Европската Комисија веќе шест пати даде препорака да се почнат преговорите со вашата земја, за жал, тоа не беше возможно бидејќи немаше консензус меѓу земјите членки. Во последните неколку месеци се обидуваме да најдеме позитивни нешта, бидејќи веќе го пишуваме извештајот за напредокот. Крајниот рок е 31 август и потоа извештајот е затворен. Во последните недели видовме неколку позитивни нешта.
Ова го нагласи шефот на Делегацијата на ЕУ Аиво Орав, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска се обратија на прва пилот-дебата на тема „Европската унија треба да се прошири за да ги вклучи земјите од Западен Балкан“, во рамки на дебатниот натпреварувачки циклус насловен ЕУ Ѕвезди, во организација на Секретаријатот за европски прашања.
– Ако нема ништо позитивно, не можеме вештачки да создадеме нешто. Во последните недели видовме неколку позитивни нешта. Како прво, претседателот го свика Советот за безбедност на кој сите политички партии беа застапени. Второ, протестите во текот на викендот беа мирни. Имаше доста ризици дека нема да бидат мирни, но беа мирни. Ви честитам. Лидерите почнаа да разговараат едни со други. Ова е безмалку чудо, не се случило во земјава со години. А денес има многу важен состанок во Стразбур меѓу премиерот и лидерот на опозицијата и искрено се надевам дека нешто позитивно ќе произлезе од тоа, нагласи амбасадорот Орав.
Тој посочи дека неколку години наназад се обидуваат да го свртат вниманието и на луѓето тука и во Европа во однос на, како што рече, владеење на правото, селективна правда, борба против корупцијата, медиумски слободи. – Тоа се сериозни проблеми, а тоа се и европски вредности, истакна во обраќањето Орав, додавајќи оти Македонија е кандидат и тие сакаат, подвлече, „да бидеме совршено подготвени за членство кога тој ден ќе дојде“.
Извор: Утрински весник