Општина Битола ќе биде ефикасна општина, ефикасен сервис на граѓаните!
Целокупната постапка за издавање на одобрение за градење ќе трае не повеќе од 30 дена, односно 45 дена доколку е потребно дополнување и корегирање на проектната документација.
Предметите за легализација ќе бидат решени во рок од 30 дена од денот на комплетирање на документацијата. Сите баратели кои имаат нерешени предмети ќе добијат известување во рок од 60 дена од денот на отпочнувањето на новиот мандат за состојбата на нивниот предмет и потребата од докомплетирање на предметите.
На решавање на сите нерешени предмети ќе пристапиме веднаш на почеток на мандатот. Ќе се формира посебна организациона единица која ќе работи исклучиво на овие предмети.
Постапката за данок на промет на недвижности, наследство и подарок ќе трае најмногу 10 дена од денот на поднесување на барање. Ќе се овозможи електронско плаќање на овие даноци, како и на данокот на имот преку АТМ терминал и преку електронска платформа на интернет.
Уверенија за куќен број, уверенија за во и вон градежен реон и изводи од план ќе се издаваат во рок од 5 работни дена.
На посебен линк на веб страната на Општина Битола и преку мобилна апликација граѓаните ќе можат да пријават комунален проблем, проблем со улично осветлување, како и потреба од санација на ударни дупки. За тоа ќе можат да прикачат фотографија и да ја наведат локацијата. Санацијата ќе следи во рок од 3 работни дена, а и за извршената интервенција ќе бидат прикачени фотографии. Пријавениот проблем и активностите за решавање на истиот ќе бидат видливи, со цел отчетност пред граѓаните.
Ќе обезбедиме консултации за граѓаните пред поднесување на барање за дооформување на градежна парцела и иницијатива за донесување или промена на урбанистички план.
Целта е правилно да бидат насочени и информирани за законските можности, а отпочнатите постапки ќе се разрешуваат во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето. Ќе се воспостави стандардизиран систем за поднесување претставки и предлози за проблемите со кои се соочуваат граѓаните. На тој начин тие ќе информираат и за попречување или одолговлекување при остварувањето на нивните права од страна на административниот службеник задолжен за постапување по конкретен предмет.
На секоја претставка или предлог на граѓанинот ќе биде дадено образложен одговор во рок од 15 дена од денот на поднесувањето, во писмена форма.
Ќе работиме на подобрување на јавната чистота и заштитата на животната средина со користење на постоечките ресурси на јавните претпријатија, паралелно со проектот за обнова и збогатување на постоечката хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
Ќе се следи активноста на секој административен службеник и бројот на решени предмети по организациони единици и по сродност на управната материја.
Ќе се објавува листа на успешност на административните службеници. Најдобрите административни службеници од секоја организациона единица ќе бидат вреднувани, стимулирани и наградувани.
Градоначалникот на општината и општинската администрација ќе бидат проактивен сервис на граѓаните насочен кон препознавање на развојните идеи и иницијативи и нивна поддршка.
Сето тоа ќе се прави со еднакво третирање на секој граѓанин во функција на насочување на целокупните човечки ресурси кон издигнување на Битола во витален регионален центар, затоа што општината ви припаѓа вам, на граѓаните истакна Христо Кондовски на денешната прес конференција.
СДСМ ИНВЕСТИРА ВО СЕГАШНОСТА И ИДНИНАТА! ИЗБЕРЕТЕ ГО НАЈДОБРОТО ЗА ОПШТИНА БИТОЛА! ИЗБЕРЕТЕ ГО БРОЈОТ 12! порача Кондовски.