На Влашките гробишта во Битола, денес му беше оддадена почит на еден од браќата – првите сниматели на Балканот, Милтон Манаки, кој почина на денешен ден пред 56 години.
Свежо цвеќе на гробот на Милтон Манаки положија градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, претставници на Советот на Општина Битола, претставници на Кинотека на Македонија, на Комуната на Власите во Битола, Архивот на РСМ, Фестивалот Камера 300, Центарот за култура и претставници на дипломатскиот кор.
„Нема ништо позначајно од ваквото одбележување, давање почит и сеќавање на браќата Манаки, на оние кои што оставија толку голем белег и траг со своето постоење и работење и кои што ни овозможија како град да се промовираме на интернационално ниво. Во оваа прилика сакам да искажам голема благодарност на нивното дело, меѓутоа и обврска за нас како град да го чествуваме овој ден и обврска да го продолжиме нивното дело со респект и почит“, рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.
„Тука сме да му оддадеме почит на еден од првите сниматели на Балканот, на нивното заедничко дело со неговиот брат. Затоа достојно им оддаваме почит секоја година“, рече Стефче Хаџиантоновски, претседател на Комуната на Власите „Браќа Манаки“.