Договорот што премиерите Заев и Ципрас го потпишаа деновиве за решавање на деценискиот спор околу името на Република Македонија предизвика различни реакции не само кај домашната, туку и меѓународната заедница.
И како што е вообичаено во вакви прилики договорот за решавање на спорот со Грција наиде на различни реакции, од општо одобрување и прифаќање до остра осуда од страна на опозиционите партии во двете држави, како и некои невладини организации и здруженија.
Во оваа прилика без да се ставам во улога на медијатор, или нечиј адвокат, дали договорот е добзр или не, би нагласил дека различните реакции се сосема нормални и очекувани, кога е во прашање решавање на ваков спор, кој цели 25 години беше нерешелива енигма за владите на Грција и Македонија.
Но тоа што посебно загрижува се коментарите кои деновиве (при)стигнаа од нашиот северен сосед, Србија.
Коментирајќи го договорот помеѓу Грција и Македонија, главниот уредник на весникот “Информер” Драган Ј. Вучичевиќ, истакна дека по постигнатиот договор најголемата опасност за Србија не доаѓа од Косово или Албанија, туку од Македонија.
Според Вучичевиќ откако Унгарија под раководството на Виктор Орбан, кој се оглушува на наредбите од Запад, сега веќе не е центар од каде Западот ги руши владите на Западниот Балкан, таков центар сега е Македонија.
Под раководството на Заев кој според Драган Ј. Вучичевиќ, кој се продал кај албанските криминалци, сега Македонија е држава од каде ќе се рушат непослушните државни раководства кои ќе му се спротистават на Западот, посебно на САД.
Според Вучиќевиќ во Македонија сега ќе се креираат сценаријата за смена на раководството на Србија и претседателот Александар Вучиќ.
Иако таквите свои тврдења Вучикевиќ со ништо не ги потврди сепак тој самоуверено како и секогаш во својот монолог на ТВ Пинк искажа и други гнасни лаги и подметнувања не само за Владата на премиерот Заев, туку и за државата Република Македонија.
Познавајќи го стилот на главниот и (не)одговорен уредник на Информер, коментарите на Вучиќевиќ не заслужува некое посебно внимание.
Тој одамна е се само не одговорен уредник.
Но тоа што загрижува е што токму тој Даган Ј Вучиќевик јавно се фали дека е личен пријател на претседателот на Србија, Александар Вучик и ја има неговата целосна поддршка.
Во оваа серија на канонади од критики, кои во последно време пристигнуваат од нашиот северен сосед, посебно загрижува и тоа што некои аналитичари и политичари, блиски до актуелната власт, по склучениот Договор со Грција не избираат ни начин, ни средства да ја потценат и омаловажат Република Македонија.
Така деновиве некои од нив, коментирајќи го новото име на Република Македонија без никаков срам и перде нагласуваа дека Заев најдобро ќе направел доколку во преговорите со Ципрас, прифател име Јужна Србија.
Тоа ќе било најдобро и за Грција и за Македонија, бидејќи наводно според тие аналитичари Македонија не била ништо друго, туку Јужна Србија, или Вардарска бановина.
Дел од тие аналитичари дури отидоа дотаму што за градот Охрид, каде деновиве наводно престојувал лидерот на српската опозиција, Јанковик изјави дека Охрид бил Душанова престолнина.
Но тоа не е ни прв, ни последен пат од нашиот северен сосед да доаѓаат такви измислици и подметнувања.
Тоа веќе е вообичаена работа кога станува збор за политичките (дис)квалификации кои доаѓаат од Белград.
Впрочем откако Македонија се определи за независност и откако во 1991 година на Референдум се определи за своја самостојна независна и суверена држава, Република Македонија не престануваат директните или индиретни мешања од нашиот северен сосед, особено кога е во прашање решавањето на спорот со Грција.
Да потсетиме само дека по средбата Мицотакис и Милошевиќ во Грција, по изгласаната независност на Македонија и посетата на Глигоров кај Милошевиќ во Белград , дојде до негов атентат, кој и ден денешен не е разоткриен.
Кога станува збор за Србија не е никаква новост дека таа и натаму Македонија ја смета за своја Јужна бановина и не ги крие своите претензии кон Република Македонија.
Тоа нашиот северен сосед не го крие од почетокот на нашата самостојност и независност до денес.
Покрај оспорувањето на државата, северниот сосед, сите овие години го оспорува правото на постоење на Македонската православна црква и повеќе години уназад, преку нивниот владика Јован( Јован Вранишковски ) се обидува да ја етаблира СПЦ во Македонија, а Прохор Пчински, каде што се удрени темелите на македонската држава е со години забранета зона, па Република Македонија својот државен празник Илинден мора да го слави наместо во Прохор Пчнски во Пелинце.
Ваквите лаги, шпекулации, подметнувања кои доаѓаат од нашиот северен сосед, кој беше и директно инволвиран во настаните од 27 април во Собранието, на најдобар начин покажуваат дека Македонија по регулирањето на односите со Грција ќе мора да поработи и на решавање на односите со Србија, кои во последно време во многу нешта зависат од дневно политичките настани.
Но некои изнесени ставови и изјави не треба да останат без одговори, особено ако доаѓаат од устите на луѓето кои се најголеми гласноговорнции и поддржувачи на Александар Вучиќ, кои ја обвинија Македонија и премиерот Зоран Заев дека во нашата држава се подготвува сценариото за рушење на режимот на Вучиќ.