Општината Новаци е мошне успешна во пристапувањето и искористувањето на европските фондови – изјави денеска за време на посетата на Новаци евроамбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Општината Новаци работи на прекуграничен проект со Грција, кој што започна во мај 2018 година, а ќе финишира во мај 2020 година.
Со европски пари досега се финансирани проектите „Жива историја, жива природа“, беше саниран поркивот на црквата во Градешница, мостот во Зовиќ и куќата на Калеш Анѓа во Старавина. Додека пак во проектот „Жива историја, жива природа 2“ беше изграден рекреативниот центар на Коњарка.
-На средбата со евроамбасадорот Жбогар разговаравме за проектите што Европската унија ги помогна во Општината Новаци и беа реализирани со финансиска поддршка од европските фондови. Исто така се договоривме за начините како во иднина да ги користиме средствата од европските фондови. Воедно го информиравме евро- амбасадорот Жбогар дека како Општината Новаци сме подготвени со проекти преку кои би ги искористиле средствата од фондовите наменети за руралните општини – изјави градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски.
Шефот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, Самуел Жбогар,
рече дека една од првите препораки што ги добил на почетокот од неговиот
мандат беше да го посети ова подрачје и дека јавноста можела да
зебележи дека ги има зачестено посетите на општините.
– Мене лично ми е од особена важност да разговарам со градоначалниците на општините, со месното население, за на тој начин да го почувствувам пулсот и одблиску да ја запознаам земјата. Во оваа прилика морам да истакнам дека иако по бројноста на населението Општината Новаци е доста мала општина, сепак од друга страна е мошне успешна во пристапувањето и искористувањето на европските фондови – нагласи евроамбасадорот Жбогар.
Тој посочи дека од особена важност за Општината Новаци ќе биде поддршката од европските фондови за проектот за наводнувањето, проект што ќе му биде од голема помош за земјоделците и ќе им го олесни секојдневието.
Шефот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, Самуел Жбогар ги спомена и туристичките потенцијали на општината, но на состанокот било речено дека недостасуваат сместувачки капацитети и дека повеќе треба да биде насочено вниманието во таа насока.