМРО ДПМНЕ во своите дискусии, споредувајќи ги своите резултати со резултатите на претходното општинско раководство, предводено од екс градоначалничката Наташа Петровска како и капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Влатко Стојановски  глаголеа во тој стил: Леле луѓе што направивме!

        Притоа тие намерно или не, споредувајќи ги своите резултати со  резултатите на претходното општинско раководство  заборавија да го кажат тоа што во предизборната кампања токму тие го тврдеа, а советниците на СДСМ молчешкум го одобруваа,  дека за време на  нејзиниот  мандат, Наташа Петровска освем во последните неколку месеци пред изборите,  буквално ништо не направи, поради  што не ја доби и довербата од партијата да се бори за втор мандат.

        Во ситуација на такво владеење на претходната локална власт , нормално е сега  што процентот на искористеност на средствата од буџетот  е поголем, уште повеќе што штедливата Петровска на сегашниот градоначалник Тони Коњановски му остави дваесетина  готови проекти и неколку милиони евра неискористени средства.

        Затоа споредбата на актуелната локална власт  со резултатите на Петровска се најблаго речено неспоредливи.

        Но  тоа што паѓа в очи од седницата на  Советот на која се расправаше за ребалансот на буџетот е што за голем супех советнците на актуелната  локална власт ги сметаат почеткот на некои проекти, како на пример штотуку почнатата изградба на новиот пазар за земјоделците, паркот кај Довлеџик,прифатилиштето за бездомните животни, помошта од неколку плати  за Детското ликовно  студио “ Кирил и Методиј”, издвојувањето по 3.000 денари за првачињата,  почетокот на изработка на ГУП-от, или некои други проекти кои допрва треба да бидат почнати, а кој знае кога ќе бидат завршени,  или пак  покривањето на загубите  на фудбалскиот и кошаркарскиот клуб Пелистер, за чие опстојување од општинската каса за прв пат во историјата на битолскиот спорт се издвоени над 1,2 милиони евра.

         Многумина велат дека политиката и спортот одат заедно.Но иако ногумина се обидуваат во спортот да внесат  политика, или пак во политиката  да го внесат спортот, сепак за разлика од политичарите спортистите, во зависност од постигнатиот резултат, или успех  обично се радуваат  на крајот на натпреварите, по истекот на времето, кога судиите ќе го означат крајот.

         Во политиката  за жал  се случува обратното, политичарите да прославуваат на почетокот на реализцијата на некои проекти, “проектирани” во нивните кабинети.

        Во последно време политичарите се радуваат кога ги почнуваат некои проекти и ќе ги фрлат првите лопати, а не на крајот, откако проектите ќе бидат реализирани и кога ќе  се види каква е нивната оправданост.

        Изработката на проектите не значи дека истите ќе се реализираат.

        Барем кога станува збор за Битола сведоци сме како многу изработени и скапо платени проекти не само што не се реализираа, туку  останаа заборавени дури и од тие што ги смислија и изработија.

        Да не зборуваме  за изработените и  скапо платени, но никогаш  реализирани проекти за  изградбата на подземните и катни гаражи, во центарот на градот,  од кои актуелната власт сега се откажува, проектот “Битола филмски град”, аердоромот кај Логоварди,  голф терените кај Братиндол,  хотелскиот комплекс кај Ниже поле, велосипедските патеки,  затворен базен кај Техничкото училиште или кај ОУ # Даме Груев #,  реконструкцијата на планинарскиот дом,  Копанки, изградбата на  педесетина фабрики во ИЗ “Жабени”, Аква паркот  во Касарната, Панорамското тркало, градинкте  кај АРМ и ОУ # Климент Охридски #….

         Од некои проекти, како  ненаменското префрлање на средствата од комуналиите што ги платија граѓаните и фирмите кои купија парцели во  “Златниот рид” за (до)изгрдабата на ИЗ “Жабени “ во висина  од  6,5 милиони евра, Битола излезе дури  толку многу зијан што и денес не може да  ги плати долговите за кредитот кој го подигна од Светска банка за изградба на  инфраструктурата во Касарната.

        Иако тогаш јавноста беше  (раз)убедувана дека парите од 6,5 милиони евра, кои Општината ќе ги пренамени за изградба на инфраструктурата во “Жабени” неколку кратно ќе се вратат откако ќе бидат продадени парцелите за изградба на фабрики, сепак тие не само што не се вратија во буџетот, туку општината мораше да подигни дури кредит од 2,5 милиони евра од Светска банка, за да ја изгради инфраструктурата во Касарната.

        Добро е што сегашната локална самоуправа си ги цени своите резултати што ги постигна во изминатите десетина месеци од мандатот.

        Но непримерно е кога истите се споредуваат со резултатите на Петровска, која речиси цел мандат го преспа и главно штедеше, што беше единствен заклучок на целокупната битолска јавност и причина од неа да се откаже дури и партијата.

        Сегашната локална самоуправа наместо своите резултати да ги споредува со резултатите на Петровска, треба да размисли истите  да ги споредува со тоа што е ветено, а не е направено  од сите досегашни власти во Битола.

        Во Битола сите изминати години се изнагледавме и изнаслушавме за реализација на разни проекти.

        Во  градот во последно време никнуваат “проектанти” како  печурки по дожд, но  за жал градот многу малку се офајди од таквите проекти.

        Новите битолски “проектанти” единствено што добро знаат е како да трошат државни пари, а не како да изработат  проекти кои ќе му донесат  корист на граѓаните и барем мал профит на градот.

        За жал такви “проектанти”, во Битола нема.

        И затоа локалната самоуправа треба добро да размисли кои проекти и колку ќе ги поддржува во иднина.

        Градот не смее да си дозволи и во иднина да ги финансира со општински пари проектите кои главно  го празнат буџетот на Општината и кои  не носат профит.

        Ова  време на огромна криза,  не е време за фрлање пари и “финансирање” на фикс идеи на разни “самонаречени  проектанти “.

        Нивното време веќе измина, а Битола скапо ја плати цената на таквите “проектирања”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*