Денеска во Битола и Долно Оризари се одбележаа 22 години од масакрот кај Вејце, кога во конфликтот во 2001 годинa загинаа осуммина припадници на специјалната единица на МВР, а од нив 4 беа битолчани.
По повод одбележувањето на 22 години од загинувањето кај Вејце во чест на битолските бранители, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо ццвеќе положија градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
-Денес се навршуваaт 22 година од загинувањето на нашите херои, кои своите животи ги положија во одбрана на татковината. Со тага и болка се сеќаваме на масакрот кај Вејце, во кој што во заседа беа нападнати и масакрирани осум припадници на Посебната единица на МВР и припадници на армиската единица “Волци“, од кои четворица од Битола и битолско.Денешниот ден е потсетување на најгрозоморниот и најкрвавиот настан од конфликтот во 2001 година, во кој Битола ги загуби Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски.
Наша должност е да го сочуваме нивниот спомен, да го негуваме како што заслужуваат и да дадеме се од себе за да не дозволиме трагедиите да се повторуваат, беше речено на комеморацијата.
Во изјава за медиумите градоначалникот на Битола, Тони Коњановски меѓу другото изјави:
-Тука сме да го зачуваме споменот за овие македонски херои и да оддадеме почит и укажеме она што во историјата останало зад нас да го запомнеме и да не го заборавиме. Иако болката за загинатите бранители е голема, сепак животот продолжува, заедно и здружено во Битола, со споменот нивни да продолжиме да го градиме ова општество во кое заедно треба да живееме- рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Еден од учесниците во конфликтот во 2001 година, од неодамна пензиониран полицаец Сашо Гилевски на одбележувањето на годишнината на загинатите бранители истакна:
-Овие битолчани загинаа за да го заштитат суверенитетот и интегритетот на Македонија. Ние бевме подготвени да загинеме за татковината. За среќа наша останавме живи, меѓутоа нас бранителите не “закопуваат” секој ден.Нашите деца, нашите сопруги, нашите семејства што останавме живи за жал сеуште патат во оваа држава и сеуште се без работа, талкаат по улици. Историјата е огледало за иднината. Тие кои што не ја ценат 2001 година, затоа ова ни се случува ова и во институциите и во државата- рече на одбележувањето Сашо Гилевски.